full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави најновата генерација на големиот X5!

По долго најавување и неколку „протечени“ фотографии, баварскиот производител денес официјално ја претстави најновата, четврта генерација на големиот SUV.

Дизајнот на новата генерација е повеќе во насока на еволуција отколку револуција – па затоа веднаш ќе препознаете за што се работи. Сепак, се забележуваат огромната маска на ладилникот и гоооолеми отвори за воздух, додека страничните линии се покласични. Според нас, задниот дел има претрпено најголема еволуција, и тоа во позитивна насока. Ни се допаѓаат големите и широки задни светлосни групи чија форма успешно ја сокрива големината на X5.

Новиот X5 е 36 милиметри подолг, 66 милиметри поширок и 19 милиметри повисок од досегашниот, а зголемено е и меѓуоскиното растојание, и тоа за цели 42 милиметри. Тоа резултира со значително попросторна кабина, која ги добива сите нови технологии на BMW, како и iDrive од најновата генерација. Кога веќе зборуваме за просторноста – X5 ќе може да се добие со два или три реда седишта, а на располагање ќе имате 645, односно 1860 литри капацитет во багажникот.

На самиот старт, новиот X5 ќе се нуди со четири бензински и дизел мотори. Основниот бензинец ќе биде 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри во линија кој ќе испорачува 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Со овој мотор, X5 ќе забрзува до 100 километри на час за 5.5 секунди и ќе постигнува максимални 243 километри на час. Скалило погоре е X5 xDrive50i кој користи 4.4-литарски твин-турбо V8. Овој мотор испорачува 455 коњски сили и 650 Nm вртежен момент – доволни за „стотка“ за 4.7 секунди и максимални 250 километри на час.

Доколку сакате турбодизел, ќе можете да изберете меѓу 3-литарскиот X5 xDrive30d кој испорачува 265 коњски сили и 620 Nm вртежен момент или X5 M50d кој користи 3-литарски 6-цилиндерски мотор со четири (да, четири!) турбополначи за да располага со 400 коњски сили и 760 Nm вртежен момент. Овој мотор овозможува спринт до 100 километри на час за 5.2 секунди и максимални 250 километри на час.

Сите мотори ќе се комбинираат со 8-брзински автоматски менувач и xDrive погон на сите четири тркала. Понатаму во понудата ќе биде додаден и плаг-ин хибрид, како и моќна M-изведба.

Видео

Фотографии

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.