BMW пред само неколку моменти официјално го претстави новиот X5, а ние веќе го имавме првиот контакт со новиот поголем, полуксузен и технолошки понапреден SUV!
Новиот X5 ќе се нуди со дури пет различни погонски пакети на технологии – а тоа значи дека новиот, голем SUV ќе можете да го добиете со бензински или дизел мотор, плаг-ин хибриден, целосно-електричен или наскоро и со погон на водород. Па самите изберете.
Дами и господа, новиот BMW X5. Ние веќе имавме можност да го видиме на скриена презентација пред неколку месеци – и ќе кажеме дека во живо, новиот X5 е голем, наметлив и забележлив. Дизајнерски, очигледно ги презема насоките од Neue Klasse и електричниот iX3, но сето тоа е интерпретирано во поголем, подоминантен формат. На предниот дел доминираат вертикалните бубрези и новите дневни светла со X-потпис (кој можете да го исклучите, ако сакате), како и големите отвори за воздух.
Профилот е интересен, највеќе заради малку намалените стаклени површини и исфрлените крила. Овие дизајнерски елементи му даваат на X5 помускулест, подоминантен и посамоуверен став. На задниот дел вниманието оди кон задните светла, но и длабокиот заден браник со интегриран панел кој би требало да симулира дифузер. Секако, тука се и големите тркала, самоуверениот заден спојлер..
Нешто недостасува? Па да, недостасуваат рачки на вратите. BMW X5 веќе нема конвенционални рачки туку има таканаречени „крилца“ преку кои со најобичен допир се отвораат вратите, а на истиот начин и се затвораат – допрете го „крилцето“ и вратата ќе се затвори.
Кога ќе седнете внатре, сè што треба да направите е да ја притиснете кочницата и возачката врата ќе се затвори, а возачот може да ги контролира сите други врати преку централно-поставениот екран.
Кога сме кај ентериерот и екраните – се забележува дека во кабината е посветено многу внимание на квалитетот на материјалите и завршната обработка. Под ветробранското стакло е поставен огромниот Panoramic iDrive систем на BMW, додека на средината на арматурната табла е поставен новиот инфозабавен уред. Екран добива и совозачот, ако навистинa инсистирате дека некој треба да ви ја менува музиката додека возите. Секако, тука се сите нови технологии кои BMW ги нуди – од AI асистентот, до планерот за патување, милион можности за персонализација, итн.
Благодарение на продолженото меѓуоскино растојание, сега на задната клупа има уште повеќе простор, а патниците добиваат и засебни полначи за мобилен телефон, како и MagSafe локација за прикачување мобилен телефон со MagSafe. Сето тоа ветува многу повеќе комфор и луксуз и сè друго што очекуваме од BMW X5.
Како што напоменавме, достапни се дури пет различни погонски опции. Понудата започлнува со X5 40 xDrive кој добива 3-литарски TwinPower турбо-бензинец со шест цилиндри во линија, кој испорачува 400 коњски сили 540 Nm вртежен момент. Потоа, тука е X5 40 xDrive кој користи реден шест-цилиндерски турбодизел со два турбополначи за 313 коњски сили и 670 Nm вртежен момент. Следен во хиерархијата е плаг-ин хибридниот X5 50e xDrive кој комбинира 3-литарски шест-цилиндерски турбо-бензинец со електромотор и батерија за вкупно 489 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Оваа изведба добива батерија со капацитет од 26.5 KWh и би требало да може да помине околу 100 километри на струја пред да се активира бензинецот.
Скалило погоре е X5 M60e Xdrive кој добива помоќен турбо-бензинец и помоќни електромотори за вкупна моќност од 612 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. На самиот врв на понудата е целосно-електричниот BMW iX5 60 xDrive кој добива огромна батерија со капацитет од неверојатни 140 kWh и електромотори кои испорачуваат вкупно 578 коњски сили и 805 Nm вртежен момент. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 4.6 секунди и се очекува дека ќе може да помине околу 800 километри со едно полнење на батериите.
Новиот X5 се очекува да пристигне во салоните до крајот на оваа година.

































