ТУРБО ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 T-GDI HEV AWD Executive – Поефикасен и помоќен Sportage – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 T-GDI HEV AWD Executive – Поефикасен и помоќен Sportage

Повторно Sportage на нашите страници – но овој пат со моќен и ефикасен хибриден погон кој ветува поуверливи перформанси и значително подобрена економичност.

Ова не е прв пат Sportage да се појави на нашите страници. Веќе добро го познаваме јужно-корејскиот SUV – прво го возевме во Reference 3 изведба, опремен со 1.6-литарски турбо-бензинец, а потоа го возевме и во First Edition изведба во комбинација со 1.6-литарски турбодизел и мануелен менувач.

Денес ќе зборуваме за Sportage во можеби неговата најсовремена изведба – опремен со хибриден погон кој ветува уште поуверливи перформанси но и уште подобра економичност. Кај нашите купувачи ваквиот погон е можеби малку неочекуван и неконвенционален за Kia – но верувајте, Kiа има што да понуди.

Моќен и ефикасен погон

Срцето на погонот е добро-познатиот 1.6-литарски T-GDI турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 265 Nm од 1500 до 4500 вртежи во минута. Бензинецот соработува со електромотор кој испорачува дополнителни 60 коњски сили и 264 Nm вртежен момент „од нула“, а енергијата за електромоторот се складира во релативно мала батерија со капацитет од само 1.49 kWh.

Електромоторот е поставен меѓу бензинскиот мотор и автоматскиот менувач, а вкупната системска моќност која се испорачува кон сите четири тркала е одлични 230 коњски сили и 350 Nm вртежен момент – доволни да го забрзаат хибридниот Sportage до 100 километри на час за 8.3 секунди, но и да му овозможат максимална брзина од 193 километри на час.

Хибридниот систем работи безмалку незабележливо и супер-ефикасно. Во градски услови можете да очекувате потрошувачка која често нема да надмине 7 литри на 100 изминати километри. На автопат очекувајте нешто пониска потрошувачка – со константна брзина од 120 километри на час, потрошувачката лебди некаде околу 6 литри на 100 изминати километри.

Главните предности на ваквиот погон се препознаваат највеќе во градски услови на возење, каде во тргни-застани ситуации и во градскиот метеж неретко се движевме само на електрична енергија. Плус, дополнителниот „буст“ од електромоторот е секако добредојден при подинамично забрзување. Се забележува мало колебање на автоматскиот менувач при подинамично возење. За разлика од другите верзии на Sportage кои добиваат менувач со двојна спојка, хибридниот Sportage добива торк-конвертер коj дефинитивно работи помазно од DCT, но како резултат на тоа не реагира толку инстантно како DCT7 менувачот на Kia.

Поврзано:   Kia пушти тизер за новиот EV6!

Sportage HEV и понатаму е Sportage

Инаку, ова е и понатаму добриот Sportage кој го познаваме. Врвно-опремен, супер-комфорен и сосем доволно просторен и практичен. Немаме забелешки ниту на опремата, ниту на комфорот, ниту на динамиката. Кабината е просторна, практична и прегледна, а сите команди се близу на дофат и лесни за наоѓање и разбирање.

Бидејќи не е направен никаков компромис во однос на просторноста во кабината, патниците и во хибридниот Sportage ќе патуваат комфорно дури и кон подалечни дестинации, а во багажниот простор ќе имате на располагање капацитет од одлични 587 литри со исправени задни седишта, односно замашни 1776 литри со спуштени задни седишта.

Замерки? Па и немаме многу. Не ни се допаѓа трендовскиот пијано-црн финиш во кабината – но такви се трендовите. Од друга страна, кабината е навистина богато опремена – па добивате греење на предните и задните седишта, адаптивен темпомат, LED осветлување, Harman/Kardon премиум аудио уред, еден куп системи за асистенција и многу, многу повеќе.

Со скалило погоре во однос на моторизацијата, се оди скалило-две погоре во однос на рафинираноста и ефикасноста

Овaa дискусија за хибридниот Sportage ќе ја завршиме со очигледен заклучок – а заклучокот е дека Sportage е веќе докажан и купуван SUV на нашиот пазар, но истовремено дека со скалило погоре во однос на моторизацијата, се оди скалило-две погоре во однос на рафинираноста и ефикасноста.

Хибридниот погон на Sportage HEV дефинитивно е ориентиран повеќе кон комфорот и уживањето во комфорот – а зголемената моќност, подобрите перформанси и подобрената ефикасност се одличен бонус!

Спецификации

Модел: Kia Sportage 1.6 T-GDI HEV AWD Executive
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, електромотор
Моќност: 230 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 350 Nm / 1500 – 4000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
0-100 км/ч: 8.3 секунди
Максимална Брзина: 193 километри на час
Должина: 4515 mm
Ширина: 1865 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1650 mm
Тежина: 1580 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 526 – 1715 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 2WD MT6 Concept – 27.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia Sportage 1.6 T-GDI HEV AWD Executive – 45.500 Евра
Повеќе Информации: KIA.mk
Поврзано:   Kia пушти тизер за новиот EV6!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.