ТЕСТ: Mazda 6 Sport Combi 2.2 Skyactiv-D Challenge – Привлечен и практичен крстосувач! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 6 Sport Combi 2.2 Skyactiv-D Challenge – Привлечен и практичен крстосувач!

Малку невообичаено, прво ја возевме караванската изведба на новата и популарна Mazda 6, но практичната семејна лимузина за некои е многу попривлечна токму како караван!

Нападот кој Mazda континуирано го изведува врз Европските конкуренти како ни за миг да не застанува – во моментов немаат автомобил кој не е привлечен и на самиот врв во класата! Новата Mazda 6 веќе неколку месеци измамува погледи по нашите улици и привлекува со своите елегантни но спортски линии, но за ниеден момент не станува здодевна ниту пак секојдневна.

mazda-6-sport-combi-side

Дизајнерскиот јазик на Mazda – KODO – е јасно препознатлив и кај Mazda 6! Долгите, флуидни линии и форми оформуваат модерна и успешно избалансирана целина – ако ние се прашуваме, токму кај Mazda 6 најуспешно е интерпретирана дизајнерската насока на Mazda. Линиите се совршено избалансирани и нема ниту еден детал кој „боде очи“. Почнувајќи од долгиот и широк преден дел, на кој гордо стои знакот на Mazda и острите очи кои го бранат од двете страни, па до флуидните и чисти странични линии кои на автомобилот му даваат доза на спортска агресивност, но и одлични пропорции, па сè до задниот дел кој ја комплетира целината и ги дополнува одличните пропорции на автомобилот. Заклучокот е јасен – ова е убав, привлечен автомобил кој од скоро било кој агол изгледа убаво, модерно и свежо!

mazda-6-sc-top-front

Истото чувство за квалитет и пропорционалност продолжува и во ентериерот – материјалите се квалитетни а завршната изработка на ниво кое би го очекувале од премиум производителите. Некои ќе забележат дека кабинатa можеби изгледа малку здодевно, но ние ќе кажеме дека изгледа достоинствено и токму онака како што би очекувале од еден автомобил со премиум аспирации. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, сите инструменти и контроли се јасно разбирливи и скоро и да немаме забелешки за возачката околина – единствено ќе забележиме на малите отвори во вратите за оставање дребулии.

mazda-6-sport-combi-interior1

Доволно простор има како на предната, така и на задната клупа – всушност, караванот нуди малку повеќе простор за патниците на задната клупа благодарение на продолжената, караванска линија. За патниците на задната клупа покрај доволно простор за главите, има и повеќе од доволно простор за нозете и рамењата – а истовремено автомобило е доволно широк за да можат и тројца патници комфорно да се сместат позади. Приказната за практичноста продолжува и во багажниот простор (како што и би очекувале од караван) – караванот нуди 522 литри багажен простор, кој нараснува до 1648 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Она што е навистина одлично е нискиот и широк отвор на багажникот кој го прави внесувањето било каков товар лесно и едноставно.

Поврзано:   Mazda го продолжува развојот на ротациони мотори

mazda-6-sport-combi-boot

Нашиот тестен модел дојде опремен со 2.2-литарскиот Skyactiv-D турбодизел на Mazda кој веќе го познаваме од Mazda CX-5. Модерниот и рафиниран дизел мотор нуди 150 коњски сили при 4500 вртежи и импресивни 380 Nm вртежен момент од 2000 вртежи во минута. Доколку тоа го побарате од него, овој мотор ќе ја забрза Mazda 6 до 100 километри на час за 9.1 секунда и ќе продолжи да забрзува до максималните 210 километри на час. За време на нашето неколкудневно дружење со Mazda 6 кога имавме можност да ја пробаме Mazda 6 во неколку различни режими на работа, измеривме просечна потрошувачка од нешто помалку од 7 литри на 100 изминати километри. Со внимателно возење во градски услови успеавме да ја симнеме потрошувачката на само 6.5 литри на 100 километри. Вреди да се напомене дека Skyactiv-D моторите на Mazda се во целосна согласност со EURO 6 нормите за еколошка прифатливост. Моторот подготвено и ентузијастички реагира на притискањето на педалата за гас, а и покрај тоа што се работи за дизелски автомобил, звукот е моќен, дури привлечен!

mazda-6-sport-combi-side-rear

Во град, Mazda 6 е на прв контакт малку застрашувачка – сепак се работи за прилично голем автомобил, долг 4.8 метри. Но по само неколку минути поминати во него, лесно се „чувствуваат“ неговите димензии и лесно се поставува автомобилот на патот. Да бидеме јасни – ова не е автомобил кој ќе можете да го паркирате било каде, но лесно се маневрира. Би сакале да имаше и паркинг камера, или во најмала рака паркинг сензори, но тие се дополнителна опрема – а ние ви препорачуваме да ги побарате и нив кога ќе ја специфицирате својата Mazda 6. Кога станува збор за управувањето, Mazda 6 Sport Combi е изненадувачки неутрална – вперете ја кон свиоци и таа со задоволство ќе ги покори без никаква драма. Да, доколку претерате со побарувањата тогаш се наклонува кон подуправување кое лесно се корегира и автомобилот повторно е насочен кон посакуваниот правец. Единствената забелешка што ја имаме е во насока на бучавоста од ретровизорите која се забележува на повисоки брзини.

Поврзано:   Mazda го продолжува развојот на ротациони мотори

mazda-6-sport-combi-rear2

mazda-6-sc-euroncap

Време да сумираме – Mazda 6 Sport Combi е голем, практичен и привлечен автомобил. Приказната започнува со привлечниот дизајн, а продолжува со квалитетната изработка, одличниот и економичен дизелски мотор, а завршува со практичните решенија кои го издвојуваат од конкуренцијата. Опремата си го прави своето, па ние би избрале модел со високо ниво на опрема, а безбедноста како што и очекувавме е на највисоко ниво. Да, автомобилот има некои ситни недостатоци кои лесно и брзо се надминуваат и останува суштината – дека Mazda има полн погодок во своите раце!

  • 2.2 – литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 210 км/час
  • Забрзување 0-100: 9,18 секунди
  • Должина: 4800 mm
  • Ширина: 1840 mm
  • Висина: 1480 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2750 mm
  • Багажен простор: 522 литри (1648 со спуштени задни седишта)
  • Потрошувачка: 5.5 (официјална, градска), 7.1 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda6 Sport Combi 2.2 CD150 Challenge 6M/T – 26.980 Евра
    Повеќе информации: Mazda-mk.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.