ТЕСТ: DFSK Glory 580 1.5T Intelligence CVT – Темелно унапредување за кинескиот SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: DFSK Glory 580 1.5T Intelligence CVT – Темелно унапредување за кинескиот SUV

Кога пред неколку години за прв пат седнавме зад управувачот на DFSK Glory 580, тоа всушност ни беше прв пат да возиме кинески автомобил. Сега, неколку години подоцна повторно го возиме Glory 580, но овој пат го возиме фесјлифтираниот кинески SUV.

Не смееме да не ги сфатиме сериозно, рековме кога го возевме DFSK Glory 580 – и сè уште стоиме позади таа изјава. Зошто? Затоа што кинеските производители се движат со темпо кое европските, јапонските и американските брендови како да го заборавиле. Од брзината со која ги прифаќаат критиките и ги подобруваат своите продукти ќе ви се заврти главата – и токму тоа ги прави да бидат вистинска закана за веќе постоечките производители.

И токму тоа се случува и со освежениот Glory 580. Освежувањето е толку темелно и толку длабинско, што дури и ние бевме изненадени.

Редизајниран, посериозен и повозрасен  лик – Glory 580 сега навистина има свој, засебен идентитет

Ајде прво за визуелните измени. Ќе започнеме со целосно-редизајнираните предни светла, новата, поширока и полуксузна предна маска (која е инспирирана од Fengon F5) и целосно-новиот преден браник кој сега има декоративен елемент во сребрена боја.

Продолжуваме со новите тркала и дискретните, скоро незабележливи измени на профилот и завршуваме со суптилните, но уверливи измени на задниот дел – задните светла имаат редизајнирана графика а во долниот дел од браникот се вградени завршетоци на издувниот систем.

Сето тоа му дава на Glory 580 еден посериозен, повозрасен лик. Ако пред освежувањето Glory 580 изгледаше како дизајнерска комбинација од неколку различни европски и јапонски модели, тогаш со освежувањето кинескиот SUV добива свој, засебен идентитет.

Голема и просторна кабина со многу, многу опрема.

Освежувањето продолжува внатре – ја отвораме вратата и не пречекува голема и просторна кабина. Седнуваме во кожните седишта и прилично лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција.

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Веднаш се забележува подобрувањето на материјалите во кабината – да, во ред, европските конкуренти тука сè уште имаат опипливо водство, но токму во квалитетот и ергономијата на кабината е направен најголемиот чекор напред.

Материјалите во кабината се скалило или две поквалитетни, а забележливо е подигнато и нивото на финалната обработка. Препознаваме нов дигитален панел кој е поинтуитивен за користење (иако на моменти малку спор), а под него се поставени физичките контроли за клима-уредот.

Нов е и управувачот, како и инструментите поставени пред возачот. Некакви забелешки? Не ни се допаѓа дека управувачот се нагодува само по височина, но не и по длабочина.

Просторната понуда е – особено со оглед на цената на Glory 580 – во најмала рака, запрепастувачкатa – ова е голем SUV. За возачот и совозачот има повеќе од доволно простор, патниците на задната клупа можат „да играат фудбал“ а патниците на третиот ре седишта (да, Glory 580 има седум седишта) без поголем проблем ќе патуваат кон поблиски дестинации. Во ред, не би сместиле возрасни патници на третиот ред – но практичноста на имањето трет ред седишта не може да се игнорира.

Багажниот простор е достапен преку голема петта врата, а во зависност од конфигурацијата (дали користите 7 или 5 седишта, или пак целосно е преклопена задната клупа) на располагање ќе имате багажник со капацитет од 375 до 2215 литри.

Многу, многу, многу опрема

Секако, не смееме да заборавиме да го напоменеме еден од најсилните адути на Glory 580 – а тоа е неговата опрема. Дури и во основното ниво на опрема кое се нарекува Comfort, Glory 580 доаѓа со кожни седишта, автоматски менувач, автоматски клима уред и многу, многу повеќе, но одете скалило погоре и ќе добиете додатоци и технологии кои обично се задржани за значително поскапи автомобили.

Поврзано:  Кинескиот производител Dongfeng Motor Group е на чекор до изградба на фабрика во Италија

Покрај веќе-споменатите кожни седишта, ќе добиете и сончев кров, надграден 9-инчен мултимедијален уред, цел грст системи за безбедност и асистенција во возењето, Keyless пристап без клуч, 360-степенска камера за асистенција при паркирање, електронска рачна кочница и многу, многу повеќе…

Комфорен зад управувачот со доволно моќ од 1.5-литарскиот турбо-бензинец

Какво е искуството зад управувачот? Исто како и досега – Glory 580 е ориентиран кон комфор и безбедно возење и нема никакви спортски претензии. Низ управувачот не се пренесуваат никакви информации од подлогата, а суспензијата е прилагодена без приговор да ги впива нерамнините од нашите патишта. Главните адути на Glory 580 се комфорот и просторноста – и всушност, би додале дека инженерите на DFSK ја направиле вистинската одлука во овој поглед.

Повторно, Glory 580 го придвижува 1.5-литарски турбо-бензинец, кој силата ја пренесува кон предните тркала преку бесстепен CVT автоматски менувач. Турбо-бензинецот испорачува 146 коњски сили и 220 Nm вртежен момент – како што рековме, кон предните тркала.

Перформансите се сосем коректни – 100 километри на час пристигнуваат за нешто помалку од 13 секунди, додека максималната брзина е 180 километри на час. Забрзувањето благодарение на CVT менувачот е мазно и линеарно, иако при силно забрзување присутен е оној звук карактеристичен за ваквите менувачи. Во однос на потрошувачката – со оглед на големината на DFSK Glory 580, потрошувачката од околу 12 литри на 100 изминати километри во град не е воопшто страшна. Сепак зборуваме за голем SUV.

Темелниот фејслифт на Glory 580 наметнува едно интересно размислување…

Каков е заклучокот за освежениот Glory 580? Кинеските брендови забрзано ги унапредуваат своите продукти, како и мрежата за нивна поддршка ширум светот. Со оглед на налудничавите ценовни политики на европските брендови, не сме воопшто изненадени што производителите кои доаѓаат од далечниот исток сè полесно и полесно се пробиваат на пазарите и наоѓаат свои купувачи. DFSK веќе не е непознат бренд на нашиот пазар и сè повеќе купувачи ги препознаваат неговите квалитети.

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Разликите меѓу Glory 580 пред неговото освежување и по него се значителни, видливи и опипливи – и самиот факт дека разликите можат да бидат толку големи со само еден фејслифт наметнува една отрезнувачка реалност – темпото со кое работат кинеските производители не само што најверојатно ќе им овозможи брзо да ги надминат европските конкуренти, туку може да ги направи и тешки за достигнување… А тоа веќе е сосем поинаква тема за размислување.

Спецификации

Модел: DFSK Glory 580 1.5T Intelligence CVT
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец
Моќност: 146 коњски сили / 5600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 220 Nm / 1800 вртежи во минута
Менувач: Автоматски бесстепен CVT
0-100 км/ч: 12.8 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4680 mm
Ширина: 1845 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1715 mm
Тежина: 1510 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2780 mm
Багажен Простор: 375 – 2215 литри
Потрошувачка: 11.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: DFSK Glory 580 1.5T Comfort CVT – 20.900 Евра
Цена на тестираниот модел: DFSK Glory 580 1.5T Intelligence CVT – 22.900 Евра
Повеќе Информации: DFSK.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.