full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C3 Aircross 1.6 BlueHDI 100 FEEL – Бидејќи, зошто да не?

Популарноста на компактните кросовери и SUV модели непрестајно расте, а ние поминавме неколку дена со новиот, фанки Citroën C3 Aircross кој треба да ги привлече токму купувачите на вакви автомобили!

Citroën ја препозна предноста која ја имаа неговите француски ривали – и со мало закаснување понуди свој компактен SUV со кој ќе се обиде да ги привлече купувачите. Но сепак, Citroën не би бил Citroën доколку не го направи тоа на свој уникатен и препознатлив начин – затоа, да дискутираме малку за C3 Aircross.

На прв поглед, C3 Aircross изгледа како концепт

Кога за прв пат ќе го погледнете C3 Aircross, ќе помислите дека се работи за некакво концептно возило кое не би требало да биде на обичните улици. Дизајнот е авантгарден и футуристички – C3 Aircross ги презема сите дизајнерски детали од „обичниот“ C3 (кој патем, во нашите очи веќе изгледа како компактен кросовер) и ги „навива до 11“ за да понуди уште понесекојдневно визуелно искуство.

На предниот дел најзабележителни се светлосните групи – високо се поставени LED дневните светла, а под нив се „обичните светла“. Меѓу нив е големиот централен отвор за воздух, а на самото дно се поставени декоративните панели во сребрена боја. Страничните линии се покласични – но големите пластични панели му даваат на C3 Aircross поробустен лик, а задниот дел го дефинираат големите задни светла со интересна графика.

Сè на сè, C3 Aircross изгледа како некој да го земал глинениот модел за C3 и да го „надул“ со цевче за сок – но тоа не е критика – напротив, C3 Aircross изгледа несекојдневно и интересно, а дефинитивно му прилегаат похрабрите бои, како онаа во која беше нашиот тестен модел.

Комфорна и практична кабина, и оние, убавите Citroën седишта!

Одиме понатаму – ја отвораме вратата и нè пречекува кабината на C3 Aircross. Визуелно е слична на онаа во C3, но доволно различна за да има свој засебен карактер. Повторно ја имаме онаа истата приказна за овални правоаголници кои доминираат како дизајнерски детал – но нам таа насока ни се допадна и кај C3. Ги добиваме истите супер-комфорни седишта (верувајте – во нив се чувствувате како да седите во комфорна фотелја) кои сега се поставени малку повисоко за да понудат подобра прегледност.

Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција и сите команди се релативно јасни и лесно-достапни, но ќе забележиме на некои од пластиките кои се користени во кабината – би можеле да бидат подобри. Имаме забелешка и на мултимедијалниот уред – преку него се контролираат скоро сите функционалности во автомобилот – меѓу кои и клима уредот – но самиот мултимедијален уред е прилично спор. Инаку – ги нуди сите функционалности кои би ги побарале – меѓу кои и можност за MP3 репородукција и Bluetooth поврзување со мобилен телефон. Ни се допадна и практичната мала гумирана „длапка“ за чување метални парички поставена под мултимедијалниот уред – екстремно практичен момент, особено ако често плаќате паркинг.

Практичноста на C3 Aircross продолжува и на задната клупа – малиот французин е меѓу најпросторните автомобили во својата класа – па на задните седишта има место за двајца патници кои ќе се сместат комфорно. Багажникот нуди меѓу 410 и 520 литри во зависност од поставеноста на задните седишта, а доколку целосно ги спуштите ќе добиете одлични 1289 литри багажен простор.

C3 Aircross e бесконечно комфорен – како што еден Citroën треба да биде

Зад управувачот, C3 Aircross е токму она што го очекувате од еден Citroën – скоро бесконечно комфорен, без никакви спортски претензии. А ако се прашуваме ние – таков и треба да биде еден ваков автомобил. Прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини, а релативно едноставната форма го прави C3 Aircross лесен за маневрирање низ град. Серво-управувачот е супер-лесен, но ќе забележиме на одот на менувачот кој е нијанса предолг и непрецизен – ние во овој случај би го препорачале автоматскиот менувач.

Само пофални зборови за економичниот BlueHDI

Од друга страна, имаме само пофални зборови за одличниот 1.6-литарски BlueHDI – малиот турбодизел ни е веќе добро познат и тука повторно се истакнуваат неговите силни страни – економичноста и рафинираноста. Тој испорачува 100 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 254 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Низ град потрошувачката се движи некаде околу 6 литри на 100 километри, а ниту перформансите не се за занемарување – 100 километри на час пристигнуваат за 11.5 секунди а максималната брзина е 175 километри на час.

Секако, доколку се одлучите за C3 Aircross, ќе можете самите да го персонализирате – од Citroën ветуваат преку 85 комбинации на бои и неколку различни опции за материјали во ентериерот – па вашиот C3 Aircross може да биде навистина ваш. Секако, ќе можете да одберете меѓу неколкуте PureTech бензинци или BlueHDI турбодизели.

Карактеристичната ексцентричност на Citroën е еден од најсилните адути на C3 Aircross

Мораме да се согласиме дека Citroën секогаш имал засебно место меѓу автомобилските брендови – карактеристичната несекојдневност на брендот има многу лојални обожуватели и купувачи, а со моделите како C3 Aircross и нивната популарност, таа група само ќе се зголемува. Француската ексцентричност и храбриот дизајн се силни аргументи за оние кои сакаат да бидат различни – а купувачите на ваквите автомобили обично ја сакаат оваа карактерна особина – богатата опрема и економичниот турбодизел се само дополнителни бонуси!

  • Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 100 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 254 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Рачен, 5 брзини
  • Максимална брзина: 175 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.5 секунди
  • Должина: 4155 mm
  • Ширина: 1976 mm
  • Висина: 1637 mm
  • Тежина: 1203 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2604 mm
  • Багажен простор: 410 – 520 – 1289 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 6.1 литар (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Citroen C3 Aircross Puretech 82 LIVE – 13.990 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Citroen C3 Aircross 1.6 BlueHDI 100 FEEL – 17.790 Евра
    Повеќе информации: Citroen.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.