Исто е, ама не е исто! (чин I-ви) – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Исто е, ама не е исто! (чин I-ви)

Многу пати до сега сме се сретнале со оваа фраза, или пак и самите ја имаме искористено во некоја ситуација. Но, речиси никогаш не била сфатена сериозно… Можеби конечно треба да биде!

Две навидум идентични возила, ист модел, од ист производител, иста боја, исти бандажи, иста зафатнина на моторот, иста снага, иста боја, родното место им се поклопува, т.е. фабриката на Opel во Бохум, па дури и купени се од истиот продажен салон кај нас. Па добро, која е тогаш разликата? Која е поентата на овој текст? Погледнете го насловот… Не само што не е исто, туку знае да биде и многу различно…

Затоа, проследете ја оваа претстава во 3 чина, за да видите и самите, за што всушност станува збор! Во првиот чин, ќе дадеме осврт на надворешноста. Во вториот чин, ќе се осврнеме на внатрешноста и на крај, во третиот, ќе посветиме поголемо внимание на техничките спецификации и карактеристики на двете возила.

Имено, се работи за два примероци од Opel Astra, со бензинци со зафатнина од 1.4 литри и максимална моќност од 90 КС. На прв поглед, многу лесно може човек да се излаже и да помисли дека се работи за истото возило, но, кога ќе погледнеме одблиску, сликата полека почнува да се разбиструва… Едниот модел е во изведба Cosmo, и е произведен 2008-ма година, додека другиот е во изведба Enjoy (или поточно Classic III), и е „роден“ 2010-та година. Првиот модел има претрпено модификации кои треба да ги подобрат динамичките својства и перформансите, како и некои естетски дотерувања, додека вториот модел има само неколку козметички додатоци и е поблиску до оригиналната изведба. Па, да погледнеме одблиску, може?

Кога ќе почнеме внимателно да ги „скенираме“ овие два близнаци, разликите помеѓу нив почнуваат една по една да излегуваат на виделина. Веројатно првата разлика која „паѓа во очи“ е изработката на куќиштето за предните светла, која би ја претставиле како „црно против бело“. Или можеби обратно, бидејќи темното куќиште го забележуваме кај помладиот модел. Кај постариот модел дополнително е инсталиран HID кит, попознат кај народот како „ксенон“.

Продолжуваме понатаму… Кај Cosmo изведбата, забележуваме двојно повеќе лајсни отколку кај Classic III – кај рамките на прозорите и на самите врати. Едните се декоративен елемент, додека другите ги штитат (колку што можат) бојата и лакот, од несовесните возачи кои не знаат како да отворат врата на паркинг (што е многу многу честа појава кај нас). Кај помладата Astra, дополнително се вградени штитници од ветер на прозорите.

Најмалку разлики се наоѓаат кај задниците на двата автомобила, односно речиси и да ги нема. Имено, кај постариот модел, ја нема значката со името на моделот, но затоа пак гордо се истакнуваат дополнително инсталираните паркинг сензори и спортскиот издув ASSO.

 

Тука некаде ќе го завршиме првиот чин од оваа претстава, во кој дадовме осврт на разликите во надворешноста на двата „близнаци“. За поголем приказ на фотографиите, погледнете ја галеријата.

Следува вториот чин од претставата „Исто е, ама не е исто“, во кој ќе се задржиме на разликите во внатрешноста на овие два автомобили.

Фотографија: Кристијан Ивановски



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!