Lynk & Co го претстави 07 GT – супер-секси караван кој следната година ќе пристигне и во Европа.
Од Lynk & Co кажуваат дека 07 GT е дизајниран за возачи кои бараат баланс меѓу динамични перформанси, комфор кон далечни дестинации, но и секојдневна корисност и сèстраност. Додаваат и дека 07 GT ги спојува искуствата на Lynk & Co од моторспортот со поширока визика за патување и мобилност.
Океј, и што е 07 GT? Моделот кој беше претставен во Кина – и кој треба да пристигне во Европа веќе следната година – е моќен плаг-ин хибриден караван. Изграден е на CMA (Compact Modular Architecture) архитектурата и EM-P платформата. На кинескиот пазар се продава со моќен погон комбинира 1.5-литарски бензинец со два електромотори, кои заедно испорачуваат вкупно 530 коњски сили.
Електромоторите се хранат од голема батерија со вкупен капацитет од 28.3 kWh, која пак овозможува автономија на струја до околу 200 километри, како и вкупна автономија до импресивни 1422 километри. Благодарение на сето тоа, забрзувањето до 100 километри на час трае помалку од 5 секунди.
Секако останува да видиме каква ќе биде конфигурацијата кога 07 GT ќе пристигне во Европа. Интересно е што врвната верзија добива супер-напредни MRC (магнетореолошки) амортизери за максимален комфор, но и супериорно контролирање на движењето на каросеријата. Кабината добива голем 15.4-инчен централно-поставен дисплеј, напреден Head-up дисплеј за надградена реалност, како и Lynk Flyme Auto 2.5 оперативен систем изграден околу моќен хардвер со огромна процесорка моќ.
Инаку, караванот е интересен дел од стратегијата на Lynk & Co – токму со вакви модели, Lynk & Co испорачува неочекувани, но привлечни модели кои другите производители како да ги забораваат. И го поздравуваме тоа. Со оглед на флексибилноста на Lynk & Co како бренд, но и глобалната мрежа на Geely (која да не забориваме, ги вклучува и Volvo, Lotus, итн) очекуваме дека 07 GT ќе биде навистина интересен. И едвај чекаме да го возиме.



















