ТЕСТ: Dongfeng Aeolus Shine 1.5 Comfort MT – Малку пари, многу автомобил! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Dongfeng Aeolus Shine 1.5 Comfort MT – Малку пари, многу автомобил!

Shine е голем, комфорен и практичен автомобил, а воедно е и еден од најевтините нови автомобили во Македонија. Па добро, што е финтата?

Моделите на Dongfeng не се нови ниту на нашите страници, ниту пак се непознати на нашиот пазар. Само минатата година на нашите страници се појавија освежниот Glory 580, достапниот Glory 500 и динамичниот T5 Evo. Денес ќе зборуваме за Aeolus Shine – автомобилот кој ја редефинира равенката вложено-добиено. Shine чини 15.990 Евра. Запомнете го тоа.

Што е Aeolus? Што е Shine?

Ајде да почнеме од почеток. Што е Aeolus? Aeolus е еден од неколкуте брендови на Dongfeng Motor Group и ужива во сите технолошки достигнувања и производствени капацитети со кои располага кинескиот гигант. Повеќе од 10-тина години моделите на Aeolus се продаваат и надвор од Кина, а неодамна првиот претставник стигна и во Македонија. Кажете му добредојде на Shine!

Shine е интересен продукт, делумно произлезен од соработката меѓу DongFeng и PSA. Всушност, Shine е изграден врз CMP платформата на PSA (компанијата по спојувањето со FCA се трансформираше во Stellantis), врз која се базирани и многу европски и глобални автомобили. А тоа веќе кажува многу. Истовремено, Dongfeng одлучи навистина да инвестира вo Shine, па на некои пазари се нуди и целосно-електрична верзија, а специјално-подготвена тркачка верзија се натпреварува и во CTCC (Chinese Touring Car Championship)!

Океј, откако го ставивме Shine во вистински контекст, сега веќе можеме да зборуваме за автомобилот кој е тема на денешната дискусија. Ајде прво да поставиме прашање – дали ова изгледа како „основна“ верзија на некој автомобил?

Shine едноставно не изгледа како „основна верзија“

И одговорот секако е – не. Дури и во својата основна верзија, Shine доаѓа со предни светла со проектори, алуминиумски тркала, интересни декоративни елементи, паркинг-камера и многу, многу опрема. На екстериерот веднаш паѓаат во очи големата предна маска и широките, хоризонтални предни светлосни групи. Во страничниот дел од браникот има дополнителни отвори за воздух, додека во долниот дел има портокалов декоративен елемент кој најавува што да очекуваме во ентериерот.

Профилот е релативно низок, со остра, опаѓачка кровна линија, но и издигнувачка карактерна линија од предните крила кон крајот на задните прозорци. Би сакале суспензијата да е малку пониска, но и број поголеми тркала – но за тоа тука е Hunting Knight верзијата со нагласено поспортски амбиции и помоќен мотор.

На задниот дел вниманието оди кон комплексните задни светлосни елементи и интересните вертикални „исеченици“ во задниот дел од каросеријата. Во долниот дел од браникот се интегрирани (за жал лажните) завршетоци од издувниот систем.

Дали е најубавиот автомобил на пазарот? Секако дека не, но Shine изгледа сосем коректно, интересно и ненаметливо, а каросеријата крие супер-просторен ентериер!

Огромна кабина, многу опрема, интересни детали

Океј, одиме внатре. Ја отвораме вратата и нè пречекува нешто кое навистина не го очекувавме- а тоа се спортските седишта обвиени во имитација на кожа и многуте храбри детали во портокалова боја. Се сместуваме во комфорното возачко седиште и веднаш се забежелува дека ова е автомобил кој цели кон помлада публика.

Пред возачот се дигиталните инструменти, а самиот управувач е со интересна форма, но за жал не е обвиен во кожа. На средината на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред кој е со ограничена функционалност, но барем има Bluetooth поврзување, или пак поврзување преку засебна апликација и со тоа се реплицираат сите функционалности од вашиот мобилен телефон. Веднаш под вертикалниот екран е рачката од 5-степениот мануелен менувач.

Во кабината забележуваме интересна комбинација од материјали. Како што рековме, седиштата се обвиени во имитација на кожа, а низ кабината забележуваме и пластики со карбон-текстура, портокалови декоративни елементи и поконвенционални, црни пластики. Некои од нив се прилично тврди на допир, но сè на сè – во кабината ниту е здодевно, ниту пак некомфорно. Управувачот се нагодува по височина и длабочина па возачот лесно ќе најде комфорна позиција. Пристапот во автомобилот е keyless, а и стартувањето е на копче.

Кога сме кај комфорот – на задните седишта има простор како кај автомобил кој чини најмалку 50% повеќе од Shine. И задната клупа е обвиена во имитација на кожа и ги има истите контрастни шевови и храбри бои. За жал, клупата не е деллива, но затоа се преклопува и овозможува навистина огромен товарен простор.

Бидејќи Shine е седан, кон багажниот простор се пристапува преку едноставен поклопец. Она кое изненадува е капацитетот – Shine нуди багажник од дури 454 литри! Кон него се пристапува преку големиот поклопец, а самиот багажник длабок и со правилна форма, па и внесување поголеми предмети не би било проблематично.

Изненадувачки весел 1.5-литарски атмосферец

Океј, сето тоа звучи добро, но како е зад управувачот? Ајде прво за погонската комбинација. Под предниот поклопец се крие 1.5-литарски атмосферски бензинец кој преку 5-степен мануелен менувач кон предните тркала испорачува 115 коњски сили при 6000 вртежи и 158 Nm вртежен момент. Моторот ги задоволува Euro 6 стандардите и се покажува како исклучително економичен – Dongfeng декларира 6 литри на 100 километри, ние евидентиравме нешто повеќе од 7 литри во градски услови. На автопат потрошувачаката паѓа и под 6 литри на 100 километри.

Забрзувањето до 100 километри на час трае околу 12 секунди, додека максималната брзина е 175 километри на час. Она што навистина изненадува е агилноста на атмосферскиот бензинец – лесно повлекува во било кој режим на работа и лесно го задвижува 1200 килограми тешкиот седан, дури и на повисоки, автопатски брзини.

Shine е ориентиран кон комфорот

Инаку, низ град Shine се движи комфорно и ги впива и поголемите и помалите дупки на не-баш-идеалниот асфалт. Прегледноста е задоволителна, а за движење наназад тука е и паркинг камерата. Од свиок во свиок се однесува прилично неутрално, без нагласено подуправување, а мекото подвозје е уште понагласено на повисоки брзини. Педалата за спојката е мека, рачката од менувачот е прилично прецизна и како пакет, Shine е навистина лесен за секојдневно користење. Единствено ќе забележиме дека му недостасува малку звучна изолација – на повисоки, автопатски брзини во кабината се забележува малку понагласена бучавост и пренесување на бука од ветер во кабината.

И сега, што е финтата?

Shine е интересен автомобил и интересен новитет на нашиот пазар. Да, се препознава дека многу е внимавано на трошоците и дека кинескиот гигант свесно пристапил кон конструирање и испорачување на достапен автомобил, но и дека внимавале автомобилот да не биде и да не се чувствува евтин. А има разлика меѓу достапен и евтин. Shine има простор како кај автомобили кои се најмалку 50% поскапи. Има и изненадувачки многу опрема која обично ја очекуваме од двојно поскапи автомобили. И тоа прави да не се чувствува евтин. Секако, имаме и забелешки – но кога ќе ја ставиме во контекст цената (а цената едноставно не може да се заобиколи) – Shine станува навистина привлечен.

Всушност, ќе ја завршиме дискусијата вака – на нашите страници ретко дискутираме цени. Зошто? Затоа што цената на еден автомобил е една работа, додека неговата вистинска вредност е друга – а и двете страни се навистина субјективни. Едно што за некого е евтино, за друг е скапо. Еден автомобил кој за некого вреди, за некого не баш… Но кога цената е толку незаобиколен фактор, тогаш вреди да се искоментира.

Shine во оваа конфигурација може да се добие за 15.990 Евра и за таа цена се добива сето ова. За дополнителни 1000 Евра се добива 7-годишна гаранција. А тоа прави Shine да биде навистина привлечна опција. И всушност – во тоа е финтата. Во препознавањето на вистинтинската вредност на Shine.

Спецификации

Модел: Dongfeng Aeolus Shine 1.5 Comfort MT
Мотор: 1.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 158 Nm / ~4000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 5 брзини
0-100 км/ч: ~11 секунди
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4670 mm
Ширина: 1812 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1490 mm
Тежина: 1230 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 454 литри
Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: Dongfeng Aeolus Shine 1.5 Comfort MT – 15.990 Евра
Повеќе Информации: DFSK.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.