Honda се враќа на тркачките патеки! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Honda се враќа на тркачките патеки!

Откако се повлече од Формула 1 во 2008 година, иднината за јапонскиот производител во автомобилските натпревари беше неизвесна. Сега, јапонскиот гигант е подготвен да се врати!

Поради рецесијата, кризата и општото сивило кое го зафати светот, Honda беше еден од многуте производители, кој се повлече од авто-натпреварите. Но, последниов потег на челниците на Honda, ќе го сметаме како знак дека кризата е надмината и дека Јапонците се подготвени повторно да го размрдаат помалку заспаниот свет на автомобилските тркачки натпревари.

Honda го пријави својот нов Civic за натпреварите во WTCC шампионатот. Соработката помеѓу Mugen и J.A.S. Motorsport влева огромна доза на доверба во крајниот продукт, кој ќе биде базиран на европската верзија на новиот Civic со 5 врати, за кој ќе биде развиен комплетно нов погонски агрегат, со зафатнина од 1.6 литри, турбо натполнење и директно вшприцување на горивото. Развојот на моторот се одвива строго следејќи ги начелата пропишани од FIA за категоријата Super 2000.

Се очекува Honda да се приклучи на WTCC циркусот уште во октомври годинава, што ќе рече дека Јапонците не оставаат ништо на случајот и се исклучително сериозни во својот настап и веруваат во подготвеноста на својот натпреварувачки автомобил.

Не ни останува ништо друго, освен да им посакаме многу среќа и успех на повратниците во светот на автомобилските трки!



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!