ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот, голем E-5008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот, голем E-5008!

Новиот голем SUV на Peugeot доаѓа стандардно со седум седишта и е достапен со електричен или хибриден погон.

Новиот E-5008 (или едноставно 5008) стандардно доаѓа со седум седишта и редизајнирана кровна линија за да понуди навистина многу простор во кабината. Поставен на истата STLA Medium платформа на која е поставен и новиот Е-3008 (кој ние пред помалку од две седмици го возевме во Кан), 5008 ветува уште повеќе простор, уште повеќе практичност, но и рекордерски багажник, кој со преклопен трет ред седишта нуди капацитет од скоро неверојатни 748 литри.

Главната дизајнерска измена во однос на 3008 е кровната линија – 3008 има опаѓачка Fastback линија, додека 5008 добива поконвенционална SUV форма. Секако, за да може да го смести третиот ред седишта, 5008 добива и зголемено меѓуоскино растојание – кај 3008 тоа е 2.74 метри, а кај 5008 има цели 2.9 метри меѓу оските.

Во однос на погонските опции, Е-5008 ги добива истите електрични опции кои се нудат и кај Е-3008, но и истиот хибриден погон. Доколку одберете електричен Е-5008, ќе можете да изберете меѓу погонот со 210 коњски сили, или пак помоќниот со 230 коњски сили. Достапни се и неколку варијанти на батеријата – основната е со 73 kWh, додека поголемата е со цели 98 kWh. Поголемата батерија ветува автономија од 660 километри.

Секако, тука е и хибридниот погон чија основа е 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 136 коњски сили. Оваа комбинација добива лајт-хибриден систем со електромотор вграден во е-DSC6 менувачот и ветува подобрена ефикасност за цели 15% во однос на конвенционалниот погон (кој не се ни нуди во 3008 и 5008). Според Peugeot, лајт-хибридниот погон може до 50% од времето да вози на струја – секако, тоа е во спор, градски сообраќај, но токму во овие ситуации потрошувачката на гориво е најголема.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Во понудата наскоро ќе биде додадена и плаг-ин хибридна верзија која комбинира 125-коњски електромотор и 150-коњски бензинец и би требало да може да помине безмалку 80 километри на електрична енергија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.