Веќе еднаш го покажавме Chevrolet Malibu, автомобилот кој нашите острооки фотографи го начекаа пред промоцијата, а од неодамна токму тој, но и Astra Sedan се достапни во Македонија!
Големиот Американски седан уште на прв поглед го привлекува вниманието. Задните светла потсетуваат на спортското Camaro, а целиот автомобил остава впечаток на луксуз и комоција. Моделот Malibu веќе долго време се продава на Американскиот пазар, а со најновата генерација General Motors ќе проба да се пробие и на Европскиот. Привлечниот дизајн, пристапните цени но и максималните пет ѕвездички на Euro NCAP се адутите кои Malibu ги носи со себе.
Покрај Malibu, своја премиера имаше и седан-изведбата на популарната Opel Astra. Сега достапна со навистина голем багажен простор од 460 литри, Astra ќе проба да им се приближи на оние на кои им е потребен повеќе простор. Благодарение на меѓуоскиното растојание од 2685 милиметри, и во внатрешноста понудата на простор е одлична. Веќе добро ја познаваме Astra, која е редовна појава на нашите улици, а се надеваме дека истиот тренд ќе продолжи и со елегантниот седан.