ТЕСТ: Dongfeng Aeolus Shine GS 1.5T 194 Hunting Knight – 200 коњски сили во супер-практичен и просторен кросовер! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Dongfeng Aeolus Shine GS 1.5T 194 Hunting Knight – 200 коњски сили во супер-практичен и просторен кросовер!

Aeolus веќе му покажа на пазарот дека автомобилите навистина не мора да бидат скапи. Но сега оди чекор понатаму и нуди трендовски кросовер со многу опрема и моќен мотор – и сето тоа по навистина интересна цена.

Ова не е прво појавување на Aeolus на нашите страници. Веќе добро ги познаваме достапниот и уверлив Shine, современиот и магичен Mage и секако, големиот Huge. Но сега понудата на Aeolus се дополнува со навидум ексцентричниот, но во суштина навистина рационалниот Shine GS.

И ајде веднаш да расчистиме. Да, Shine GS е многу, многу близок со Shine. Ја делат истата платформа и многу од компонентите, но онаму каде автомобилот за кој ќе зборуваме денес оди уште понатаму е просторната понуда, моќниот мотор и (можеби храбрата) одлука да настапи на пазарот како кросовер.

Но зошто храбра? Како тоа? Па во суштина, Aeolus Shine GS е изграден на истата платформа со Shine – а тоа е CMP платформата која е резултат на блиската соработка меѓу она што беше порано PSA и кинескиот гигант Dongfeng. Но со малку преработена суспензија, Shine GS станува кросовер, а навидум караванската форма овозможува навистина многу, многу простор во кабината.

Ненаметлив но самоуверен дизајн

Но ајде прво за дизајнот. Shine GS се наметнува со остриот лик и контрастните портокалови детали кои дополнително ја заоструваат предницата. Околу широката предна маска се поставено острите хоризонтални предни светла кои ги спојува трендовски светлосен елемент.

Вистинското изненадување се наметнува кога ќе го погледнеме профилот. Формата е SUV-овска, но и некако поинаква. Повеќе наликува на караван кој одлучил да порасне и да стане кросовер. Но истовремено успева да биде и динамичен и робустен – динамичноста ја истакнува прилично големиот заден спојлер, додека робустноста ја заокружуваат кровните носачи кои се дел од стандардната опрема.

На задниот дел повторно забележуваме портокалови детали, овој пат во страниците од браникот. Повторно се наметнува големиот спојлер (и сега го забележуваме и централно-поставеното трето стоп-светло), а интересна графика имаат и задните светлосни групи.

Поврзано:  ТЕСТ: Forthing S7 REEV - А сега, нешто сосем различно.

Сè на сè, Shine GS изгледа ненаметливо, но сепак интересно. Ние најверојатно би одбрале некоја друга боја, но со оглед на тоа дека големиот кросовер веќе станува редовен на нашите улици, би рекле дека купувачите го прифатија дизајнот.

Многу простор, многу опрема

А ќе ја прифатат и кабината. Или веќе ја прифатија, сеедно. Ја отвораме вратата и нè пречекува просторна и комфорна кабина. Веднаш ги забелжуваме кожните спортски седишта – одлично се профилирани и навистина комфорни. Секако, не можеме да ги заобиколиме портокаловите детали – тие се дел од Hunting Knight пакетот и иако можеби нема да бидат „по сечиј ќеф“, ќе кажеме дека одлично го подигнуваат нивото во ентериерот.

Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, а повеќето други функционалности се управуваат преку вертикално-поставениот централен дисплеј. Портокаловите детали ги има и на арматурната табла (која е делумно обвиена во имитација од кожа), но и на вратите и на отворите за вентилација. Имитацијата на карбон на горниот дел од арматурната табла му дава на ентериерот доза на спортски дух.

Инфозабаваниот уред не е најбрзиот на светот, но функционира соодветно за намената. Контролите се релативно интуитивни и лесни за користење, а лесно се поврзува со мобилен телефон. Особено шармантни ни беа „опомените“ за неставен појас и слично – нежен женски глас на англиски (со силен кинески нагласок, секако) нè потсети дека сме ги заборавиле светлата или пак дека не сме ставиле појас.

Фитот и финишот во кабината се задоволителни, особено имајќи ја предвид ценовната категорија на Shine GS. Онаму каде Shine GS најверојатно нема конкуренција е просторната понуда – за возачот и совозачот има повеќе од доволно простор, но нема да се пожалат ниту патниците на задната клупа. Двајца (па и тројца, во итни случаи) патници ќе имаат повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главите.

Поврзано:  Dongfeng ја проширува понудата во Македонија со новиот Vigo

А не е заборавено ниту на багажникот. Ја отвораме огромната петта врата и на располагање имаме багажник со капацитет од 474, па сè до пештерски 1809 литри!

1.5-литарски турбо-бензинец, безмалку 200 коњски сили

Океј, а што го движи овој кросовер? Под предниот поклопец се крие 1.5-литарски турбо-бензинец со директно вбризгување кој преку 6-степен DCT менувач со двојна спојка кон предните тркала испорачува одлични 194 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Овој нов мотор е „варијација на тема“ на новиот хибриден Mach Power турбо-бензинец кој постави рекорд за термална ефикасност.

Максималните коњски сили се достапни при околу 5000 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент е достапен од 2000 вртежи во минута. Во превод, тоа значи дека Shine GS е подготвен да ги испорача перформансите во скоро било кој режим на возење. Едноставно притиснете ја педалата за гас и Shine GS забрзува нанапред со нескриен ентузијазам. 100 километри на час пристигнуваат за 7.2 секунди, додека максималната брзина е 199 километри на час.

Океј, а пеналот „на бензинска“? Не колку што би очекувале. Официјалните податоци зборуваат за потрошувачка од околу 7.7 литри на 100 километри. Ние измеривме нешто поблиску до 9.5 литри на 100 изминати километри – но ни тоа не е лошо со оглед на димензиите и моќта на турбо-бензинецот.

Акцент на комфорот

Зад управувачот, Shine GS се однесува токму како што би очекувале. Серво-управувањето е лесно, а суспензијата успева да исфилтрира поголем број од нерамнините. Не би кажале дека Shine GS е спортски SUV, но управувањето е доволно прецизно за да имате доверба во неговите можности.

Од друга страна, забележуваме нијанса повеќе навалување во свиоци, но тоа и не е толку неочекувано со оглед на тоа дека се работи за SUV. Затоа пак немаме поголеми забелешки на комфорот.

Поврзано:  Dongfeng воведува 10-годишна гаранција!

Инаку, возењето со Shine GS низ град е лесно. Да, со скоро 5 метри должина ова е голем автомобил, но сензорите и камерите го олеснуваат маневрирањето и паркирањето. Загревањето на седиштата и управувачот беше добредојдено во овие ладни, зимски денови.

На автопат, при легални автопатски брзини во кабината е прилично тивко и комфорно. Се забележува малку повеќе бучавост од гумите, но тоа не е ништо страшно. Надминете ги дозволените брзини (а тоа ние никогаш не би го направиле, ветуваме) и можете да очекувате и малку зголемена бучавост од ветерот.

Shine GS е уверлив предлог

Но сè на сè – Shine GS е навистина уверлив предлог за оние кои бараат голем и практичен автомобил, а не сакаат да дадат цело едно богатство за него. Shine GS има многу силни аргументи во својот агол – од моќниот турбо-бензинец, преку богатата опрема, па сè до просторноста – Shine GS лесно ќе ги најде своите фанови. Односно, судејќи по она кое веќе го гледане по нашите улици – веќе ги најде.

Спецификации

Модел: Dongfeng Aeolus Shine 1.5T 194 Hunting Knight
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 194 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 300 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 7.2 секунди
Максимална Брзина: 199 километри на час
Должина: 4630 mm
Ширина: 1830 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1610 mm
Тежина: 1420 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 474 – 1809 литри
Потрошувачка: 9.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Dongfeng Aeolus Shine GS 1.5 116 DCT E2 – 19.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Dongfeng Aeolus Shine GS 1.5T 194 Hunting Knight – 22.390 Евра
Гаранција: 8 години / 200.000 км на мотор и менувач
5 години / 150.000 км на останатиот автомобил
Повеќе Информации: Dongfeng Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.