Fiat ја објави првата официјална фотографија од новите Grizzly и Grizzly Fastback – два нови модели кои ќе бидат дел од новото глобално портфолио на италијанскиот бренд.
„Grande Panda го означи враќањето на Fiat кон достапните семејни возила. Со Grizzly и Grizzly Fastback, ја заокружуваме оваа понуда со две нови возила дизајнирани околу различни потребни и различни животни стилови, но кои ја делат истата идеја – паметни, достапни и вкоренети во дизајнерската ДНК на Fiat. Заедно, тие го враќаат Fiat во срцето на семејната мобилност со комплетна и кохерентна понуда“ – изјави Olivie Francois, CEO на Fiat.
Новите Grizzly и Grizzly Fastback се изградени на заедничка платформа и наменети за глобалната публика. Овие два нови модели ја отелотворуваат визијата на Fiat за мобилност, но секој со засебен идентитет. Grizzly е мулти-талентиран, просторен и практичен SUV кој одлично одговара на семејниот живот – од секојдневно урбано возење па сè до подалечни патувања. Неговите исправени, компактни пропорции ги максимизираат внатрешниот простор и практичноста.
Grizzly Fastback го нагласува подинамичниот и пософистицираниот дух, со поелегантна силуета и поекспресивен изглед. Grizzly Fastback има повеќе надолжен простор во кабината, наменет за подалечни патувања и лајфстајл-ориентирани активности. Истовремено, Fiat претстави и нова Grizzly значка, која очекуваме дека ќе ја носат новиде модели.
Секако, ќе се нудат со цела гама на погонски опции. „Од бензински, до електричен погон“, кажуваат од Fiat, а сигурни сме дека некаде во средината ќе се најде и хибридна опција.
Сега за сега имаме само една официјална фотографија, но веднаш се гледа дека Fiat го продолжува дизајнерскиот јазик кој го постави со Panda, но сега ја продолжува таа филозофија во уште подинамична, попрепознатлива насока. И двата модели имаат робустен, самоуверен карактер – всушност, како што и му прилега на едно Гризли.
Grizzly моделите официјално ќе бидат претставени во втората половина од годинава.






