ПРЕМИЕРА: Mamma mia, Alfa Romeo 33 Stradale изгледа спектакуларно! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mamma mia, Alfa Romeo 33 Stradale изгледа спектакуларно!

Спектакуларниот нов 33 Stradale ќе биде произведен во само 33 примероци и ќе биде достапен со 3-литарски твин-турбо V6 со 620 коњски сили или како целосно-електрична верзија со повеќе од 700 коњски сили!

Новиот 33 Stradale е „дизајниран да го истакне нашиот идентитет, да ги подигне нашите аспирации и да ги отелотвори нашите ДНК и вредности“ – изјави претседателот на Alfa Romeo, Jean-Philippe Imparato и додаде дека „ова е првиот ваков автомобил на Alfa Romeo од 1969 и ветувам дека нема да биде последен. Ја враќа Alfa Romeo во клубот на супер-автомобили, клуб во кој ние бевме еден од основачите.“

И што добиваме со 33 Stradale? Автомобилот е несомнено инспириран од 33 Stradale од 1967-мата година кој го дизајнираше Franco Scaglione. Кај новиот автомобил препознаваме дизајнерска инспирација од стариот, па новиот 33 Stradale истовремено оддава почит на минатото и гледа кон електрифицираната иднина на Alfa Romeo.

Новиот 33 Stradale е поставен на карбонска монокок шасија и може да се добие со 3-литарски твин-турбо V6 кој испорачува „повеќе од 620 коњски сили“. Според информациите кои пристигнуваат од Alfa Romeo, моторот е еволуција од 2.9-литарскиот твин-турбо V6 кој се нуди кај Alfa Romeo Giulia и Stelvio Quadrifoglio, но значително надграден. Силата ќе ја испорачува кон задните тркала преку 8-брзински автоматски менувач со двојна спојка и диференцијал со ограничено пролизгување. Според најавеното, 100 километри на час се очекуваат за помалку од 3 секунди, додека максималната брзина е 333 километри на час.

Истовремено, 33 Stradale ќе се нуди и со целосно-електричен погон кој очекуваме да има три електромотори и да испорачува „повеќе од 750 коњски сили“ кон сите четири тркала. Со оглед на тоа дека ќе бидат достапни само 33 примероци и не знаеме колку ќе бидат со бензински, а колку ќе бидат со електричен погон – не можеме да гарантираме дека некој воопшто ќе го избере електричниот погон. Сите 33 примероци се веќе нарачани и продадени, секако.

Секако, поеднакво спектакуларна е и кабината – на управувачот нема никакви прекинувачи, зад него гледаме само две големи лопатки за менување брзини.

Всушност, таквиот минималистички пристап продолжува со скриените отвори за вентилацијата, како и големите, механички прекинувачи изработени од алуминиум поставени на централната конзола. Преку овие прекинувачи се менува режимот на возење и се исклучува контролата за стабилност.

Како што напоменавме, сите примероци се веќе резервирани, но токму ваквите автомобили ги истакнуваат потенцијалот, наследството и експертизата на еден бренд – нешто што е особено важно за производител со историја како Alfa Romeo. Со 33 Stradale, Alfa Romeo гордо и нескриено покажува од каде доаѓа и уште поважно, покажува каде припаѓа – на самиот врв!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.