Nissan и Honda разгледуваат опции за заедничка соработка – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Nissan и Honda разгледуваат опции за заедничка соработка

Јапонските брендови размислуваат за меѓусебно споделување на технологиите за батерии, мотори, софтвер и останати компоненти.

Во блиска иднина можеме да очекуваме да видиме како производителите на автомобили се здружуваат меѓусебно за да се борат против брендовите кои доаѓаат од Кина и се сè поуспешни и поуспешни. Деновиве во Токио, Honda и Nissan јавно ја објавија својата намера да го направат токму тоа. Плановите се во рана фаза, но двата бренда се согласија да започнат физибилити студија која ќе ги испита опциите за заедничко производството на електрични возила, делови и софтвер. Претседателот на Honda, Тошихиро Мибе, рече дека компаниите допрва треба да одлучат за деталите за потенцијалната соработка, a извршниот директор на Нисан, Макото Учида, тврди дека тие се отворени за соработка на глобално ниво, не само во Јапонија.

„Играчите во подем се многу агресивни и навлегуваат со неверојатна брзина“, им рече Учида на новинарите, алудирајќи на зголемената закана од кинеските производители на автомобили, но и на големата Tesla. „Не можеме да победиме на натпреварот се додека се држиме до конвенционалната мудрост и традиционалниот пристап“, додаде тој. Nissan е еден од оригиналните пионери за електрични возила благодарение на лансирањето на Leaf во 2010 година, но не успеа да го задржи моментумот во последниве неколку години.

Поврзувањето Honda-Nissan може да изгледа како чуден сојуз, имајќи предвид дека Nissan веќе е во алијанса со Renault и моментално работи на следната генерација на Micra која ќе ја користи новата платформа на Renault 5. Но, Учида тврди дека заедничката програма со Honda нема да влијае на нивниот договор со Renault, кој најголемо влијание има на европскиот пазар. Од друга страна, Honda ја користи технологијата GM Ultium на американскиот пазар и има посебен договор со Sony кој е фокусиран на изнесување три електрични автомобили на пазарот до крајот на деценијата.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!