full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot ја претстави и караванската изведба на новиот 508

Peugeot 508 SW ќе го има своето официјално деби на Саемот на Автомобили во Париз, а продажбата ќе започне на почетокот на следната година.

Пристапот на дизајнерите на Peugeot бил директен и едноставен – го земале веќе привлечниот нов 508 и му додале модерна интерпретација на караванската форма. Зошто модерна? Затоа што новиот 508 SW е цели 5 сантиметри пократок и 6 сантиметри понизок од минатата генерација – а тоа му дава динамичен став за кој се радуваме дека се враќа кај автомобилите. Плус, исто како и седанот – и караванот има „frameless“ врати без рамка – а тоа е едноставно кул.

Секако, бидејќи се работи за караван, купувачите ќе ги интересира багажниот простор. Со исправени задни седишта багажникот нуди капацитет од 530 литри достапни преку голем и широк отвор. Спуштете ги задните седишта и на располагање имате пештерски 1780 литри во багажникот!

Исто како и седанот, и караванот ја добива најновата генерација на i-Cockpit системот – а тоа значи дека добивате помал управувач, 12.3-инчен дигитален дисплеј наместо традиционалните инструменти и уште еден, 10-инчен дисплеј на централната конзола (кој нуди навигација, Android Auto и Apple CarPlay поврзување). Под него се физичките копчиња кои влечат инспирација од пијано, а 508 SW ги добива и сите нови системи за активна и пасивна безбедност кои ги нуди Peugeot.

Караванот ги добива истите мотори кои ги добива и „обичниот“ 508. Доколку сакате бензинец ќе можете да одберете една од двете изведби на 1.6-литарскиот турбо-бензински мотор со 180 или 225 коњски сили. Доколку сакате турбодизел ќе можете да одберете меѓу три мотори со зафатнина од 1.5 до 2 литри, кои нудат 130, 160 и 180 коњски сили. Само 130-коњскиот турбодизел може да се нарача со мануелен менувач – сите други мотори ќе се комбинираат со 8-брзинскиот автоматски менувач на Peugeot. Веќе е најавена и потврдена и плаг-ин хибридна верзија која треба да пристигне на пазарот во втората половина од следната година.

Поврзано:   Ексклузивно: Новиот Peugeot 508 претставен во Скопје!

Видео

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.