Новата Astra се покажува како успешна и популарна на стариот континент, и Opel реши да ја зајакне понудата со нов турбодизел кој има два турбополначи и нуди одлични 160 коњски сили!
Според Opel, новиот 1.6-литарски турбодизел со два турбополначи е одличен за „купувачите кои сакаат малку лут сос на нивниот тост.“ Зад маркетинг кампањата стои нов 1.6-литарски BiTurbo CDTi турбодизел кој нуди 160 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, и според официјалните податоци ќе троши само 4.1 литар гориво во комбинирани услови на возење.
Со овој мотор, хечбек-верзијата на Astra ќе забрзува до 100 километри на час за 8.6 секунди, а забрзувањето од 80 до 120 километри на час трае 7.5 секунди. Максималната брзина е сосем задоволителни 220 километри на час. Максималниот вртежен момент од 350 Nm е достапен при само 1500 вртежи во минута, а максималната моќност е достапна на 4000 вртежи во минута.
Новиот мотор ќе се нуди исклучиво со 6-степен мануелен менувач, и на почетокот само во хечбек-изведбата на Astra. Понатаму предвидено е моторот да се понуди и во одличната караванска изведба. Ние добро ја познаваме новата Astra која воедно е и Европски Автомобил на Годината – на почетокот на оваа година имавме можност да возиме Astra со 1.4-литарски турбо-бензинец.