Експанзијата на кинеските автомобили изгледа како да е незапирлива, а и сè друго како да пристигнува од Кина. Па со оглед на тоа – зошто не и гумите?
Неодамна дискутиравме за безбедноста на кинеските автомобили и дојдовме до интересен заклучок. Независните тестирања на Euro NCAP ни покажаа дека некои кинески автомобили веќе постигнуваат одлични резултати на Euro NCAP тестовите за безбедност.
И затоа одлучивме да разгледаме каква е ситуацијата со кинеските гуми. Дискусијата ќе ја започнеме со една многу, многу важна работа која треба секогаш да ни биде на прво место кога зборуваме за гуми – гумите се единствениот контакт кој нашиот автомобил го има со подлогата. Тие четири „правоаголници“ нагазна површина кои се единствениот физички контакт меѓу нашиот автомобил и подлогата по која возиме се задолжени за управување, забрзување и сопирање. И јасно е колку се всушност важни?
Имајќи го тоа предвид, ајде да зборуваме малку за гумите кои пристигнуваат од далечниот исток. И бидејќи има многу брендови кои пристигнуваат од Kина – веќе ги познаваме брендовите GiTi и Atlas кои се вградуваат во некои модели на Geely и Chery – за пример ќе го земеме брендот Ling Long, чии застапници и увозници за Македонија се Мотоцентар. Од една страна, Ling Long е релативно нов бренд на нашиот пазар, но од друга страна е веќе и познат и прифатен. И тоа прифатен е не е само поради цената – Ling Long во 2023 ја стартуваше фабриката во соседна Србија, каде се произведуваат гуми наменети за европскиот пазар, но и гуми наменети за прво вградување во неколку европски брендови. Да, европски автомобили со гуми од кинески бренд.
Пневматиците на Ling Long веќе сме ги пробале кај неколку кинески автомобили, но со оглед на тоа дека од Србија излегуваат гуми кои се вградуваат и во европски брендови, очекуваме дека наскоро ќе ги гледаме многу повеќе. Дополнително на тоа, гумите на Ling Long веќе редовно учествуваат и на европски споредбени тестови на пневматици и постигнуваат изненадувачки резултати.
Сакате примери? Во тестот на германскиот ADAC на летни гуми, Ling Long SportMaster има убедливи резултати за сопирање на мокро и на суво. На суво запираат само 30 сантиметри по најдобрите Falken, но на мокро сопирање се изедначени со значително поскапите Continental PremiumContact 7. Секако, направени се компромиси во некои други сегменти, но ваквиот резултат јасно кажува дека инженерите на Ling Long ја ставаат безбедноста на прво место. Понатаму, германскиот ACE Club Europa ги стави на 8-мото место на неодамнешна споредба на 10 различни пневматици – но таа позиција ја делат со GoodYear Eagle F1 Supersport. И повторно, гумите покажуваат одлични, дури и водечки резултати во услови на мокро управување и мокро сопирање. Океј, океј, не можеме да кажеме дека гумите ги имаат истите перформанси, но онаму каде едните имаат полоши, другите имаат подобри – па поените се изедначуват.
Неодамна своја споредба објави и германскиот Auto Bild. Тие споредија дури 52 различни модели на пневматици во услови на мокро и суво сопирање. Погодувате кој имаше најдобри резултати?
Интересни резултати има и за Ling Long Comfort Master – гуми наменети за секојдневно возење. Според резултатите кои ги пренесуваат Tyre Reviews, на тестирањето на германскиот Netzwelt, Comfort Master завршуваат на второто место, веднаш зад Continental Premium Contact. Истовремено, имаат подобри вкупни резултати и од многу други попознати (и значително поскапи) брендови.
Па добро, што ни е поентата со сето ова? Па дека се повторува приказната на кинеските автомобили – кинеските гуми веќе ниту се лоши, ниту пак неквалитетни. Да, во ред, за некои работи сè уште учат, но од Ling Long покажуваат дека учат брзо и инвестираат многу во развојот на нови технологии, дизајн на нови шари и прилагодување на понудата на пазарната побарувачка.
И едноставно, не смееме да го игнорираме фактот дека се ценовно прифатливи за нашите купувачи. Па кога ќе ја прифатиме новата реалност дека гумите веќе се покажуваат на издржани, докажани тестирања и дека се нудат по добра цена – барем во случајот на Ling Long – „кинеска гума“ веќе не значи нешто лошо.
И во ред, не кажуваме дека треба веднаш да излезете и да купите Ling Long – и тие, како и другите кинески брендови сè уште работат на етаблирање на пазарот, и секогаш нашиот совет ќе биде да не правите компромис туку да ги изберете најквалитетните и најдобрите гуми кои можете да си ги дозволите. Но токму тука е она кое сакаме да го потенцираме – ако буџетот е ограничен, веќе не мора да значи дека кинеските гуми се неприфатлив компромис.





