Новата, трета генерација на монолитскиот, луксузен SUV од Инголштад доаѓа со многу, многу технологии, моќен турбодизел и ветува дека ќе биде уште полуксузен од досега.
Всушност, главниот извршен директор на Audi – Gernot Döllner – гордо кажува дека „повеќе од 20 години, Audi Q7 беше совршениот премиум SUV. Со новата генерација, ја продолжуваме оваа мисија и понатаму“.
И тоа се препознава и по дизајнот. Новиот Q7 е посамоуверен и подоминантен. На предниот дел забележуваме поделени „двоспратни“ предни светлосни групи, како и широка, наметлива Singleframe решетка. На профилот веднаш ги забележуваме извајаните површини и пошироките, мускулести крила.
Всушност – според нас, секако) – токму исфрлените крила му го даваат на Q7 самоуверениот, доминантен став кој го заслужува. На задниот дел, вниманието оди кон комплексниот светлосен потпис, наметливиот спојлер и длабокиот заден браник. Би рекле дека новиот Q7 изгледа самоуверено, достоинствено и наметливо.
А во кабината? Екрани. Екрани насекаде. Audi го продолжува фокусот кон темелна дигитализација и стремежот кон тешхнолошка супериорност.
Пред возачот е поставен огромен закривен OLED екран наменет за инструментите и инфозабавните функционалности, а совозачот добива свој, засебен екран. Интересен новитет е и огромниот панорамски стаклен покрив кој може да биде провиден или затемнет (и тоа во делови!). Интересни новитети има и во однос на материјалите – Audi внимателно „бега“ од пијано-црниот финиш и кажува дека на купувачите ќе им овозможи да го персонализираат својот Q7 со внимателно-избрани материјали и бои – од дрво, па сè до други интересни материјали.
На некои пазари Q7 ќе се нуди со пет, а на некои и со седум седишта. Она што е интересно е дека вториот (или средниот, во зависност од конфигурацијата) може да добие две луксузни седишта наместо конвенционална задна клупа. За повеќе луксуз, секако. Во зависност од конфигурацијата и распоредот, ќе имате багажник со капацитет меѓу 722 и 2000 литри.
На самиот старт, на европските купувачи ќе им биде достапен само 3-литарскиот TDI со лајт-хибридна компонента, но во две конфигурации. Помоќната испорачува 299 (можеле да заокружат на 300) коњски сили и 630 Nm вртежен момент, додека „основната“ конфигурација е со 245 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Интересно е да се напомене дека 3-литарскиот V6 турбодизел со MHEV Plus технологии добива електричен турбополнач за инстантен одговор на секое притискање на десната педала.
Купувачите во Америка добиваат и 2.9-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 435 коњски сили, како и моќен SQ7 кој под предниот поклопец носи 4-литарски V8 кој испорачува дури 600 коњски сили и забрузва до 100 километри на час за помалку од 4 секунди. Сега за сега не знаеме дали и кога Audi ќе ги понуди овие мотори и во Европа, но очекуваме дека европската погонска опција секако ќе биде проширена во иднина.
Она што е стандардно за сите изведби на Q7 е перманентниот quattrо погон на сите четири тркала, управување на задните тркала, адаптивна воздушна суспензија и уште многу, многу повеќе. Меѓу другото, суспензијата „муабети“ со навигацијата за да се подготви за потенцијални нерамнини на патот, а истовремено се спушта за полесно влегување и излегување од големиот SUV.
Како и минатите две генерации, и новиот Q7 ќе се произведува во Братислава. Нарачките ќе бидат отворени наскоро, а првите примероци се очекува да бидат испорачани во Септември.






















