Fiat најавува пет нови модели со пет супер-креативни концепти! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Fiat најавува пет нови модели со пет супер-креативни концепти!

Fiat најави пет концепти кои одат кон сериско производство! Првиот сериски автомобил базиран на еден од концептите ќе пристигне годинава, а Fiat ќе лансира по уште еден автомобил на секои 12 месеци!

Новата „постава“ на Fiat ја најави токму главниот извршен директор на Fiat (кој воедно е и одговорен за маркетинг на ниво на Stellantis групацијата) – Olivier Francois. Тој најави дека првиот автомобил базиран на овие концепти ќе ја има својата премиера во Јули и дека Fiat ќе лансира по еден нов автомобил сè до 2027. Амбициозно, но Fiat навистина одлично ги разбира малите автомобили – па кога италијанскиот бренд претставува нешто ново, сите внимантелно гледаме и слушаме.

Првиот претставен концепт е City Car кој е за нијанса поголем од сегашната Panda. Концептот е инспириран од Lignotto зградата во Торино – да, онаа зграда со тест-патека на кровот. Дизајнерите на Fiat влечеле инспирација од структурата на зградата, оптимизацијата на просторот и светлината која продира благодарение на големите стаклени површини. Дополнително, Fiat напоменува дека ќе посвети уште повеќе внимание на одржлвиите материјали, а најавуваат и олеснување на електричната мобилност преку иновативни решенија – како на пример, кабел за полнење кој самиот се намотува.

Вториот концепт го нарекуваат Pick-Up. Овој концепт е важен поради водечката позиција на пазарот која Fiat ја ужива во Јужна Америка. Всушност, во Бразил најпродаван автомобил е токму пик-апот Fiat Strada. Со овој концепт, Fiat ја враќа забавата во функционалноста и директно одговара на глобалното повторно откривање на слободното време како вистинска вредност. Напоменуваат дека Outdoor активностите не се само хоби и дека овој концепт е дизајниран да го извлече максимумот од ваквиот лајфстајл.

Третиот концепт е наследник на два различни модели – Fiat Fastback во Бразил и Fiat Tipo во Европа, Средниот Исток и Африка. Fastback ќе ги следи чекорите на овие модели и ќе се наметне како глобален играч на сите овие пазари. Концептот е замислен да биде младешки и забавен, но истовремено и привлечен и ефикасен.

Поврзано:   Луѓето ја сакаат Fiat Panda - Fiat им го дава на луѓето она кое го сакаат!

Секако, ваква презентација не може да помине без SUV – и токму овој концепт кој напоменуваат дека е „Giga-Panda“ ќе биде идеалниот автомобил кој ќе ги задоволи потребите на семеен транспортер. Напоменуваат дека овој концепт ќе ги задоволи сите потреби на купувачите во однос на безбедноста, повеќенаменскиот пристап и дизајнот, и дека ќе понуди просторност и робустност на семејства ширум светот.

Конечно, тука е и Camper – ултимативното повеќенаменско возило. Токму ова возило ќе биде возилото кое ќе го отелотворува Dolce Vita лајфстајлот и ќе ги поврзе луѓето едни со други, но и со природата. Овој концепт оддава почит на Fun-ctionality пристапот на Panda од 80-тите години и се потсеќа на повеќенаменскиот дух на возило кое е наменето за градот, но со атрибути на SUV и дух на доверлив сопатник.

Всушност, со сите овие концепти, Fiat го прикажува својот талент од еден автомобил да понуди повеќе различни изведби кои иако се на прв поглед слични, сепак се целосно различни – со засебен карактер и засебна цел. Италијаните се мајсторите на малите автомобили  и го користат своето искуство на најдобар можен начин!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.