Големиот Chery Tiggo 9 Pro PHEV комбинира турбо-бензинец со три електромотори за вкупно 428 коњски сили и притоа нуди седум седишта и многу, многу простор!
Како што кажавме и во насловот, Tiggo 9 Pro PHEV е знаменосец на SUV понудата на Chery. Големиот плаг-ин хибриден SUV комбинира турбо-бензинец кој испорачува 143 коњски сили и 215 Nm вртежен момент, со дури три електромотори и батерија со капацитет од 34.46 kW. По еден електромотор е поставен на предната и задната оска, додека третиот е вграден во менувачот.
Сето тоа значи вкупна, системска моќност од безмалку неверојатни 428 коњски сили, како и 580 Nm вртежен момент. Доколку возите на струја, батеријата овозможува автономија до околу 170 километри, додека вкупната автономија е до 1400 километри.
И да, Tiggo 9 Pro PHEV е голем SUV. Доаѓа во конфигурација со седум седишта, а нуди и решенија кои обично се резервирани за значително, значително поскапи автомобили. Сакате пример? За да пристапите кон третиот ред седишта, средниот ред се поместува електрично. Нема тука ништо рачно.
Инаку, официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час за 5.4 секунди, како и максимални 180 километри на час. И сето тоа е спакувано во голем, достоинствен SUV. Се надеваме дека наскоро ќе пристигне на тест, а во меѓувреме, погледнете неколку фотографии.
Повеќе информации можете да добиете на официјалната веб-страница на Tiggo 9 Pro PHEV, или пак во салонот на Chery во рамките на Гранд Ауто во Скопје.






















