Големиот и луксузен Lexus RX пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Големиот и луксузен Lexus RX пристигна во Македонија!

Големиот RX на Lexus ги следи насоките од NX – и пристигнува во хибридна и плаг-ин хибридна погонска варијанта.

Ако кажеме дека RX е особено важен модел за Lexus, нема да кажеме доволно. Јапонскиот производител на луксузни автомобили само во САД продаваше околу 100.000 примероци годишно од првата генерација – и тоа осум години по ред! Токму затоа Lexus секогаш му посветувал внимание на RX – и токму тоа се случи и со најновата генерација.

Најновата генерација е поставена на GA-K платфората на Lexus, која веќе се користи и за најновиот NX (нашиот тест на плаг-ин хибридниот Lexus NX 450h+ можете да го погледнете тука), која пак доаѓа со цела гама на електрифицирани погони и прилично значително намалување на тежината – новиот RX е до 90 килограми полесен од моделот кој го замени.

Во однос на погоните, најверојатно најважниот новитет е во форма на плаг-ин хибридниот RX 450h+ кој испорачува одлични 309 коњски сили и овозможува забрзување до 100 километри на час за само 6.5 секунди. Истовремено, овој погон овозможува до 69 километри (според WLTP) да бидат поминати на електрична енергија, а потрошувачката на гориво е само 1.1 литар бензин на 100 изминати километри. Секако, тука е и самополнечкиот хибрид кој ја носи ознаката RX 350h, кој пак располага со 250 коњски сили.

На некои пазари се нуди и атмосферски не-хибриден погон кој користи 2.4-литарски турбо-бензинец кој испорачува 270 коњски сили, а интересен е и RX 500h кој го комбинира овој мотор со хибриден погон и шест-степен автоматски менувач за да испорача вкупно 371 коњска сила.

Големиот RX доаѓа со нов, хај-тек ентериер и врвна, мајсторска завршна изработка која веќе сме навикнати да ја гледаме кај моделите на Lexus. Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да го возиме големиот луксузен SUV, но уште сега ќе кажеме – Sonic Copper бронзената боја одлично му прилега, нели? Цените започнуваат од 83.990 Евра, а за повеќе информации посетете го салонот на Тојота Авто Центар.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.