Вчеравечер своја гала-премиера доживеа новата, трета генерација на луксузниот спортски седан на Porsche – пристигна новата Panamera!
Новата Panamera добива нов лик, со редизајнирани предни светла, нов, подинамичен браник и агресивни отвори за воздух. Matrix LED предните светла сега се стандарден дел од опремата, а нивната форма убаво прилега на исфрлените крила. Третата генерација на Panamera добива и нови странични отвори за воздух, заострени стаклени површини и редизајниран заден дел со едноделен светлосен елемент и нагласен заден браник со интегриран дифузер.
Кај новата Panamera дебитира и новата Active Ride суспензија. Овој иновативен нов систем вклучува активни амортизери, електрично-контролирана хидраулична пумпа и еднокоморна воздушна суспензија која континуирано го „порамнува“ автомобилот додека истовремено ги впива сите нерамнини од патот. Од Porsche напоменуваат дека токму овој систем овозможува огромен распон на прилагодување меѓу комфорот и динамичното возење.
Истовремено, системот автоматски ја прилагодува и дистанцата од подлогата во зависност од режимот на возење додека новиот Comfort Access систем ја подигнува панамера за цели 5.5 сантиметри за полесно влегување во и излегување од кабината.
„Со децении, Porsche е синоним за иновација, прецизност и немилосрдна потрага по автомобилско совршенство. Со секое ново издание, Porsche продолжува да ги редефинира границите на перформанси и луксуз, а новата Panamera не е исклучок“ – изјави Генералниот Директор на Порше Македонија, Златко Муцунски.
Panamera добива кабина која е инсприрана од Taycan и може да има три екрани. Пред возачот е псотавен 12.6-инчен дигитален инструмент панел, на централната конзола има уште еден екран наменет за мултимедијалните контроли и функционалностите во автомобилот, додека пред совозачот е поставен 10.9-инчен екран. Контролерот за менувачот е поставен до управувачот, со што на централната конзола се ослободува повеќе простор.
По воведниот говор, деталната презентација на новиот модел беше изведена од страна на Бренд Менаџерот на Porsche – Винко Марашевиќ, кој изјави – „Наследството на Porsche е она што е дефинирано со немилосрдните иновации, непоколебливата посветеност на извонредноста и непопустливата страст за уметноста на возење. И со новата Panamera, Porsche уште еднаш го подигнува нивото, поставувајќи нови стандарди во перформансите, луксузот и технолошкиот напредок. Panamera отсекогаш го претставувала совршениот спој на формата и функцијата – возило кое беспрекорно ја спојува елеганцијата со динамиката, луксузот со перформансите. И во оваа нова генерација, сите нејзини веќе познати карактеристики се издигнати на невидени височини.“
Новата Panamera е достапна со грст турбо-бензински и хибридни погони. Понудата започнува со новите Panamera и Panamera 4 кои користат 2.9-литарски турбо V6 кој испорачува одлични 353 коњски сили и 500 Nm вртежен момент – ова овозможува спринт до 100 километри на час за 5.2 секунди кај Panamera, односно 4.8 секунди кај Panamera 4 и максимална брзина од 272 односно 270 километри на час.
Над нив во хиерархијата се новите E-Hybrid погони кои нудат зголемена автономија на електрична енергија, но и зголемена системска моќност која достигнува и до 680 коњски сили и 930 Nm вртежен момент кај Panamera Turbo E-Hybrid.
Новата Panamera можете да ја погледнете во салонот на Porsche во Скопје.