Македонска премиера на новиот Volvo EX30! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска премиера на новиот Volvo EX30!

Новиот EX30 е најмалиот и најевтиниот електричен SUV на брендот, но истовремено е и автомобилот со најбрзо забрзување до 100 километри на час во историјата на шведскиот бренд – и од денес е достапен во Македонија!

EX30 стартува нова ера за шведскиот бренд – и тоа поради повеќе причини. EX30 е првиот автомобил на Volvo кој е развиен да биде исклучиво-електричен, а со тоа воведува и сосем нов пристап на дизајн и развој.

EX30 е достапен во три различни конфигурации – Single Motor Standard Range, Single Motor Extended Range и Dual Motor Performance. Основната верзија е со еден мотор, погон на задните тркала и батерија со капацитет од 51 kWh. Оваа конфигурација овозможува автономија до 440 километри во градски услови на возење.

Скалило погоре е верзијата со истиот мотор, но поголема батерија со капацитет од 69 kWh. Оваа верзија може да помине до 660 километри во градски услови. Двете верзии имаат по 272 коњски сили и 343 Nm и достигнуваат 100 километри на час за 5.7, односно 5.3 секунди.

На самиот врв е изведбата EX30 Dual Motor Performance, која (како што и самото име кажува) има два електромотори, а и оваа верзија ја користи поголемата батерија со капацитет од 69 kWh. Оваа конфигурација располага со вкупно 428 коњски сили и 543 Nm вртежен момент и забрзува до 100 километри на час за 3.6 секунди (побрзо од било кој друг модел во историјата на Volvo), а батеријата овозможува автономија до 590 километри во градски услови на возење.

Инаку, тука се сите безбедносни системи кои се очекуваат кај Volvo, додека дизајнот е сосем нов и радикално поинаков од сите други модели на шведскиот бренд кои досега сме ги возеле. Преовладуваат чисти и остри површини, со дефинирани линии и одлучни, самоуверени детали. Кабината е типична за Volvo – преовладуваат шведскиот минимализам и технолошкиот максимализам – EX30 е темелно современ автомобил.

Цените во Македонија започнуваат од 37.990 Евра за основната варијанта, додека EX30 Dual Motor Performance во врвно ниво на опрема ќе чини нешто над 50.000 Евра.

Поврзано:   Volvo го произведе последнoто возило со дизел мотор


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.