ТЕСТ: Opel Astra 1.4 Turbo 150 Cosmo – Конечно онаму каде припаѓа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Astra 1.4 Turbo 150 Cosmo – Конечно онаму каде припаѓа!

Имавме одлична можност да поминеме неколку дена со новата Opel Astra – моделот кој е најавуван дека ќе се замеша и во повисоката класа. Дознајте како поминавме со најновиот натпреварувач од Риселхајм!

Ајде да го кажеме ова на самиот почеток – новата Astra е добра. Навистина добра – конечно доволно добра да може да конкурира со најдобрите во класата!

Сега, кога веќе го кажавме тоа, може да навлеземе во малку повеќе детали. Ќе започнеме од целосно новата платформа на која е поставена новата Astra. Минатата генерација беше забележливо потешка од своите конкуренти – а токму тоа имаше негативен придонес во многу различни сегменти – намалени перформанси, зголемена потрошувачка и компромитирано управување. Подготвени да ја направат Astra конурентна, инженерите од Opel посветиле навистина многу внимание – па сега Astra е и до 200 килограми полесна во однос на минатиот модел!

Одмерен, модерен и соверемен дизајн – привлечен за помладите купувачи

opel-astra-carclub-frontback

Но, за тоа малку подоцна. Да зборуваме малку за дизајнот. Не можеме да негираме дека Astra изгледа модерно и современо. Чистите и остри линии се можеби малку драстично напуштање на насоката од минатиот модел, но нам ни се допаѓа како изгледа. Формите се јасни и без непотребни прекршувања – а тоа е знак за долговечен дизајн. На предниот дел вниманието го привлекуваат IntelliLux LED предните светлосни групи и дискретниот отвор на маската на ладилникот.

opel-astra-carclub-sidelow

Страничниот профил е динамичен со растечка карактерна линија која привлечно ги „заокружува“ страничните стакла, а задниот дел го дефинираат авантгардните задни светлосни групи со изразена тродимензионална графика и централно поставениот знак на Opel. Сè на сè, дизајнот е одмерен, интересен и без сомнение наменет највеќе за помладите купувачи.

Привлечен и комфорен ентериер со одлично ниво на завршна обработка

opel-astra-carclub-interior-front

Отворете ја возачката врата и ќе ве пречека современ ентериер кој ве поканува да го истражите. Дизајнерите на Opel очигледно ги послушале купувачите и веќе ги нема безбројните копчиња и прекинувачи – сега централната конзола е значително полесна за користење, инструментите се јасни, читки и поставени директно пред возачот, а ергономијата е на завидно, германско ниво. Особено ни се допаднаа комфорните седишта кои се дел од ова ниво на опрема, но не смееме да го заборавиме ниту нивото на завршна обработка – кое овој пат е навистина импресивно. Единствено ќе забележиме на можеби малку превисокиот број на копчиња на управувачот, кои на прв контакт делуваат малку застрашувачки.

opel-astra-carclub-interior-front2

Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, и прегледноста е воглавно добра. Ќе забележиме на прилично дебелите А-столбови кои малку ја ограничуваат прегледноста во свиоци, но тоа е неизбежно со оглед на законските регулативи кои бараат безбедноста да биде на прво место. Не ни се допадна ниту преголемата кутија со сензори и камери поставена пред централниот ретровизор – кутијата е малку преголема и може да го попречи погледот на возачот, особено додека се чека на семафор.

Поврзано:   Opel Astra добива нов лајт-хибриден погон

opel-astra-carclub-interior-rear

Но инаку, немаме никакви други забелешки. На задната клупа има навистина многу простор, со оглед на класата на која припаѓа Astra. Дури и повисоки патници ќе седат комфорно, а по потреба на задната клупа може да се сместат и тројца – но сепак, не на предолги релации. Astra е сега и попрактично „спакувана“ – па иако се намалени надорешните димензии, има повеќе простор во ентериерот, како и повеќе багажен простор – а сето тоа се одразува позитивно на практичноста на автомобилот. На располагање стојат 370 литри багажен простор, што е во рамките на конкурентите од класата. Отворот е правилен, па не би требало да има проблем да се внесат ниту поголеми предмети. Со спуштање на задните седишта, волуменот се зголемува на 1210 литри.

opel-astra-carclub-interior-cargo

8.7 секунди „до стотка“, 215 километри на час

Моторот кој беше вграден во нашиот тестен модел беше 1.4-литарски турбо-бензинец со директно вбризгување кој испорачува 150 коњски сили од 5000 до 5600 вртежи во минута и 245 Nm вртежен момент од 2000 до 4000 вртежи во минута. Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Според официјалните податоци, 100 километри на час пристигнуваат за 8.7 секунди, а максималната брзина е 215 километри на час. Моторот реагира подготвено на сите команди од возачот, и доколку сте во вистинскиот степен на пренос забрзувањето е моќно и линеарно. Официјалните податоци ветуваат потрошувачка од 7.4 литри на 100 километри во град, но ние измеривме потрошувачка од нешто над 9 литри на 100 километри во градски услови.

opel-astra-carclub-interior-dials

Комфорно на отворен пат, динамично во свиоци

На отворен пат продолжува истата приказна за комфор и рафинираност. При 120 километри на час моторот работи со само 2500 вртежи во минута, а во ентериерот е тивко. При оваа брзина на рамно Astra троши околу 6 литри на 100 километри. Доколку решите да возите побрзо, очекувајте потрошувачката, но и бучавоста да се зголемат – при 150 километри на час моторот работи на 3500 вртежи во минута, а потрошувачката расте на околу 9 литри на 100 километри.

Поврзано:   Opel најавува важен новитет - Frontera се враќа!

opel-astra-carclub-sidehigh

Кога ќе ја насочите новата Astra кон пат со свиоци, ќе бидете пријатно изненадени. Заради намалената тежина веќе го нема чувството дека автомобилот е претежок и дека се бори со свиоците. Напротив, Astra сега самоуверено ги покорува свиоците, без да има преголемо навалување ниту пак подуправување. Суспензијата е цврста и најдобро се справува со мазни улици, но не можеме да кажеме дека е некомфорно ниту на нашите патишта – автомобилот лесно ги впива и поголемите нерамнини, па возењето е пријатно.

Богата опрема, модерна технологија и одлични оцени за безбедноста

opel-astra-carclub-siderear

Нашиот тестен автомобил беше навистина богато опремен. Автомобилот беше во највисокото, Cosmo ниво на опрема, кое вклучува кожен волан и рачка од менувачот, спортски седишта делумно обложени со кожа, грст сензори и безбедносни системи, сензори за паркирање, адаптивен темпомат, систем за следење на лентата на движење, информативен дисплеј во боја со висока резолуција, 17-инчни алуминиумски фелни, електрично нагодливи и преклопливи ретровизори, амбиентално осветлување и уште многу, многу повеќе. Дополнително, нашиот тестен модел ги имаше и адаптивните IntelliLux LED предни светла кои реагираат на условите на патот и по потреба делумно се деактивираат за да не пречат на возила кои доаѓаат од спротивната насока.

Секако, не смееме да ги заборавиме ниту системите за активна и пасивна безбедност, како и целиот грст на воздушни перничиња и завеси кои се дел од стандардната опрема – благодарение на кои Astra освои одлични 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

opel-astra-carclub-ncap

Astra конечно е онаму каде што припаѓа!

На самиот крај, се потврдува она што веќе го кажавме – новата Astra е навистина конкурентен автомобил. Намалената тежина се одразува позитивно на управливоста и потрошувачата, а паметните решенија и привлечниот дизајн ја прават атрактивна за многу различни профили на купувачи. Секако, во понудата има цела лепеза на мотори и многу различни нивоа на опрема, па сигурни сме дека ќе најдете нешто што ќе ви одговара. Astra конечно е таму каде што припаѓа – меѓу најдобрите!

  • Мотор: 1.4-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, директно вбризгување
  • Моќност: 150 коњски сили / 5000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 245 Nm / 2000-4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 215 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.7 секунди
  • Должина: 4370 mm
  • Ширина: 2042 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1485 mm
  • Тежина: 1322 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2662 mm
  • Багажен простор: 370 литри
  • Потрошувачка: 7.4 литри на 100 километри (официјална, градска), 9.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Opel Astra 1.4 Turbo 150 Cosmo – 23.391 евро
    Повеќе информации: Олимпија Моторс
Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Opel ја претстави новата Frontera

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.