ПРЕМИЕРА: Ова е новата BMW Серија 3 – а ние веќе ја видовме! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ова е новата BMW Серија 3 – а ние веќе ја видовме!

Откако пред неколку месеци BMW го претстави електричниот i3, денес официјално дебитира и новата Серија 3 со бензински мотори.

Серијата 3 е моделот кој го дефинираше BMW. Односно, како што и Баварците сакаат да кажат – повеќе од 50 години, Серијата 3 е во срцето на брендот. Истовремено, Серијата 3 веќе со декади е бенчмаркот со кој се споредуваат сите конкуренти, и автомобилот кој сите конкуренти сакаат да го победат. Воглавно, неуспешно, би додале.

Сега, BMW ја претстави најновата генерација на Серијата 3, изградена во Neue Klasse филозофијата. BMW уште пред неколку месеци ја претстави електричната изведба со ознаката i3 (и нè покани на светската премиера, кликнете тука за повеќе) и уште тогаш ја видовме и бензинската изведба, за која до сега моравме да молчиме – а сега можеме да ги кажеме сите детали.

Новата бензинска Серија 3 е изградена врз темелно-ревидирана верзија на платформата на минатата генерација. Уште поточно, платформата е целосно надградена и усовршена со технологиите кои доаѓаат кај Neue Klasse моделите. Го имплементира и тој дизајн – а тоа значи аглести, остри линии, чисти површини и нијанса поинакви пропорции – предниот дел е подолг за да може да собере линиски 6-цилиндерски турбо бензинец. ;)

Кабината е како кај i3 – а тоа значи радикално редизајниран ентериер со Panoramic iDrive систем. Добива и нови материјали, нови текстури и многу нови технологии. Тука е новиот (и контроверзен) управувач, големиот 17.9-инчен инфозабавен дисплеј и надграден 3D хед-ап дисплеј. Сето тоа изгледа како можеби прерадикално – но во вистинскиот свет функционира одлично. Нашето прво искуство веќе го имавме со новиот електричен iX3 SUV. Секако, тука се и неизбежните спортски седишта и многуте М-детали.

Поврзано:  Larte Design го тјунираше BMW XM

Во однос на погоните, BMW на самиот старт претстави неколку погонски опции – 318, 320, 330 и M350 xDrive. Првите три верзии користат 2-литарски турбо-бензинец во неколку различни конфигурации – со 156, 211 односно 255 коњски сили. На самиот врв е новиот M350 xDrive кој користи 3-литарски турбо-бензинец кој кон сите четири тркала испорачува одлични 443 коњски сили и 580 Nm вртежен момент, доволни за лансирање до 100 километри на час за 4.1 секунда и максимални 250 километри на час. Интересно е што оваа верзија користи лајт-хибриден 48-волтен систем. До премиерата на новиот М3, ова ќе биде најмоќната изведба на новата Серија 3.

Понатаму се очекуваат уште електрифицирани погонски опции, односно плаг-ин хибридни модели. Интересно е што во понудата на погони целосно отсуствува било каков турбодизел. Според BMW, ова се должи на драстично намалената побарувачка за дизелските изведби. Секако, не би биле изненадени доколку BMW одлучи на некои пазари да нуди и дизел мотори.

Новата Серија 3 се очекува да пристигне на пазарот во следните неколку месеци, односно најверојатно на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.