ТЕСТ: Audi A8 50 TDI – Луксузен фестивал на високата технологија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi A8 50 TDI – Луксузен фестивал на високата технологија!

Имавме одлична можност да поминеме малку време со новиот, високо-технолошки знаменосец на Audi и можевме самите да се увериме во хај-тек пристапот кон луксузот на големиот А8!


Пристапот на Audi кон луксузот секогаш бил малку различен од оној на директните конкуренти – инженерите и дизајнерите на Audi секогаш сакале нивните автомобили да бидат малку порезервирани, дури и подискретни, но да импресионираат со технологиите кои ги нудат.

Токму таква е приказната и со новиот знаменосец од Инголштад. Новиот А8 ја продолжува традицијата од своите претходници – односно, она што го добиваме е голем, луксузен седан кој не настапува премногу агресивно, а притоа ги нуди сите најнови технологии со кои располага Audi.

Дизајнот е комбинација од внимателна еволуција и дискретна револуција.

Дизајнерски, новиот А8 е интересна комбинација од внимателна еволуција на силуетата и формата, но и забележителна револуција во деталите. Збунети? Да појасниме. А8 верно ги следи правилата за тоа каква форма треба да има еден седан – тука е класичната three-box силуета со долг преден дел, доооолг средишен дел и краток заден дел. Секако, новиот А8 е и импресивно широк, па севкупната линија оддава впечаток на низок и широк седан.

Од друга страна, ќе забележите вистинска револуција во некои од деталите. На пример – задните светла сега се споени со една заедничка линија која станува карактеристична за моделите на Audi. „Потписот“ на овој детал е уникатен и привлечен, и го издвојува А8 од конкурентите. Интересни се и хромираните детали на предниот дел кои визуелно го растегнуваат А8 и уште повеќе ја истакнуваат широчината на големиот седан – а особено ни се допаднаа предните светла со LED технологија чија комплексност само ја истакнува хај-тек природата на новиот автомобил.

Вистинското место за уживање е во кабината.

Но вистинското место за уживање во ваквите автомобили е внатре во кабината. Ја отвораме возачката врата и нè пречекува вистински хај-тек фестивал. Се спуштаме во возачкото седиште и едноставно мораме да одвоиме неколку моменти да ги впиеме сите детали. Многу детали го привлекуваат вниманието – од дигиталниот дисплеј поставен пред возачот, до двата дисплеи кои се користат за контролирање на сите функционалности во автомобилот и мултмедијалниот уред, па сè до супер-комфорните седишта и многуте разно-разни ситници. Едноставно – не може да се избегне од чувството дека на сите детали е посветено многу внимание и дека хај-тек мантрата била водечка – дури и контролите за отворите за вентилација не се класични, туку дигитални!

Големиот управувач одлично „лежи“ во рака, а лесно се наоѓа и комфорна возачка позиција. Седиштата се приказна за себе – се нагодуваат во мал милион насоки, а доаѓаат со функција за греење и масажа. Со оглед на димензиите, прегледноста е задоволителна, но тука се и паркинг сензорите и камерите кои го олеснуваат маневрирањето. Ергономијата е одлична – сите команди се лесно-разбирливи и близу на дофат.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Über-караван со 630 коњски сили - претставен Audi RS 6 Avant GT!

Сепак, ќе признаеме дека користењето на двата дисплеи на централната конзола – еден за мултимедијалниот уред, навигацијата и другите функционалности, втор за клима уредот – има соодветна крива на учење, но се навикнавме на нив прилично брзо. Одличен детал е хаптичкиот фидбек кој го имаат овие дисплеи – кога ќе управувате со некаква функционалност самиот дисплеј малку вибрира, за да ви потврди дека сте ја извршиле саканата функција.

Но секако, ваквите автомобили се уште поинтересни од задното седиште. Тука комфорот има сосем поинаква димензија – задните седишта се скоро бесконечно комфорни и во нив лесно се минуваат интерконтинентални релации. Секако, на патникот му се достапни многу од функционалностите преку безжичен таблет вграден во централниот наслон – преку него може да се контролира клима уредот, аудио уредот, па дури и сончевиот кров. Има повеќе од доволно простор за нозете и за главата – а ако сакате, тука е и A8L со продолжено меѓуоскино растојание, уште повеќе простор и уште повеќе играчки!

3-литарски TDI, автоматски менувач и Quattro погон на сите четири тркала.

Нашиот тестен автомобил го носеше 3-литарскиот TDI кој добро го познаваме. Во оваа конфигурација, тој испорачува 286 коњски сили и 600 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач и неизбежниот Quattro погон на сите четири тркала. Дополнително, новиот А8 користи 48-волтен електричен систем кој во суштина го прави хибриден, а тоа овозможува подобри перформанси и пониска потрошувачка.

Официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час кое трае само 5.9 секунди и максимална брзина од 250 километри на час. Но во суштина – тоа и не е толку важно. Важна е рафинираноста со која големиот седан се движи по нашите патишта – а во тоа, верувајте, скоро и да нема конкуренција.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi ги претстави новите Q6 и SQ6 e-tron

Идеално-кофморна воздушна суспензија и изненадувачка агилност

Воздушната суспензија идеално ги впива нерегуларностите од нашите улици, а вие во кабината се чувствувате изолирано и заштитено. Ставете го менувачот во D и едноставно уживајте во големиот седан. Притиснете ја педалата за гас и ќе почувствувате како се набивате во возачкото седиште, но тоа во ниту еден момент нема да биде ниту агресивно ниту вулгарно – напротив, сè што се случува е фино, рафинирано и… Луксузно. Ова е автомобил со кој лесно се минуваат илјадиници километри, без разлика на кое седиште седите.

Од друга страна, ако сакате малку подинамично возење, ставете го менувачот во S, префрлете во Dynamic режим на возење и ќе бидете изненадени од трансформацијата. Во ред, таа не е екстремна, но агилноста со која големиот (и два тони тежок) седан совладува свиоци на моменти делува не-баш-реална. Тука секако свој удел има и Quattro погонот на сите четири тркала кој е подготвен да префрли моќност токму кон оската и тркалата кои се најподготвени. Кога ќе ви здодее ова – вратете се во Comfort режим и продолжете да уживате во тишината.

Борбата за тронот тукушто стана поинтересна!

Борбата за тронот меѓу германските производители тукушто стана многу поинтересна – новиот натпреварувач од Инголштад доаѓа со уверливи алатки – авантгарден дизајн, моќен и економичен мотор и многу, многу, многу опрема и играчки. Новиот А8 е меѓу најподготвените во сегментот – доаѓа со сите нови технологии кои ги нудат германските инженери – од воздушна суспензија, преку интелигентни LED светла, па сè до системи за автономно возење кои се меѓу најнапредните на пазарот. Сето ова го прави големиот А8 привлечен избор за оние кои бараат ваков автомобил.

Поврзано:   Carlos Sainz освои историска победа за Audi на Dakar 2024!

На самиот крај, можеме да заклучиме дека ова е автомобил во кој може да се ужива како од возачкото, така и од задното седиште – а токму тоа е вистинската одлика на луксузен седан. Ајде да го кажеме ова наједноставно што може – ова е одличен автомобил, и заслужено се вбројува меѓу најдобрите во сегментот на луксузни седани!

Спецификации

  • Мотор: 3-литарски турбодизел, 6 цилиндри
  • Моќност: 286 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 600 Nm / 1750 – 3250 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 250 км/час
  • Забрзување 0-100: 5.9 секунди
  • Должина: 5172 mm
  • Ширина: 2130 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1473 mm
  • Тежина: 1975 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2998 mm
  • Багажен простор: 505 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 9.8 литри (измерена, градска)
  • Цена на стандардниот модел: Audi A8 50 TDI Quattro Tiptronic – 104.313 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Audi A8 50 TDI Quattro Tiptronic – 135.247 Евра
    Повеќе информации: Audi.com.mk

Димензии

 

Видео

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.