Спортското купе базирано на Volkswagen Golf VI го доби своето „средновечно“ затегнување на брчките – како со визуелно освежување, така и со нови мотори!
Scirocco е интересен модел за Volkswagen – им нуди на купувачите на Golf малку поспортска и позабавна алтернатива, но само доколку се подготвени да ја платат цената, односно намалената практичност. Од друга страна, добиваат купе кое привлекува со својата спортска линија.
Токму сега е времето за мало освежување на Scirocco – моделот се продава веќе 6 години, и ние очекувавме тој целосно да биде заменет, но сепак доби освежување кое треба да му го продолжи животниот век. Со таа цел, освежувањето не е само визуелно, туку и „под кожата“ во форма на нови мотори.
Обичното Scirocco добива нови предни и задни браници, како и редизајнирани светлосни групи кои сега се поаглести и во согласност со остатокот од гамата на Volkswagen. Многу поинтересен е новиот дизајн на R верзијата која добива поагресивни браници, како и големи фелни. Во внатрешноста разликите не се големи – нови спортски седишта, нов управувач и нов централен дисплеј се главните промени.
Најважен новитет се токму новите мотори кои се преземени од најновата генерација на Golf. Тука е 1.4-литарскиот TSI со 125 коњски сили, но веќе го нема 1.4-литарскиот TSI со 160 коњски сили. Сега се нудат 2-литарски TSI мотори кои нудат 180 односно 220 коњски сили, како и најмоќниот со 280 коњски сили кој се нуди кај Scirocco R. Оние кои претпочитаат дизел ќе можат да изберат меѓу два турбодизели со зафатнина од 2 литри и моќност од 150 односно 184 коњски сили.
Сите модели (освен најмоќниот Scirocco R) имаат старт-стоп систем, а купувачите ќе можат да изберат меѓу мануелен или DSG менувач. Во двата случаи моќта се пренесува кон предните тркала.