Citroën ë-C4 и ë-C4 X добиваат надграден погон со повеќе моќност и подобрена автономија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Citroën ë-C4 и ë-C4 X добиваат надграден погон со повеќе моќност и подобрена автономија

Електричните изведби на популарните C4 и C4 X добиваат поефикасен и помоќен погон кој овозможува подобри перформанси и нуди зголемена автономија.

Одличната e-CMP архитектура врз која се поставени C4 и C4 X овозможува континуирано надградување и пообрување на електричните модели на Citroën. Новиот погон добива нова, поголема и поефикасна батерија, како и помоќен електромотор. Батеријата сега е со капацитет од 54 kWh а електромоторот испорачува 156 коњски сили и 260 Nm вртежен момент – 20 коњски сили повеќе.

Досегашната батерија беше со капацитет од 50 кWh, а новата е со капацитет од 54 kWh. Досегашниот состав беше 60% Никел, 20% Манган и 20% Кобалт, а новата батерија е 80% Никел, 10% Манган и 10% Кобалт. Ова резултира и со поголема енергетска густина и со подолг животен век на батеријата.

Капацитетот е зголемен за помалку од 10%, но автономијата се зголемува за околу 17% и расте од 360 до околу 420 километри според WLTP мерењата. Во зависност од достапниот полнач, ќе можете да го полните вашиот електричен Citroen со моќност од 7.4 или 11 kW, односно со максимална моќност од 100 kW на брз DC полнач.

Интересно, Citroën сега за сега ќе го задржи во понудата и досегашниот погон – па купувачите ќе имаат повеќе избор. Послабиот погон ќе се нуди со Live, Feel и Feel Pack нивоата на опременост, додека помоќниот погон ќе се нуди со Shine нивото на опременост. Инаку, електричните ë-C4 и ë-C4 X се популарни меѓу купувачите – во Европа, ë-C4 е меѓу петте најпродавани модели во сегментот.

Нашиот тест на новиот C4 X опремен со турбо-бензински мотор со 130 коњски сили можете да го погледнете тука.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.