full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi A7 3.0 TDI S-Line – Интерконтинентална балистичка ракета!

Спортското мега-купе на Audi е несекојдневен автомобил кој измамува погледи каде и да се појави – па кога ни се укажа можноста подобро да го запознаеме, без никаков приговор ја прифативме понудата!

Ќе го започнам овој тест со едно признание – јас сум малку заљубен во Audi A7. Уште кога прв пат се појавија официјалните фотографии знаев дека ова ќе биде привлечен автомобил – но, кога прв пат го видов на Скопските улици, објективноста отиде низ прозорецот.

audi-a7-rear-static

Можеби нема да се сложите со мене, но мислам дека ова е еден од најубавите автомобили на светот, и ако го изземеме Audi R8, дефинитивно најубавиот модел во гамата на Audi. Германскиот бренд започна да нуди модели кои малку премногу наликуваат еден на друг, но големиот А7 успешно се издвојува од своите браќа и сестри. Ниската и широка силуета му дава на автомобилот доза на притаена и дискретна агресивност која кај другите модели на Audi едноставно ја нема, а за конкуренцијата воопшто не треба да дискутираме. Острите карактерни линии, како и нискиот раб на кровот визуелно се одлична подготовка за она што се крие под поклопецот на моторот – но сепак, за тоа малку подоцна.

audi-a7-front-low

Ја отворам возачката врата – која е без рамка за стаклото, еден од моите омилени детали – и се спуштам во возачкото седиште. Веднаш се потврдува мојот став дека Audi ги прави можеби најдобрите ентериери меѓу „цивилните“ производители на премиум возила. Седиштето е комфорно и со одлична странична поддршка.

audi-a7-interior

Лесно се наоѓа совршена возачка позиција и автомобилот изнудува насмевка. Сите копчиња во ентериерот се јасни и нивната намена лесно се препознава, додека останатите контроли веднаш ќе им бидат препознатливи на возачите на автомобили од Volkswagen групацијата. Како и секогаш, Германците посветиле навистина многу внимание на ергономијата и леснотијата на користење. Чувството дека се во спортски автомобил е навистина изразено кај возачот и совозачот, а на задната клупа патниците ќе седат комфорно, но сепак иако автомобилот е голем, на задната клупа нема толку место колку што би очекувале.  Багажниот простор ќе собере 535 литри, но е со малку плитко дно. Сепак, повеќе од доволно за годишниот одмор! Единствената замерка која ја најдов е насочена кон мултимедијалниот уред – големиот LCD екран е веќе малку застарен и резолуцијата би можела да биде малку повисока, а во денешно време веќе сосема е нормално да очекуваме ваков уред кој е осетлив на допир.

Поврзано:   Audi додава уште два мотори во палетата на големиот Q8

audi-a7-volan

Да позборувам малку за она што го придвижува овој автомобил. Под поклопецот се крие 3-литарски V6 турбодизел агрегат кој преку 8-степениот DSG менувач и Quattro погонот ја пренесува силата кон сите четири тркала. Моторот испорачува 245 коњски сили од 4000-4500 вртежи и 580 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута.

Што значи тоа преведено во реални перформанси? Забрзувањето до 100 километри на час трае само 6.5 секунди а максималната брзина е ограничена на 250 километри на час. Не успеавме да ја потврдиме максималната брзина, но забрзувањето е импресивно – при ентузијастичко запознавање на педалата за гас со патосникот под неа, А7 како да се прилепува за подологата и агресивно да отскокнува нанапред – во најмала рака, перформанси кои изнудуваат зависност кај возачот – и да не заборавиме, зборуваме за автомобил кој тежи 1845 килограми!

audi-a7-rear

Она што навистина изнуди насмевка кај мене е стабилноста и управливоста. Очекував дека А7 ќе биде стабилен автомобил, но Quattro погонот на сите четири тркала повторно се покажува како доминантен предводник. Насочете го A7 кон кривулест пат, вперете го управувачот во кривините и бидете убедени дека А7 нема да ве разочара во ниеден момент. Заборавете на подуправување или надуправување – едноставно, кога на А7 ќе му покажете кривина, автомобилот послушно и без никаква драма ја следи дадената насока. Управањето е максимално неутрално и влева доверба кај возачот, а автомобилот иако е навистина голем – при вакво возење како да се „собира“ околу мене. Да, како и кај секое Audi недостасуваат повратни информации  од подлогата, но тоа е веќе ситна замерка, а јас би можел да се навикнам да живеам секојдневно со А7.

Поврзано:   Audi слави 10 години на врескачкиот V10 со R8 Decennium

Оние кои сакаат покомфорно возење можеби ќе изберат 18-инчни фелни, но и со големите 19-инчни фелни кои се дел од S-Line пакетот возењето е комфорно и автомобилот ги впива нерамнините. Конкретниот модел беше ориентиран повеќе кон спортското возење, па затоа и му прилега малку поцврстата суспензија.

audi-a7-front-2

Пријатно изненадување ни приреди моторот и во поглед на економичноста – ако земеме во предвид дека зборуваме за 3-литарски мотор кој се наоѓа во прилично голем и тежок автомобил, потрошувачката од околу 9.3 литри во градски услови е одлична, додека долгорочниот индикатор за потрошувачка ни кажа дека А7 потрошил во просек 8.3 литри дизел гориво на 100 изминати километри. Импресивно!

audi-a7-interior-bits

„Мојот“ А7 дојде богато опремен – и на самиот почеток морам да го издвојам S-Line пакетот на спортска опрема кој нуди големи 19-инчни тркала, спортски седишта и уште неколку ситници кои ја дополнуваат сликата за А7. Покрај тоа, можеби е и непотребно да ги споменеме одличниот двозонски клима уред, мултимедијалниот уред, Bluetooth конекцијата, греачите во седиштата, паркинг сензорите (би преферирал паркинг камера, со оглед на големината на автомобилот), многуте безбедносни системи и воздушни перници, Xenon светлата, сензорите за дожд и светлина, темпоматот, и сите други ситници. Во најмала рака, Audi A7 е место каде секој би уживал да седи, дури и на долги патувања.

audi-a7-rear-wide

Значи, да сумирам – мојата љубовна афера со А7 продолжува. Еден ден, сигурен сум дека автомобилот ќе биде мој. Ова е автомобил со кој можеби малку би било тешко да се живее во градскиот метеж, но со задоволство би го прифатил предизвикот. Од друга страна, А7 е автомобил со кој е навистина лесно да се „прелетуваат“ континенти и да се вози кон подалечни дестинации. Одличната комбинација меѓу економичност и перформансите на моторот го прават патувањето лесно и безгрижно, а комфорот, опременоста и безбедноста само ја потврдуваат одличната слика. Да, 70.000 евра се многу пари, но кај Audi A7 се сосем заслужени. Ова не е автомобил, ова е интерконтинентална балистичка ракета!

  • 3.0-литарски V6 турбо-дизел
  • Моќност: 245 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 580 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 250 км/час
  • Забрзување 0-100: 6.5 секунди
  • Должина: 4969 mm
  • Ширина: 1911 mm
  • Висина: 1420 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2914 mm
  • Багажен простор: 535 литри
  • Потрошувачка: 9.3 литри на 100 км (измерена, градска)
  • Основна цена: Audi A7 3.0 TDI Quattro – 69.044 Евра
Поврзано:   Со AI:ME, Audi најавува свој урбан електричен автомобил на иднината!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.