Mercedes-Benz S-Class Brabus – за оние на кои не им е доволна ознаката AMG! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz S-Class Brabus – за оние на кои не им е доволна ознаката AMG!

Ако AMG дивизијата на Mercedes-Benz прави моќни автомобили, тогаш тјунерите од Brabus прават ракети доволно моќни да однесат товар во вселената. Новата S-Class на Brabus нуди дури 730 коњски сили!

Иако новата S-Class сеуште не можете ни да ја купите, тоа не ги спречило луѓето од Brabus малку да се позанимаваат со големата луксузна лимузина. Ако веќе сте го нарачале вашиот плутократски автомобил и сте морале да се задоволите со „обичниот“ S-Class, тогаш тука е Brabus кој ќе ви понуди три нивоа на „подобрување“. Првото ниво ја носи ознаката B50S и е наменет за S500. Со овој пакет ќе добиете дополнителни 65 коњски сили, за вкупно 520. Вториот пакет се вика B63 и е наменет за веќе лудата AMG верзија – тука добивате вкупно 650 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент (наместо фабричките 585 коњски сили и 700 Nm).

На крајот, за оние чија храброст ја надминува границата меѓу храброст и лудило, тука е B63S – а тука работите веќе стануваат страшни или смешни, во зависност од вашето гледиште. Тука веќе зборуваме за 730 коњски сили и електронски ограничен вртежен момент на 1065 Nm кој е достапен меѓу 1750 и 5000 вртежи. Максималната брзина на Brabus B63S  е електронски ограничена на 325 километри на час – претпоставуваме дека ако овој лимит биде отстранет, максималната брзина би била доволна да успешен лет до месечината.

Секако, за да ја издвоите вашата S-Class Brabus од онаа, обичната S-Class на вашите соседи, Brabus ќе ви понуди соодветни визуелни дополнувања, како што се нови браници и нови тркала. Brabus моноблок тркалата можете да ги нарачате во димензии од 19, 20 или 21 инчи. Како и многу други работи, и Brabus S-Class ќе ја има својата официјална премиера на авто-саемот во Франкфурт.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.