ПРЕМИЕРА: BMW го најавува новиот iX3 со Vision Neue Klasse X – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW го најавува новиот iX3 со Vision Neue Klasse X

Neue Klasse X е вториот Neue Klasse концепт кој BMW го претставува и е вториот од вкупно шест Neue Klasse автомобили кои BMW ќе ги лансира во следните три години.

Од BMW кажуваат дека дизајнот на Neue Klasse X е смирен во однос на моменталниот дизајнерски јазик на германскиот бренд. Дали е тоа директен одговор на реакциите на публиката и автомобилските новинари кон моменталните дизајни на BMW? Би сакале да мислиме дека е така.

Предниот дел на Neue Klasse X е смирен, со тенки вертикални „бубрези“ кои дефинитивно асоцираат на моделите на BMW од минатото – ако се потсетите на BMW 2002, ќе знаете точно што мислиме. Светлата се тенки и комбинираат хоризонтални и дијагонални елементи, додека долниот дел од браникот е широк и длабок.

Профилот добива комбинација од чисти и рамни површини, но и забележливо ниски линии со кои BMW сака да ја потенцира динамичноста. Дополнително, напоменуваат дека аеродинамиката е подобрена за 20% во однос на тековните модели на брендот. На задниот дел вниманието оди кон големите задни светла, нагласениот спојлер и длабокиот заден браник. Сè на сè – нам ни изгледа сосем добро и сега навистина нè интересира како ќе изгледа серискиот модел.

Концептот е поставен на најновата генерација на електричен погон на BMW – а тоа ветува подобрена автономија за 30%, но и побрзо полнење. Платформата е поставена на 800-волтна архитектура, која пак овозможува навистина брзо полнење. BMW ги потенцира четирите нови „супер-мозоци“ кои самите ги имаат развиено и кои нудат од 10 пати повеќе процесорка моќ. Меѓу другото, овие супер-мозоци (добро де, контролни единици) ќе управуваат со погонот и со автономното возење.

Поврзано:  BMW го претстави концептот Skytop

Во кабината забележуваме копчиња поставени на управувачот (кој BMW го нарекува HyPerson X) со кои ќе се контролираат функционалностите, а iDrive контролерот заминува во пензија. Во ентериерот се користени обновливи материјали, рециклирани пластики и слично – дури 30% од пластиките во кабината се направени од отфрлени рибарски мрежи! Новиот Panoramic Vision систем проектира информации на ветробранското стакло директно во полето на поглед на возачот, а тродимензионалниот хед-ап дисплеј може да проектира информации за навигацијата, асистенцијата во возењето, итн.

И што значи сето ова? Во суштина – ова е новиот iX3 (и потенцијално, поконвенционален X3 кој би требало да има и поконвенционален дизајн) кој треба да пристигне следната година. Иднината на BMW изгледа навистина интересно!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.