Врвното раководство на Lynk & Co не само што го претстави 07 GT на европско тло, туку и ги најави плановите на брендот за периодот кој доаѓа.
Свое заедничко излагање имаа Mo Wang, главниот извршен директор на Lynk & Co International, Martin Persson кој е на чело на Lynk & Co Europe, Guowang Kang, претседателот на Lynk & Co Истражувачкиот Институт и Stefan Rosén кој е одговорен за дизајн во Lynk & Co. Тие зборуваа за следното поглавје на Lynk & Co во Европа, каде е вклучена и поблиската соработка меѓу Volvo и Lynk & Co. Понатаму, ја потенцираа моќта на технолошката понуда на брендот, како и врвната безбедност која ја нудат моделите.
Најголемото внимание беше токму кон 07 GT, новиот караван со кој Lynk & Co ќе ја прошири понудата во Европа. Нè радува дека не е SUV, туку дека е секси и современ караван. Истовремено, токму 07 GT е директна најава за идната насока на брендот – како технолошка, така и дизајнерска.
Сега за сега нема точни информации околу погоните кои би се нуделе, но со оглед на тоа дека 07 GT треба да ја постави насоката за идните модели на Lynk & Co во Европа, очекуваме дека ќе бидат повеќе од доволно моќни. Во моментов се шпекулира за две изведби – едната со погон на предните тркала и околу 400 коњски сили, другата со погон на сите четири тркала и околу 520 коњски сили. Обете верзии ќе бидат плаг-ин хибридни.






