ТЕСТ: DFSK Glory 500 Intelligence CVT – Сèстран, практичен и достапен – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: DFSK Glory 500 Intelligence CVT – Сèстран, практичен и достапен

DFSK станува поредовен на нашите страници – и очекуваме токму за Glory 500 да има вистински интерес!

Ова не е прв пат да пишуваме за некој модел на DFSK. Всушност, не е ниту втор, ниту трет пат некој модел на кинексиот гигант да се појави на нашите страници. Пред неколку години пишувавме за DFSK Glory 580 – големиот кинески SUV кој полека но сигурно стана релативно честа појава на нашите улици. Го возевме и трендовскиот купе-SUV во форма на DFSK Glory F5, како и целосно-електричниот Seres 3. Денес ќе зборуваме за DSFK Glory 500, кој е всушност конвенционална изведба на електричниот Seres 3.

Трансформацијата (и секако, поскапувањето) на возилата на европските, јапонските и корејските производители како самостојно да придонесува кон сè позасилената пенетрација на кинеските производители на европскиот пазар. Веќе да се каже за некој бренд дека е кинески не мора да биде критика – напротив, Кина е фабриката на светот и луѓето го препознаваат квалитетот кој доаѓа од далечниот исток. Соодветно на тоа, ги препознаваат и автомобилите и брендовите кои доаѓаат од далечниот исток – и сè полесно ги прифаќаат.

Glory 500 е ненаметлив, со чист дизајн и интересни детали.

На прв поглед, Glory 500 не ни е непознат автомобил. Пред околу две години го возевме во целосно-електрична варијанта и ни остави навистина одлични впечатоци. Уште тогаш беше зрел автомобил, идеално-димензиониран за европските вкусови и потреби. Дизајнерски – DFSK Glory 500 е многу, многу близок до електричниот Seres 3.

Разликите ги воочуваме највеќе во предната маска која тука има решетка за ладилникот, дискретно редизајнираниот браник и… Тоа е тоа. Glory 500 има и привлечни динамични детали – како на пример црвените линии околу автомобилот кои навистина ни се допаѓаат.

Дизајнот е современ и ненаметлив, без непотребни детали и без елементи кои ќе изгледаат застарени за неколку години. Дали нешто ни недостасува? Па за сликата за современ SUV да биде комплетна можеби би сакале број-два поголеми тркала, но тоа и не е толку голема критика.

Многу опрема во практичната и просторна кабина

Ја отвораме вратата и повторно, исто како и во Seres 3 – и тука нè пречекува привлечна кабина. Онаму каде Seres 3 имаше дигитални инструменти, Glory 500 има конвенционални, аналогни „стрелки“ а и централниот панел за мултимедијалниот уред е нешто помал – но ова е истата онаа кабина која ни се допадна и кај Seres 3. Веднаш под мултимедијалниот уред (кој би сакале да е малку побрз, но барем има лесно Bluetooth поврзување со мобилен телефон) се контролите за клима-уредот и отворите за вентилација.

Ергономијата е приличнно задоволителна – лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција иако управувачот се нагодува само по височина, а не и по длабочина. Седиштата се прилично комфорни и се обвиени во кожа и околу возачот и совозачот има доволно места за одлагање дребулии.

Повторно, исто како и кај Seres 3, и кај Glory 500 има доволно место на задната клупа за двајца (и ако затреба, дури и за тројца) патници. Детал кој ќе го пофалиме? Панорамскиот сончев кров кој дозволува многу светлина да влезе во кабината, а ако дозволат временските услови – возењето со отворен кров е прекрасно.

Забелешки? Ако го ставиме Glory 500 во контекст на неговата конкуренција и притоа ја земеме предвид цената – тешко е да се најдат. Да, во ред – некои од пластиките се нијанса прецврсти и мултимедијалниот уред би можел да е побрз – но повторно, имајќи ја предвид цената тие забелешки и не се толку страшни.

Атмосферски бензинец, автоматски менувач и погон на предните тркала

Под поклопецот на DFSK Glory 500 се наоѓа 1.5-литарски атмосферски бензинец кој силата ја испорачува кон предните тркала преку CVT автоматски менувач. Малиот бензинец испорачува 116 коњски сили и 147 Nm вртежен момент – не е многу, но во комбинација со автоматскиот менувач е адекватно. Забрзувањето до 100 километри на час трае околу 15 секунди додека максималната брзина е 180 километри на час.

Перформансите не се спектакуларни, но благодарение на CVT менувачот кој успева цело време да го одржува моторот во идеалните вртежи за да ја максимизира ефикасноста, успева да импресионира потрошувачката – бидете внимателни и градската потрошувачка нема да надмине 8 литри на 100 километри – одлично, со оглед на тоа дека зборуваме за прилично голем SUV.

Зад управувачот, DFSK Glory 500 се однесува како што очекуваме – дефинитивно е ориентиран повеќе кон комфорно отколку динамично возење. Управувањето е директно и супер-лесно, нема премногу навалување во свиоци и суспензијата успева добро да ги исфилтрира нерамнините. Возењето не би го нарекле возбудливо – но не ни треба да биде. Glory 500 треба да биде практичен и комфорен градски SUV – и таа задача одлично ја исполнува. Маневрирањето низ град е лесно благодарение на одличната прегледност, а паркирањето е лесно благодарение на паркинг-сензорите и задната камера за паркирање. Забележавме лесно пролизгување од пневматиците на влажен коловоз, па би препорачале да ги смените за подобри кога ќе имате можност.

Трендовски SUV, ефикасен погон и многу опрема – токму она кое пазарот го бара

Како што рековме, DFSK Glory 500 пристигнува на пазарот во вистинско време и ја користи истата докажана стратегија која кинеските производители веќе со години ја применуваат – нуди навистина многу по прифатлива, достапна цена. Трендовската SUV форма во комбинација со ефикасниот погон и доооолгата листа на опрема го прават да биде навистина интересен. Ако на сето тоа ја додадеме гаранцијата од 3 години (и можноста да се доплати за 7-годишна гаранција и „мирна глава“) – тогаш станува уште поинтересен.

Спецификации

Модел: DFSK Glory 500 Intelligence CVT
Мотор: 1.5-литарски атмосферски бензинец
Моќност: 116 коњски сили
Вртежен Момент: 147 Nm
Менувач: Автоматски бесстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: ~ 15 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4385 mm
Ширина: 1850 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1650 mm
Тежина: 1380 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2655 mm
Багажен Простор: 318 литри
Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: DFSK Glory 500 Comfort 5MT – 15.990 Евра
Цена на тестираниот модел: DFSK Glory 500 Intelligence CVT – 19.690 Евра
Повеќе Информации: DFSK.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.