full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Astra 1.4 Turbo 140 Sport – Улична Ѕвезда!

Луѓето од Риселхајм сакаат да се наметнат со своите модели, а еден од моделите со кој навистина успешно го прават тоа е токму спортската, купе изведба на популарната Astra!

Ок, нема друг начин да го кажам ова – Astra GTC е убав автомобил. Привлечен од скоро било кој агол, Astra GTC изгледа соодветно во секаква околина. Флуидните линии на ова спортско купе му даваат доза на дополнителна елеганција, но и спортска агресивност која и недостига на нејзината сестра со пет врати. Дизајнерите на Opel повеќе од успешно си ја завршиле својата работа – страничниот профил е модерен и привлечен, а широките задни крила на формата и даваат сензуалност која едноставно го привлекува вниманието. Не е доволно само да кажам дека визуелно, Astra GTC е полн погодок за Opel – ова е автомобил кој од првиот момент го плени срцето!

opel-astra-gtc-rear-side

Ја отворам големата врата и се спуштам во комфорното возачко седиште – тестниот автомобил е богато опремен, а спортски-профилираните седишта се обложени со кожа и навистина привлечни. Седењето е ниско и спортско (секако, седиштата се прилагодуваат по височина, но некако повеќе одговара ниско седење во автомобил од ваков карактер) и насекаде околу мене има привлечни детали. Црвеното амбиентално осветлување кое го во страниците на вратите и под основата на менувачот навистина придонесува кон атмосферата и чувството на суптилна агресивност.

opel-astra-gtc-rear-seats

Управувачот и менувачот одлично ми „лежат“ во рацете, но имам неколку забелешки на ергономијата – кога е спуштена, рачката од рачната кочница е допрена до основата на рачката на менувачот, и при секое спуштање на рачната кочница показалецот „страдаше“ од неочекуваниот контакт. Имам ситна забелешка и на мултимедијалниот уред кој не само што има мал милион копчиња, туку и најголемиот „круг“ кој обично е за намалување или засилување на звукот, тука е за менување радио станица – неколку десетици пати ја сменив радио станицата кога едноставно сакав малку погласно да слушам музика.

Поврзано:   Следната Opel Astra пристигнува во 2021

opel-astra-gtc-interior

Но забелешките завршуваат тука – Astra GTC е одлично место за седење. Седиштата се одлични, материјалите се на ниво во класата и спортското чувство е неизбежно. Прегледноста е малку компромитирана, но тоа е резултат на формата па забелешката и не е толку важна. За полесно маневрирање и паркирање тука се предните и задни паркинг сензори кои повеќе од доволно компензираат за ограничената прегледност. Дури и на задните седишта има доволно простор за двајца да седат во релативен комфор – да се разбереме, нема место за играње фудбал, но доволно простор за комфорно патување, па и на подолги релации. Тука ќе помогне и багажниот простор со зафатнина од 380 литри – највеќе меѓу конкуренцијата!

opel-astra-gtc-teatar

Е сега, да позборуваме и за моторот со кој беше опремен тестниот модел. Малиот, 1.4-литарски турбо мотор е олицетворение на философијата за намалување на моторите, но и зголемување на нивната моќност. Моторот испорачува 140 коњски сили при 4900 вртежи и 200 Nm вртежен момент од 1850 до 4900 вртежи во минута. Сто километри на час се постигнуваат за 9.7 секунди, а максималната брзина е нешто над 200 километри на час – перформанси од кои не застанува здивот, но сосема доволно за секојдневно возење како и излети на отворен пат. Измеривме потрошувачка од околу 9 литри на 100 изминати километри во градски услови, што е повеќе од задоволително. Моторот со задоволство патува низ целиот опсег на вртежи и звукот кој го генерира е привлечен но резервиран. За вистинските ентузијасти би го препорачале новиот 1.6-литарски турбо-бензинец кој нуди 200 коњски сили, а за оние кои преферираат дизел, тука е 2-литарски CDTi со 163 коњски сили или BiTurbo CDTi со скоро 200 коњски сили!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новата Opel Corsa дебитира со електричен погон

opel-astra-gtc-teatar-front

Кога Astra GTC ќе ја предизвикате со свиоци, ќе бидете изненадени. Малку пошироката трага на возилото, како и продолженото меѓуоскино растојание (Astra GTC има 10 милиметри подолго меѓуоскино растојание од регуларната верзија) нудат одлична стабилност и управливост, но се забележува фактот дека Astra GTC е малку потешка од своите главни ривали. При напад на посериозни свиоци се чувствува пренесувањето на тежината од една страна на друга, но Astra останува одлучно неутрална без тенденции кон подуправување. Секако, со правилна стимулација задниот дел е спремен да „заигра“, но на предвидлив и прогресивен начин кој влева доверба во автомобилот!

opel-astra-gtc-details

Како што и може да се очекува од еден модерен автомобил, Astra GTC е безбедна и добро опремена. Одличните 5 ѕвездички на EuroNCAP се одличен показател за безбедноста, а автомобилот дојде опремен со ABS, ESP и уште многу други безбедносни системи и додатоци. Богатата опрема само ја комплетира сликата, но ние би избрале IntelliLink мултимедијален систем со кој се добива многу повеќе функционалност.

opel-astra-gtc-euroncap

Како заклучок, можам да кажам дека Astra GTC е достоен наследник на својот популарен и успешен претходник. Понудата на простор е импресивна за возило од овој калибар, а моторот и шасијата се многу добро соединети во една целина. Надворешниот дизајн е модерен и привлечен, а и ентериерот – освен некои забелешки кон ергономијата – е на нивото на задачата. Astra GTC може навистина многу да им понуди на своите купувачи, и доколку ја заобиколите ќе направите вистинска грешка!

  • 1.4-литарски, турбо-бензински агрегат
  • Моќност: 140 коњски сили / 4900 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 200 Nm / 1850 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 201 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.7 секунди
  • Должина: 4466 mm
  • Ширина: 1840 mm
  • Висина: 1482 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2695 mm
  • Багажен простор: 380 литри
  • Потрошувачка: 7.6 (официјална, градска), 9.2 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Opel Astra GTC Sport 1.4T 140 –20.874 Евра
    За повеќе информации: Olympia Motors
Поврзано:   Протекоа првите фотографии од новата Opel Corsa

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.