Еуроимпекс го збогатува портфолиото со кинескиот бренд Changan! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Еуроимпекс го збогатува портфолиото со кинескиот бренд Changan!

Кинескиот бренд Changan од денес официјално е дел од македонската понуда на компанијата Еуроимпекс!

Со свеченото потпишување на договорот меѓу Еуроимпекс и Crossroad Asia и официјалното претставување на еден од моделите на Changan, од денес македонската компанија има уште еден силен бренд во своето портфолио. Од Еуроимпекс кажуваат дека внимателно разгледувале со кој бренд да започнат соработка и дека убедени се дека во Changan и Crossroad Asia имаат партнер со кој долгорочно ќе соработуваат, а сето тоа е во насока на задоволување на потребите на македонските клиенти.

Еуроимпекс веќе е застапник за брендовите Peugeot и Opel за пет земји во регионот, а од денес во своето македонско портфолио го додава и кинескиот гигант Changan. Иако не е премногу познат на нашите простори, Changan е гигант во вистинска смисла на зборот – минатата година од производствените погони на кинескиот бренд излегле околу 2.5 милиони возила, а истовремено Changan е првиот кинески бренд кој кумулативно произвел повеќе од 30 милиони автомобили.

Инаку, почетоците на компанијата се во далечната 1862-ра година, кога основачот Li Hongzhang започнал компанија која се занимавала со добавување опрема за кинеската армија. Производството на автомобили започнува во 1959-тата година, кога започнало производството на теренецот Changjiang Type 46. Името Changan всушност значи „Долготраен Мир“.

На нашиот пазар ќе бидат достапни пет различни модели – Changan CS35 Plus, Changan CS55 Plus, Changan Uni-T, како и електричните Changan Deepal S05 (кој наскоро ќе биде достапен и како плаг-ин хибрид) и Deepal S07. Денес во Skopje City Mall беше откриен целосно-електричниот Deepal S05.

Моделите со мотори со внатрешно согорување имаат гаранција од 6 години и 160.000 километри, додека електричните модели имаат гаранција од 8 години и 180.000 километри. Компанијата Crossroad Asia веќе има обезбедено логистичка поддршка и резервни делови во регионот.

Им честитаме на соработката и им посакуваме многу среќа и успех во работата! Добредојде, Changan!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.