ТЕСТ: Audi A3 Limousine 1.6 TDI Attraction – Германски премиум! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi A3 Limousine 1.6 TDI Attraction – Германски премиум!

Третиот член на семејството А3 е токму лимузинската изведба – и за прв пат Audi A3 се нуди во ваков костум. Дознајте како поминавме ние со Audi A3 Limousine!

Понудата на автомобили кои се дел од Audi A3 фамилијата постепено расте – по моделот со три врати, на пазарот се појави и моделот со пет врати кој ја носи ознаката Sportback. Следниот член е токму оној кој го имаме пред нас – A3 Limousine – односно седан изведбата со четири врати. Интересно изведените пропорции му даваат на автомобилот изглед кој истовремено е модерен и воздржан, со чисти и непрекинати линии, големи рамни површини и интересен изглед на спортска затегнатост.

Мотивацијата на Audi да ја понуди А3 во седан изведба е повеќе од јасна – на некои пазари седаните се едноставно повеќе барани (Америка и Кина, гледаме кон вас), па Audi не можеше да му дозволи на Mercedes-Benz самостојно да настапува со моделот CLA.

audi-a3-limousine-side

Седанот ја дели платформата со Sportback изведбата, а тоа значи дека има повеќе простор за патниците отколку кај изведбата со три врати.  Заради издолжената форма и фамилијарниот дизајн на моделите на Audi, во прв момент А3 навистина наликува на својата поголема сестра – моделот А4, а ние ќе ве оставиме самите да одлучите дали тоа е позитивна или негативна особина. Во секој случај, моделот е безгрешно Audi и во ниту еден момент нема да го помешате со ниеден друг бренд.

audi-a3-limousine-side-top

Во внатрешноста приказната е типична за Audi – материјали и завршна обработка од највисок квалитет, ергономија на високо ниво и комфор за почит. Едноставно, тешко е да се најде замерка на амбиент на кој му е посветено навистина толку многу внимание. Да започнеме од звукот кој ќе го слушнете секој пат кога ќе ја затворите вратата, кој веднаш асоцира на нешто солидно и квалитетно. Во ентериерот едноставно нема никакво крцкање или несакан звук, а скоро секоја површина која можете да ја допрете е обложена со квалитетни материјали. Би сакале малку попривлечни седишта, но тие можат да се добијат со (најверојатно не-баш-евтина) доплата.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi го освежи A3 и го претстави и робустниот A3 Allstreet

audi-a3-limousine-interior

Минимализам е зборот на денот кога зборуваме за командната конзола на Audi A3. Дискретно поставените команди, MMI мултимедијалниот уред и дисплејот кој се сокрива во конзолата со едноставно притискање на копче оставаат одличен впечаток. Ергономијата е на навистина високо ниво и сите контроли се лесно достапни. Единствено не ни е јасно инсистирањето на Audi некои од командите да работат „обратно“, но на тоа се навикнувате после само неколку дена користење. Недозволиво е и отсуството на темпомат кај ваков автомобил со оваа цена.

audi-a3-interior-details

На задната клупа има доволно место за двајца, но не толку место колку што би очекувале. Доколку на предните седишта седат возач и совозач кои се повисоки, на задната клупа малку е ограничен просторот за нозете, но сепак има повеќе простор отколку кај директната конкуренција. Благодарение на формата има и сосема доволно голем багажен простор со зафатнина од 425 литри.

audi-a3-side

MQB платформата на Volkswagen групацијата ни е веќе добро позната – ја знаеме добро од Golf, Leon и Octavia. Audi A3 е уште еден модел кој е изграден врз оваа платформа и ги дели истите придобивки – најважна од која е намалената тежина. Благодарение на намалената тежина, автомобилот може да се пофали со подинамично управување (но да не претеруваме, сепак тука се зборува за Audi), пониска потрошувачка и низа други бенефити кои се резултат на оваа платформа. Нашиот тестен модел дојде опремен со стандардната, обична суспензија која се покажа како одличен компромис. Audi A3 е автомобил кој е цврст, но не е некомфорен. Управувањето е брзо и директно, но управувачот е лесен и без многу повратни информации. Менувачот е навистина одличен – со краток и прецизен од кој им недостасува на директните конкуренти.

Нашиот тестен автомобил дојде со 1.6-литарскиот турбодизел кој веќе го познаваме од неколку други модели на Volkswagen групацијата, но за разлика од другите, кај Audi A3 се нуди во комбинација со одличен 6-степен менувач. Благодарение на одлично одмерените степени на пренос, моторот сосема добро ја носи каросеријата. Моторот нуди 105 коњски сили при 4400 вртежи и 250 Nm вртежен момент од 1500 до 2750 вртежи во минута. Со овој мотор A3 Limousine забрзува до 100 километри на час за 10.9 секунди и продолжува да забрзува се до максималните 198 километри на час. Официјалните податоци кажуваат дека A3 Limousine опремена со овој мотор троши 4.6 литри на 100 изминати километри, но да бидеме реални – тоа не се бројки кои лесно ќе ги постигнете во градски услови. Сепак, ние измеривме одлични 6.6 литри во град што е повеќе од задоволително, но сигурно улога игра и старт-стоп системот.

Поврзано:   Audi го направи последниот R8

audi-a3-front-top

На отворен пат Audi A3 се однесува како вистински луксузен крстосувач. Звучната изолација е одлична и во кабината е тивко а патувањето е комфорно и мирно. Всушност, одличната изолација се забележува во скоро секој режим на работа – дури и аудио системот звучи подобро затоа што нема скоро никакви надворешни влијанија!

audi-a3-lights

Благодарение на солидната стандардна и дополнителна опрема, меѓу која се вбројуваат автоматски двозонски клима уред, информативен систем за возачот, Bluetooth поврзување, ксенонски светла, задни паркинг сензори, централно заклучување и уште многу други ситници, A3 остава одличен впечаток на премиум возило. Безбедноста, исто така, е на одлично ниво, а 5-те ѕвездички на EuroNCAP го потврдуваат тоа. Мноштвото воздушни перници, како и ABS, TCS и ESP системите се стандардна опрема!

audi-a3-euroncap

За Audi A3 навистина немаме многу забелешки – малку ограничената прегледност се компензира со сензорите за паркирање, малите „ексцентричности“ во однос на командите се ситници на кои брзо ќе се навикнете а како и секогаш, можете да го конфигурирате вашето Audi токму како што вие сакате, се разбира ако сте подготвени да ја платите цената. Одличниот и рафиниран 1.6-литарски турбодизел можеби не е најмоќниот во понудата, но сосема добро се однесува во секојдневно возење и изненадува со својата агилност и економичност.

Нашата идеална А3-ка би била опремена со дволитарскиот турбодизел кој нуди одлични 150 коњски сили, но би одбрале и поголеми фелни кои недостасуваат на ваков премиум автомобил, како и спортски седишта кои Audi толку добро знае да ги направи. Останатото го оставаме на вас!

  • 1.6-литарски турбодизел
  • Моќност: 105 коњски сили / 4400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 198 км/час
  • Забрзување 0-100: 10,9 секунди
  • Должина: 4456 mm
  • Ширина: 1796 mm
  • Висина: 1416 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2637 mm
  • Багажен простор: 425 литри
  • Потрошувачка: 4.6 (официјална, градска), 6.6 (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Audi A3 Limousine 1.6 TDI Attraction – 23.937 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Audi A3 Limousine 1.6 TDI Attraction – 28.859 Евра
    За повеќе информации: Audi.com.mk
Поврзано:   Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.