full screen background image
Search

ТЕСТ: Seat Leon 2.0 TDI Style – Заслужено на тронот!

Кога нов автомобил ќе ја освои наградата за Автомобил на Годината, очекувањата се разбирливо високи. Новиот Seat Leon прави навистина многу за да го оправда изборот и да докаже дека заслужено седи на тронот.

Имам одлична историја со Seat Leon. Мојот Leon од првата генерација го носеше името Леонтина и беше важен дел од моето секојдневие. Бидејќи кон Leon секогаш гледам со доза на благонаклонетост, но истовремено и големи очекувања, бев нестрплив да седнам зад воланот на новиот Leon и да ја имам шансата поинтимно да ги запознаам сите негови особини.

Првата сензација при контакт со новиот Leon е дека ова е забележлив автомобил. Во свет каде едноличноста станува стандард, моделите кои се издвојуваат од конкуренцијата многу лесно го привлекуваат вниманието. Дизајнот на Leon никогаш не бил еволутивен – сличности помеѓу различните генерации скоро и да не постојат. Првиот Leon, дело на легендарниот Giorgetto Giugiaro беше вистинско освежување и го постави Seat на мапата во овој конкурентен сегмент. Втората генерација ја потпиша Walter de Silva и автомобилот сериозно отстапуваше од конкуренцијата. Новата, трета генерација е потпишана од дизајнерскиот центар на Seat и ја следи моменталната визуелна насока на Шпанскиот бренд. Под кожата се крие новата, импресивна MQB платформа на Volkswagen групацијата која ветува намалена тежина, но истовремено и подобрена управливост и зголемена економичност.

Визуелните детали кои му го даваат идентитетот на новиот Leon се од далеку забележливи. Првиот и највпечатлив детал се предните LED светлосни групи – први во оваа категорија. Досега вакви предни светла биле резервирани за далеку поголеми и поскапи автомобили, но Seat реши да ги понуди и во оваа класа. Ако веќе морам некако да ги опишам, би ги опишал како скапоцени камења. Покрај нив, сите други светла изгледаат преедноставно.

Целиот автомобил изгледа привлечно – линиите се остри и спортски, и дури и во мирување Leon изгледа како да се движи. Страничната карактерна линија се проткајува од предниот до задниот дел и дополнително го истакнува спортскиот дух. Она што малку ме разочара е поставеноста на задните рачки  кои сега се класично поставени во задните врати, наместо скриените рачки кои толку успешно ги прикриваа задните врати кај минатиот Leon.

Поврзано:   ГАЛЕРИЈА: 2019 Авто Плус Street Show

Во внатрешноста, продолжува чувството на модерност и квалитет. Ако на нешто можевме да забележиме кај минатата генерација Leon, тоа беа материјалите кои беа користени во внатрешноста. Иако не беа неквалитетни, сепак тврдите пластики преовладуваа во ентериерот кој никогаш не успеа емоциите од надворешниот дизајн да ги пренесе и во внатрешноста.

Таа грешка е поправена во новата, трета генерација. Сите материјали се одлични и сите површини се квалитетно текстурирани. Како што и очекувам од продукт на Volkswagen групацијата, ергономијата е навистина одлична и сите команди се лесно достапни и лесни за користење, без преголема потреба за учење. Прегледноста е задоволителна благодарение на големите стаклени површини, а за оние кои сакаат да се чувствуваат малку поопуштени при паркирање, тука се паркинг сензорите кои овој процес го прават повеќе од лесен.

Откако ја пронајдов совршената возачка позиција зад воланот, на виделина излегуваат сите оние карактеристики кои го прават Leon интересен за вљубениците во автомобилите. Седењето е малку пониско од вообичаено и тоа влева чувство на безбедност, но и спортски дух. Педалите се совршено распоредени, а менувачот прецизен и пријатен за користење. Останува само да ја запознаам педалата за гас со патосниците и повторно да се запознаам со Leon.

Ете го, тоа чувството на поврзаност со патот. Управувањето е директно и прецизно, а воланот е спремен за разговор во моите раце. Како и секој нов автомобил со електричен серво-уред, Leon не пренесува премногу информации од подлогата, но сепак нуди чувство на поврзаност. Во секој момент ќе знаете точно каде се и што прават предните тркала. Кога на Leon ќе му поставите предизвик и ќе го однесете на некој од вашите омилени патишта за возење, ќе бидете пријатно изненадени од неговиот карактер. Управувањето е неутрално а подуправувањето е лесно за контролирање и надминување. Тука огромна улога игра XDS системот за електронска блокада на предниот диференцијал. Задниот дел верно ја следи патеката наложена од предните тркала, но и кога ќе почне „своеглаво“ да размислува, лесно се враќа во саканата насока. Покрај мултилинк задното потпирање, во ова има улога и спортски поставената суспензија која е малку поцврста, но во ниеден момент не е некомфорна или непријатна.

Поврзано:   Изненадување: Cupra го претстави Formentor концептот!

Една од причините за одличниот карактер на тестниот модел е дизелското срце кое е се крие под поклопецот на моторот. Дизелскиот мотор е со зафатнина од 2 литри и благодарение на турбо-полнач нуди 150 коњски сили на 3500 вртежи во минута, но и моќни 320 Nm вртежен момент од 1750 до 3000 вртежи во минута. Но она што изненадува е карактерот на моторот – лесно се врти до 5000 вртежи во минута и во ниеден момент не престанува да нуди моќност. Благодарение на флексибилноста и вртежниот момент, лесно може да се вози во повисок степен на пренос, но во истиот момент кога ќе посакате перформанси – тие се тука на претек. Забрзувањето до 100 километри на час трае 8.4 секунди, а максималната брзина е 215 километри на час. Просечната потрошувачка во град се движеше некаде околу 7 литри на 100 изминати километри.

Но покрај тоа што нуди спортски дух, Leon лесно се трансформира во комфорен и тивок крстосувач. Со префрлање во повисок степен на пренос, автомобилот се смирува и лесно е да се ужива во сите играчки кои ги нуди, а „мојот“ тестен Leon нудеше многу – покрај одличните LED светла кои веќе ги спомнав – тука е и одличниот мултимедијален уред со можност за читање на податоци од USB драјв, Bluetooth поврзување со мобилен телефон, но и темпоматот, автоматскиот двозонски клима уред, системот за препознавање на замор кај возачот, сензорите за паркирање, но и сензорите за дожд, внатрешниот ретровизор со автоматско затемнување и многу, многу други додатоци. Секако, и безбедноста е на највисоко ниво – шестте воздушни перници и перничето за колена за возачот, заедно со ASR системот за контрола на тракција, ABS и ESC ќе се потрудат да ве заштитат од и во несакани ситуации. На задната клупа има доволно простор ако треба на пократки релации да седнат и тројца патници, а багажникот е со зафатнина од 380 литри.

Поврзано:   Cupra го освежи Leon Cupra R ST - Караванот катапултира „до стотка“ за 4.9 секунди!

По сето ова, можам да кажам дека кога некој ќе ме праша дали Leon ја заслужи наградата за Автомобил на Годината – мојот одговор ќе биде позитивен. Предностите на иновативната MQB платформа на Volkswagen, одличниот дизел, привлечниот дизајн и спортскиот дух се позитивните атрибути кои би требало заслужено да го стават новиот Leon високо на вашата листа на нови автомобили. Сепак, само еден може да седи на тронот!

  • 2.0-литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 215 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.4 секунди
  • Должина: 4263 mm
  • Ширина: 1816 mm
  • Висина: 1459 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2637 mm
  • Багажен простор: 380 литри
  • Потрошувачка: 4.1 (официјална, комбинирана), 6.9 (измерена, градска)
  • Основна цена: Seat Leon 2.0 TDI Style Start/Stop – 22.490 Евра
    + LED светла напред и позади, LED дневни светла, LED осветлување на регистерска табличка
    + 17″ алуминиумски фелни
  • Цена на тестираниот модел: Seat Leon 2.0 TDI Style Start/Stop – 24.340 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.