Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024

Вчеравечер на свечен, гала настан, официјално ги доделивме наградите за Најпосакувани Автомобили во Македонија за 2024.

Вчеравечер ги доделивме јубилејните, петти награди Златно Тркало за Најпосакуван Автомобил во Македонија. Овогодинешното издание покрај тоа што беше јубилејно, беше и големо – вкупно 14 автомобили се натпреваруваа во 5 категории, а по бројните гласања токму нашата публика ги одбра победниците.

Оваа година повторно го доделивме и признанието кое го даваме на македонци кои оставаат траг во автомобилската индустрија ширум светот и Македонија ја ставаат на глобалната автомобилска мапа. Оваа година добитник на признанието е Томе Јованоски, македонец кој е Exterior Chief Designer во Jeep и кој веќе со години ја остава својата трага во автомобилската индустрија. Иако Томе не можеше да присуствува, тој нè поздрави нас и гостите преку видео, а во негово име наградата ја презема неговата сестра, Јованоска Гордана.

Секако, главниот фокус беше повторно кон автомобилите-победници. Оваа година беа направени повеќе од 21.000 гласања во пет различни категории.

Новата Corsa ги освои вашите гласови и со 47.53 проценти од гласовите во категоријата ја прогласивте за Најпосакуван Градски Автомобил. Наградата ја прими господинот Драган Јовев, бренд менаџер на Opel за Македонија.

Со освоени 29.49% од гласовите во категоријата, за Најпосакуван Семеен Автомобил го избравте големиот, плаг-ин хибриден SUV на Mazda – новата Mazda CX-60. Наградата ја прими господинот Жарир Филип Хамдан, главен директор на Стар Моторс, Мазда Македонија.

Големиот Volkswagen ID.7 освои 31.22% од гласовите во својата категорија и е избран за Најпосакувaн Електрифициран Автомобил. Наградата ја прими господинот Александар Цветковски, бренд менаџер на Volkswagen во Македонија.

Поврзано:   Среќен 50-ти роденден, Volkswagen Golf!

Признанието за Најпосакуван Премиум Автомобил отиде кај Audi Q8. Големото Coupe-SUV на Audi освои 46.20% од гласовите во својата категорија, а наградата ја прими Г-ѓа Весна Бошнаковска, бренд менаџер на Audi во Македонија.

И конечно, главната награда, признанието за Најпосакуван Нов Автомобил во Македонија, заслужено оди кај новата Porsche Panamera. Со освоени 39.90% од дадените гласови, новата Panamera се наметна како доминантна во својата категорија и вие, нашите читатели ја избравте за Најпосакуван Нов Автомобил во Македонија.

Изборот Златно Тркало го организираме ние, во соработка со нашите колеги од Автоплус, CarsByVik и RPM.mk. Кон крајот на секоја година формираме листа на нови автомобили кои се пристигнати на нашиот пазар во период од една година и потоа на листата на гласање се наоѓаат модели кои овластените импортери ќе ги номинираат. Кога ќе започне гласањето, токму вие – нашата публика ги одбирате победниците. Со доделување на наградите, официјално заврши овогодинешниот циклус, а веќе од денес започнува следниот циклус каде повторно – заедно со вас – ќе ги барама најпосакуваните автомобили во Македонија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.