Stellantis неодамна ги објави плановите за сите брендови во своето портфолио – и секако, беа најавени и плановите за Alfa Romeo – кои вклучуваат нов хечбек и нов, трет SUV.
И добро, што да очекуваме од новиот новите модели на Alfa Romeo? Кога Stellantis неодамна ги објави плановите за Alfa Romeo, најави нов SUV од Ц-сегментот. И тоа е интересно, бидејќи италијаните веќе го имаат Tonale во тој сегмент, па не е баш јасно како би бил позициониран новиот модел.
Она кое го знаеме со сигурност е дека новиот SUV (кој го носи внатрешното кодно име A4U) ќе биде поставен на STLA Medium платформата на Stellantis, која веќе се користи за многу модели од портфолиото на гигантот – од Citroen C5 Aircross и Jeep Compass, преку Peugeot 3008, па сè до Opel Grandland. Оваа платформа овозможува широка лепеза на погонски опции – од целосно-електрични, преку плаг-ин хибридни па сè до хибридни модели, како и можност за погон на предните или сите четири тркала. Новиот SUV би требало да биде претставен (во некаква форма) до крајот на годинава.
Интересно е што Alfa Romeo најави и нов хечбек – модел кој недостасува во гамата на Alfa Romeo по пензионирањето на Giuletta пред неколку години. Хечбекот ќе биде изграден врз новата STLA One платформа на Stellantis која (според зборовите на гигантот) „овозможува напредни технологии и врвна ефикасност низ целата гама на погонски опции“.
Истовремено, Alfa Romeo не се откажува од одличните Giulia и Stelvio. Спортските седан и SUV (и нивните моќни Quadrifoglio изведби) остануваат во производство до следната година. Иако Alfa Romeo планираше да претстави нови, целосно-електрични (и плаг-ин хибридни) верзии на овие модели, промените на пазарот и желбите на купувачите наметнаа тие да останат во производство а Alfa Romeo сериозно да ги преиспита плановите за нив. Од Alfa Romeo самоуверено кажуваат дека оваа одлука „го рефлектира прагматичниот пристап кој ја балансира идната транзиција со очекувањата на купувачите и наследството на брендот.“
Секако, Alfa Romeo работи и на освежување за Junior. Малиот кросовер се покажува како особено интересен кај помладите купувачи и претставува природен „влез“ во светот на Alfa Romeo. Плус, Alfa Romeo најави и нов специјален модел (нешто како спектакуларниот 33 Stradale), дело на BOTTEGAFUORISERIE и најверојатно изработен во блиска соработка со Maserati.






