ТЕСТ: Volvo V40 – Премиум на поинаков начин! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo V40 – Премиум на поинаков начин!

Неколкудневното дружење со Volvo V40 ни овозможи да се запознаеме со шведскиот натпреварувач во компакт класата, кој нуди една поинаква интерпретација на терминот премиум!

Генерално, кога ги дискутираме премиум компактите, дискусијата се задржува на понудата од германските производители. Дали тоа е правилно или не, ќе се обидеме да разјасниме преку нашиот тест на Volvo V40. Она што е интересно, е дека V40 е замена за два модели на Шведскиот производител. Со V40, Volvo ги замени компактниот седан  S40 од минатата генерација и неговата караванска изведба V40. Значи, пред нас имаме автомобил кој треба да пополни една прилично поголема празнина во моделската понуда.

Да започнеме од екстериерот – уште на прв поглед новиот V40 го привлекува вниманието благодарение на флуидните и интересни линии. Предниот дел потсетува на поголемиот брат – S60 – додека задниот дел е целосно нов и визуелно интересен. Широкиот отвор за воздух на предниот дел со хромираниот прстен и интересно развлечените линии го прават V40 да изгледа престижно и големо, а чувството на рафинираност постои уште пред да влезете во автомобилот. Едноставно, Volvo V40 зрачи со своето присуство и суптилна издвоеност од останатите.

Во внатрешноста премиумот достигнува сосем друго ниво. Ако екстериерот се издвојува од конкуренцијата, тогаш ентериерот е веќе сосема друга приказна. Големите и комфорни седишта нудат одлична поддршка, материјалите во внатрешоста се на самиот врв во класата, и освен некои многу ситни детали, немавме никакви забелешки на завршната обработка. Командите се прегледно поставени, а централната „лебдечка“ конзола која е уникатна за Volvo навистина привлечно изгледа, иако местото за оставање дребулии зад неа не е баш најпрактично за користење.

Прегледноста нанапред е добра, а кон задниот дел е малку ограничена. Тој проблем се решава со одличните странични ретровизори и паркинг сензорите. Сепак, ова е прилично долг автомобил, подолг од другите во класата и соодветно на тоа, сензорите за паркирање се од пресудно значење. На задната клупа има сосем доволно простор за патниците, како и корисни ситници како место за чаши на средина на клупата.

Поврзано:  Ова е освежениот Volvo XC90

Опременоста е на завидно ниво. Предните ксенонски светла, двозонскиот клима уред, старт-стоп системот, кожниот ентериер и сите други играчки во ентериерот, но и многуте системи за активна и пасивна безбедност го прават Volvo V40 да биде на самиот врв кога станува збор за дополнителната опрема. Секако, мораме да ги напоменеме и големите 17-инчни фелни кои одлично му прилегаат на елегантниот карактер на V40.

Она по што Volvo се издвојува од конкуренцијата е безбедноста, а токму тоа е случајот и со V40. Покрај многуте безбедносни системи кои веќе сме навикнати да ги очекуваме, Volvo V40 е првиот автомобил со воздушна перница за пешаци. При судар со пешак, од под поклопецот на моторот ќе излезе воздушна перница која ќе го апсорбира ударот и ќе ја намали можноста за повреда.

Покрај ова, V40 има и City Safety систем кој благодарение на ласер поставен зад ветробранското стакло ќе примети доколку има препреки (на пример, пешаци) на патот, и во соодветни услови ќе го запре автомобилот.  Системот работи при брзини до 50 километри на час, и ако процени дека возачот нема навремено да реагира. Ние ја имавме можноста да го провериме овој систем и да се увериме дека навистина работи. Секоја чест на инженерите на Volvo!

Нашиот тестен модел дојде опремен со 1.6-литарски турбодизел агрегат со 115 коњски сили кој ја носи ознаката D2. Покрај овие 115 коњски сили, D2 агрегатот нуди и околу 270 Nm вртежен момент, а тоа го прави движењето со овој автомобил прилично лесно и пријатно. Да, забрзувањето од 0 до 100 километри на час за 11.9 секунди и максималната брзина од 190 километри на час не е нешто за кое ќе се зборува надалеку, но поентата на овој автомобил не е да вреска со спортските можности, туку да понуди премиум чувство, максимален комфор и уникатен карактер со кој ќе го претстави својот сопственик.

Поврзано:  ТЕСТ: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra - Најбрзото Volvo во историјата!

Багажниот простор малку заостанува зад конкурентите, но 335 литри со исправени задни седишта е сосема доволно за да го собере сиот багаж на едно семејство кое се подготвува да замине на годишен одмор. Благодарение на платформата позајмена од Ford Focus, управувањето е прецизно и директно, менувачот е лесен за користење и автомобилот е стабилен и на поголеми брзини на отворен пат.

Volvo V40 заслужено го привлекува вниманието на купувачите. Несекојдневниот дизајн ги задржува погледните на случајните минувачи, а автомобилот заслужено е поставен во премиум сегментот. Користените материјали, комфорот и имиџот кои тие го наметнуваат се наменети за оние кои ќе бидат храбри, ќе погледнат малку подалеку од возилата кои се „стандарден“ избор и ќе се одлучат за еден малку поинаков премиум автомобил.

  • 1.6-литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 115 коњски сили / 3600 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 270 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 190 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.9 секунди
  • Должина: 4369 mm
  • Ширина: 1802 mm
  • Висина: 1445 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2647 mm
  • Багажен простор: 335 литри
  • Потрошувачка: 3.6 (официјална), 6.3 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volvo V40 D2 Summum S/S – 33.900 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.