ТЕСТ: Volkswagen T-Roc 1.5 еTSI 150 DSG R-Line – Внимателна еволуција – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen T-Roc 1.5 еTSI 150 DSG R-Line – Внимателна еволуција

Со оглед на популарноста на првата генерација, очекувањата од новиот T-Roc се навистина големи. Дали T-Roc го има она кое е потребно да го повтори успехот?

Ќе бидеме искрени и ќе признаеме дека навистина не очекувавме дека првиот T-Roc ќе биде толку успешен модел за Volkswagen. Но од неговото претставување во 2017, па сè до неговото пензионирање во Ноември минатата година беа продадени повеќе од 2 милиони примероци. Всушност, само минатата година се продадоа повеќе од 200.000 примероци, а неретко T-Roc не беше само најпродаваниот модел на Volkswagen, туку и најпродаваниот модел во Европа.

No pressure.

И да, вистината е дека инженерите и дизајнерите на Volkswagen сериозно си ја сфатија работата со новиот T-Roc. Одлично го разбраа брифот – а тоа е дека T-Roc е важен модел за Volkswagen и дека мораат да поработат на сите пропусти кои ги идентификуваа како купувачите, така и автомобилските новинари.

Па, дами и господа – новиот T-Roc.

Посамоуверен, поробустен дизајн.

Првиот впечаток од новиот T-Roc е дека сега овој SUV на Volkswagen е многу посамоуверен. Големата предна маска го прави предниот дел да биде динамичен (па дури и агресивен), а широките светлосни групи (кои се споени со осветлена лента и осветлено VW лого во средина) го истакнуваат хоризонталниот став на T-Roc. Всушност, повеќето визуелни елементи потенцираат дека T-Roc не е толку висок SUV, туку дека е понизок, подинамичен и поширок.

Профилот ни е особено интересен – пропорциите се идеални, големите тркала одлично ги исполнуваат крилата, а чистите површини го потенцираат самоуверениот пристап. Кровот во црна боја дава дополнителна доза на динамичност. Плус, во оваа жолта боја не можеме да не го асоцираме со Bumblebee. Фановите на Transformers знаат дека оригиналниот Bumblebee се трансформираше во жолта Буба – па некако жолт T-Roc одговара за современ Bumblebee.

Задниот дел е доминиран од трендовскиот широк едноделен светлосен елемент со осветлено VW лого на средината. Самите светла се изненадувачки тродимензионални со комплексна, привлечна графика и интересни анимации при отклучување и заклучување. За среќа, нема никакви лажни завршетоци на издувниот систем (всушност, нема никакви, но и тоа е подобро од лажните „имитации“) но затоа има голем црн заден дифузер и нагласен заден спојлер. Кажете му благодарам на R-Line пакетот.

Сè на сè – новиот T-Roc изгледа навистина самоуверено. Дизајнот е чист, без непотребни детали, но истовремено интересен и привлечен. Секако, огромна улога играат жолтата боја и R-Line пакетот – но ако сме искрени, не би избрале друга комбинација.

Внимателна дигитализација; физичките контроли се враќаат!

Океј, а како е внатре?

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави ID. Polo, цената во Европа започнува од 25.000 Евра!

Тука веднаш се препознава важниот чекор назад, за да се направи огромен чекор напред. Неодамна Volkswаgen потврди дека физичките контроли ќе се вратат во кабините на нивните автомобили и новиот T-Roc е еден од првите модели кој го добива овој третман.

Секако, дигитализацијата е неизбежна – пред возачот е поставен дигитален дисплеј со најважните информации околу возењето, а на средина на арматурната табла е поставен огромен 12.9-инчен дисплеј преку кој се контролираат повеќето функционалности. Секако, доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, а има и милион можности за персонализација – па на пример, можете декативацијата на системот за препознавање сообраќани знаци (wink-wink) да го поставите на кратенка со само еден допри. Одлично!

Но со нескриено задоволство можеме да потврдиме дека се враќаат физичките команди за некои функционалности – верувале или не, имаме четири засебни прекинувачи за контрола на прозорците, физички копчиња на управувачот и одлично, централно-поставено тркалце за контрола на аудио-уредот и бирање на режим на возење. Ќе беше супер преку него да можеше да се контролира и клима-уредот, на пример – но навистина сме среќни што ваквите контроли се враќаат!

Инаку, се забележува и огромен напредок во квалитетот на материјалите и завршната обработка. Првата генерација на T-Roc наиде на многу критики токму на оваа тема, па инженерите на Volkswagen се потрудиле да ја поправат оцената – скоро сè што ќе допрете е обложено со квалитетни и привлечно-текстурирани материјалу. А и самите материјали се поквалитетни – од текстилот на арматурната табла, преку кожните облоги, па сè до одличните спортски седишта.

Поврзано:  Започна гласањето за Златно Тркало 2026!

Веднаш под инфозабавниот уред е поставен полначот за мобилен телефон, а под него (и веднаш на дофат на десната рака) е тркалцето кое го спомнавме. Меѓу седиштата има голем централен наслон со доволно простор за складирање ситници, а големи (и обложени со материјал) се и џебовите во вратите.

Всушност, во новиот T-Roc има повеќе простор во однос на минатиот. Тоа се должи на поголемото меѓуоскино растојание (за цели 28 милиметри), па патниците на задната клупа имаат повеќе простор како за нозете, така и за главите. Не е идеално за тројца патници на задната клупа, но затоа за двајца е одлично. Задната клупа е деллива во однос 40:20:40, а багажникот е навистина одличен – со исправени задни седишта на располагање добиваме 475 литри, а со преклопени дури 1350 литри капацитет.

1.5-литарски благ хибрид, 150 коњски сили и автоматски менувач

Да зборуваме за моторот. Под предниот поклопец на нашиот тестен модел се најде 1.5-литарскиот TSI кој испорачува 150 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од само 1500, па сè до 3500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-степен DSG менувач со двојна спојка, а сето тоа овозможува спринт до 100 километри на час за 8.9 секунди и максимални 212 километри на час.

Најновата итерација на 1.5-литарскиот TSI на Volkswagen работи навистина рафинирано и мазно, без никакви несакани вибрации. Во Comfort режим силата ја испорачува линеарно, додека во Sport се забележува подиректно реагирање на секое притискање на десната педала, како и поагресивно, поспортско „држење“ на вртежите во повисок режим. И притоа е и изненадувачки економичен – за време на неколкудневното тестирање, борд-компјутерот прикажа потрошувачка од околу 8 литри на 100 километри во градски услови. На отворено, потрошувачката е околу литар до два пониска, во зависност од брзините.

А како е зад управувачот? Па… Можеби најдобро ќе го опишеме ако кажеме дека е како во Golf, но малку повисоко. Дури и на големите тркала, T-Roc е рафиниран. Да, суспензијата на R-Line моделот е поцврста, а и тркалата се поголеми, и да, како резултат на тоа T-Roc има дефинитивна спортска карактерна линија, но во кабината не е воопшто непријатно. Оние кои сакаат поспортски нагодена суспензија ќе се чувствуваат како дома.

Поврзано:  Македонска премиера на новиот Volkswagen T-Roc

И затоа управувањето е директно и супер-прецизно. Во ред, не можеме да очекуваме премногу фидбек од електронското серво-управување, но T-Roc верно ги следи командите. Дури и подуправувањето е предвидливо и успешно контролирано. Дали е најзабавниот SUV во сегментот? Најверојатно не, но затоа е вистинскиот VW идеал – самоуверен, компетентен и стабилен.

Од друга страна, T-Roc е комфорен крстосувач на автопат, со одличен адаптивен темпомат. Како што напоменавме, многу внимание е посветено на рафинираноста и намалување на бучавоста во кабината. И сето тоа го прави T-Roc да биде комфорен на подолги патувања.

Заклучок

И сега, на самиот крај, зошто кажуваме дека новиот T-Roc е внимателна еволуција на стариот? Затоа што стариот T-Roc импресионираше со просторноста и практичноста и лесно ги најде своите два милиони купувачи, а новиот ги зема сите позитивни страни на моделот кој го заменува, ги поправи грешките и настапува уште посамоуверено.

Од поробустниот дизајн, преку темелно преработената кабина, па сè до ситниците кои живот значат – новиот T-Roc продолжи онаму каде минатиот застана. И тоа е најдобрата пофалба која може да му се даде.

Спецификации

Модел: Volkswagen T-Roc 1.5 еTSI 150 DSG R-Line
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, благ хибрид
Моќност: 150 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 7 брзини
0-100 км/ч: 8.9 секунди
Максимална Брзина: 212 километри на час
Должина: 4372 mm
Ширина: 2044 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1573 mm
Тежина: 1399 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2629 mm
Багажен Простор: 475 – 1350 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volkswagen T-Roc 1.5 eTSI 115 Life – 36.025 Евра
Цена на тестираниот модел: Volkswagen T-Roc 1.5 еTSI 150 DSG R-Line – 49.403 Евра
Повеќе Информации: VW Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.