Новиот модел добива име во чест на легендарниот италијански возач Tazio Nuvolari, кој во доцните 1930-ти победуваше за Auto Union, претходникот на Audi.
Cрцето на Nuvolari е 4-литарски V8 кој достигнува дури 10.000 вртежи во минута и работи во комбинација со три електромотори, а вкупната моќност изнесува 1.001 коњска сила. Случајност или не (нормално дека не), тoa е истата бројка со која оригиналниот Bugatti Veyron се појави на пазарот во 2005 година.
Со оглед на дека Lamborghini е дел од портфолиото на Audi, а двете претходни генерации на R8 беа базирани на Gallardo и Huracan, не е тешко да се претпостави дека и Nuvolari е блиску поврзан со Temerario.
Батеријата има бруто капацитет од 7.3 kWh, што е речиси двојно повеќе од капацитетот на Lamborghini Temerario, овозможувајќи му на автомобилот кратко возење исклучиво на струја пред да се активира моќниот V8.
Суперавтомобилот развива максимална брзина која е повисока од 350 км/час, а забрзува од 0 до 100 км/час за 2.6 секунди, односно од 0 до 200 км/час за спектакуларни 6.8 секунди.
Слично како и кај претходникот R8, Nuvolari користи алуминиумска структура, но за првпат таа е комбинирана со каросерија изработена главно од напредни полимери и карбонски влакна.
Nuvolari добива и адаптивен заден спојлер со три фази на работа (затворен, низок воздушен потисок и висок воздушен потисок) кој автоматски се прилагодува во зависност од избраниот режим на возење.
Иако од Audi не ја спомнаа цената, ние очекуваме да биде висока шестцифрена сума, а со оглед дека се планирани само 499 примероци, сигурно нема да биде многу тешко да се најдат купувачи.



















