Главниот извршен директор на Fiat изјави дека размислува да ја ограничи максималната брзина на градските електрични автомобили.
Ваквото размислување е во насока на исполнување на Европските стандарди за безбедност, без зголемување на трошоците. И токму во таа насока, главниот извршен директор на Fiat – Olivier Francois – неодамна изјави дека со ограничување на максималната брзина би можело да се постигне истото кое се постигнува со скапи технологии за асистенција во возењето.
„Со задоволство би ги ограничил моите градски автомобили до моменталната максимално дозволена брзина“ – изјави тој за Autocar и додаде „Навистина е чудно што морам да ги преопремам моите автомобили за да одат повеќе од дозволеното“. Тој додаде дека просечната максимално-дозволена брзина во Европа е околу 73 милји на час, односно 118 километри на час. Истовремено, додава дека „повеќето од безбедносните системи се развиени за автомобили кои возат многу, многу побрзо од дозволеното“.
Fiat (па и Citroen) веќе имаат направено чекор во таа насока. Електричната Grande Panda (и Citroen е-C3 и e-C3 Aircross) веќе се ограничени на 132 километри на час, но таа одлука е повеќе во насока на подобрена ефикасност и поголема автономија на струја. Ако Fiat воведе вакво ограничување, тоа сигурно нема да биде точно на 118 километри на час (бидејќи интервјуто е за британскиот Autocar, а таму лимитот е 70 милји на час), но би очекувале некаков порационален лимит од 120 до 125 километри на час.
И навистина, ваквото размислување и не е премногу радикално. И полека, пред да нè нападнете – ваквиот пристап има логика. Малите градски автомобили и онака повеќето од километрите ги поминуваат во урбани околини каде просечната брзина е 20-тина километри на час. Па имајќи го тоа предвид, ограничената максимална брзина не би направила преголема разлика – додека разликата во цена сигурно би имала ефект.
Francois ја поздрави и иницијативата која пристигна од ЕУ за дефинирање на категорија на мали автомобили за кои би важеле малку поинакви и порелаксирани правила.
„Тешко ми е да разберам зошто треба да го инсталираме сиот тој супер-скап хардвер. Сензори, камери, препознавање знаци.. Сето тоа е малку неадекватно, малку луди и придонесе кон зголемување на просечната цена на градските автомобили за 60% во изминативе пет или шест години. Навистина не мислам дека градските автомобили во 2018 или 2019 беа екстремно небезбедни“ – изјави Francois. А ние едноставно мораме да се согласиме.





