СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG – Како е да се живее со плаг-ин хибрид во Македонија? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG – Како е да се живее со плаг-ин хибрид во Македонија?

Започнуваме нешто поинакво и нешто интересно – ќе се обидеме да откриеме и да пренесеме како е да се живее со плаг-ин хибрид во Македонија!

CARclub.mk започнува нов и интересен проект – следниве месеци ќе откриваме како е да се живее со плаг-ин хибриден автомобил во Македонија.

Како вовед, ќе зборуваме за автомобилот кој ќе биде наш партнер во оваа авантура. Ќе возиме Volkswagen Golf од осмата генерација, но во несекојдневна GTE изведба. Да, ќе возиме плаг-ин хибриден Golf!

Golf GTE е придвижуван од комбинација од 1.4-литарски TSI турбо-бензинец, електромотор и батерија со капацитет од 13 kWh, односно достапни 10.4 kWh. Добро-познатиот 1.4-литарски турбо-бензинец испорачува 150 коњски сили од 5000 до 6000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1550 до 3500 вртежи во минута. Турбо-бензинецот соработува со електромотор кој испорачува 110 коњски сили и 330 Nm вртежен момент „од нула.“ Вкупната, системска моќност е 245 коњски сили и 400 Nm вртежен момент.

Според официјалните податоци од Volkswagen, Golf GTE може да помине до 60 километри на струја – но тоа е во идеални услови. Ние досега поминавме околу 700 километри и при ниски утрински температури (кои за среќа веќе се зад нас!) автомобилот покажуваше автономија од околу 38 километри со полни батерии. Како што се качуваат температурите автономијата расте и во моментов наутро имаме достапни околу 42-43 километри. Просечната потрошувачка досега? Верувале или не, помалку од 1.5 литри бензин на 100 изминати километри!

Системот дозволува возење на електрична енергија при брзини до 130 километри на час. Дополнително, ниту перформансите не се за занемарување – Golf GTE забрзува до 100 километри на час за само 6.7 секунди и достигнува максимални 225 километри на час.

Следниве месеци редовно ќе ги пренесуваме нашите искуства – без задршки и со објективни, вистински бројки и податоци. Ќе зборуваме за трошоците, автономијата, полнењето и условите (или недостатокот на истите) за полнење ширум Македонија. И кога сме веќе кај полначите – верувале или не, ЕВН има повеќе од 30 полначи ширум Македонија од кои дури 18 се во Скопје, а веќе се најавени уште 20-тина нови.

Поврзано:  Volkswagen и Renault сепак нема заедно да прават мало електрично возило

Ќе истражуваме каква е потрошувачката во градски услови, но каква е и на отворено. Ќе патуваме, ќе возиме и ќе ги пренесеме нашите искуства. Следете нè, ќе биде интересно!

Спецификации

Модел: Volkswagen Golf 8 GTE 245 DSG
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1550 – 3500 вртежи во минута
Моќност (електромотор): 110 коњски сили
Вртежен Момент (електромотор): 330 Nm
Системска Моќност: 245 коњски сили
Системски Вртежен Момент: 400 Nm
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 6.7 секунди
Максимална Брзина: 225 километри на час
Должина: 4287 mm
Ширина: 2073 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1484 mm
Тежина: 1549 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2630 mm
Потрошувачка: 1.4 литри на 100 километри (измерена, градска)


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.