ТУРБО ТЕСТ: Audi Q7 V12 TDI – Монструм! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Audi Q7 V12 TDI – Монструм!

Ретки се можностите да се седне зад воланот на нешто со повеќе од 6 цилиндри. Кога бројката на цилиндри изнесува 12, а со нив соработуваат два турбо-полначи, ние сме навистина заинтересирани!

Ова не е тест каков што досега сме објавиле на CARclub – ова е тест на навистина ретко и моќно возило. Audi Q7 е автомобил кој е честа и позната појава на нашите улици – големиот SUV на германскиот производител кој ги дели гените со Porsche Cayenne и Volkswagen Touareg е нешто што веќе сме навикнати да го гледаме – но меѓу сите тие големи, големи автомобили има еден кој е уникатен и нуди нешто повеќе – дами и господа, Audi Q7 V12 TDI!

audi-q7-v12-tdi-engine

Да, токму така – овој Q7 под хаубата крие огромен, масивен, монструозен 6-литарски V12 турбодизел агрегат кој испорачува 500 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент! Илјада Њутн-Метри! Толку моќ нема Американскиот претседател кога одлучува за иднината на нашата планета. Ова не е автомобил за извлекување корења – ова е автомобил за преместување планини! Ова е автомобил на кој мора да му се пристапи со должно почитување и стравопочит.

Сум имал можност да седнам зад воланот на многу автомобили, но ова беше еден од оние, ретките, кон  кои пристапувам со должен страв и мало сомневање во сопствените способности. Ова би требало да е нешто што не се вози лесно, нешто што бара максимална концентрација. Седнувам на возачкото седиште, наоѓам одлична и комфорна позиција (сепак ова е Q7), го ставам автоматскиот менувач во D и нежно ја притискам педалата за гас..

audi-q7-v12-tdi-side

И нема никаква драма. Големиот мамут сосем смирено се придвижува по скопските улици. Возењето е лесно, прегледноста е одлична и се чувствувам како да го возам мојот Golf, но во (драстично) поголемо и полуксузно пакување. Нема никаков стрес – дури можам да кажам дека е.. Опуштено!

Поврзано:   Audi го направи последниот R8

Но сепак, не сум тука за да се воодушевувам на леснотијата да се вози Q7. Тука сум да ги искусам тие 6000 кубни сантиметри, тие 500 коњски сили и божествени 1000 Nm вртежен момент. Ја притискам посилно педалата за гас, автомобилот како силно да зема воздух и едноставно катапултира нанапред! Сензацијата која се пренсува во внатрешноста е како на слон да сте му закачиле Saturn-V ракета и да сте го пуштиле неконтролирано да забрзува по автопат – овој огромен, 2.7 тони тежок автомобил забрзува до 100 километри на час за 5.5 секунди! Возиме на автопат со брзина која доколку не запрат, момците во сино би ја раскажувале на своите колеги уште многу долго време и сите други автомобили изгледаат како да се стационарни! Бегајте од мојот пат, прости луѓе, ЈАС поминувам!

audi-q7-v12-tdi-rear

Сепак, она што навистина изненадува е леснотијата со која овој мамут се движи – дури и на значително високи брзини во внатрешноста е тивко и смирено – овој автомобил како да кажува дека ова би можел да го прави неограничено и засекогаш. Едноставно ги јаде километрите и ги поминува како да не се таму. Ова е автомобил кој лесно би поминал континенти – едноставно кажано – импресивен. А сопирачките? Ох, сопирачките! Големите тркала кријат карбонски дискови големи како лонг-плејки кои повторно и повторно го застануваат автомобилот без никакво намалување на нивните способности за намалување на брзината. Сигурно чинат многу кога ќе дојде ред да се променат, но дали вредат? Секако!

Можеби и не е толку важно во контекстот на тоа што го зборуваме – но мораме да напоменеме дека покрај тоа што нуди монструозни перформанси, големиот Q7 V12 TDI е зачудувачки економичен. Со оглед на тоа дека има огромен мотор со импресивни бројки и перформанси од кои застанува здивот (и тежи колку една куќа), тој троши 11 литри дизел на отворено, односно околу 14-15 литри во град – ова е тврдењето на сопственикот!

audi-q7-v12-tdi-wheel

На крајот, останувам со импресијата дека ова е несекојдневен и зачудувачки автомобил – зачудувачки заради тоа што нуди брутални (да, зборот е брутални, навистина најдобро може да послужи за опишување) перформанси кои ги комбинира со импресивна леснотија на возење и комично (за условите) ниска потрошувачка. Веќе им станав здодевен на пријателите со моите најглавни заклучоци за големиот Q7 V12 TDI:

  1. Импресивно е што еден волкав, 2.7 тони тежок автомобил може да забрза до 100 километри на час за 5.5 секунди.
  2. Смешно е што има Launch Control механизам за брзо стартување.
  3. Страшно е што сега знам како е да си ја возам дневната соба со брзина слична на онаа на која Boeing 747 полетува!
Поврзано:   Големиот Audi Q7 доби уште едно освежување

Му благодариме на сопсвеникот на овој несекојдневен монструм што ни дозволи (и имаше доволно доверба во нас) да седнеме зад воланот на неговиот автомобил. :)

  • 6.0-литарски V12 турбо-дизелски агрегат
  • Моќност: 500 коњски сили
  • Вртежен момент: 1000 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 260 км/час
  • Забрзување 0-100: 5.5 секунди
  • Должина: 5063 mm
  • Ширина: 2000 mm
  • Висина: 1737 mm
  • Меѓуоскино растојание: 3002 mm
  • Багажен простор: 775 литри
  • Потрошувачка: 15 литри на 100 км (измерена, градска)
  • Основна цена: Audi Q7 V12 TDI – Моделот веќе не се продава.

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.