ТЕСТ: Renault Megane E-Tech EV60 Iconic – Megane за новите времиња – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Renault Megane E-Tech EV60 Iconic – Megane за новите времиња

Францускиот бренд има големи амбиции во однос на електрификацијата – а кај ниту еден модел тие амбиции не се толку препознатливи како кај новиот Megane E-Tech.

Renault се електрифицира на голема врата. Всушност, Renault беше меѓу првите брендови кои воопшто воведоа електрични автомобили во своите брендови – ќе се потсетиме на Zoe и Twizzy. Но сега работите се многу посериозни, а со лансирање електричен автомобил кој го носи името Megane, притисокот е многу поголем.

Современа платформа со пристап до најновите технологии на алијансата

Новиот електричен Megane E-Tech е поставен на CMF-EV платформата која ја дели со Nissan Ariya. Партнерството со Nissan е од особено значење, бидејќи тука веќе не зборуваме само за корпоративни врски, туку и за огромното искуство кое Nissan го има со Leaf – еден од првите електрични хечбек модели. Токму со оваа платформа, алијансата го искористи сето свое знаење и целото искуство кое го има за да понуди продукт кој пристапува кон нештата малку поинаку – но со добра причина.

И кога зборуваме за платформата, ајде да зборуваме за оние работи кои не ги гледаме кај Megane E-Tech. Во предниот дел на автомобилот е поставен електромотор кој испорачува максимални 220 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. „Сок“ влече од батерија со капацитет од 60 kWh која е поставена во подот, под седиштата, што пак резултира со непречен багажен простор и релативно компактни димензии.

Преведено во перформанси, сето тоа значи дека електричниот Megane E-Tech катапултира до 100 километри на час за 7.4 секунди и достигнува максимални 160 километри на час – но целата приказна е многу поуверлива во живо отколку на хартија (или, ете, на екран, во нашиот случај). Секое притискање на педалата за гас резултира со инстантно, подготвено, неуморно и линеарно забрзување, а на семафорското гран при сигурно ќе бидете меѓу првите. Тоа е убавината на електричните автомобили.

Секако, сето тоа е придружено со рафинирано, мазно работење на целиот погон, а доколку бидете внимателни со десната педала ќе достигнете автономија до околу 400 километри во градски услови. Renault ветува автономија до 470 километри според WLTP мерењата и сигурни сме и дека таква бројка може да се достигне, но ќе треба да бидете навииииистина внимателни. На автопат при брзини до 120-130 километри на час очекувајте автономија од околу 300 километри, односно значително помалку ако возите значително побрзо.

Со пристап до доволно брз DC полнач, Megane E-Tech се полни со максимална моќност до 130 kW, со што ќе ја наполни батеријата од 10% до 80% за околу 30 минути. Дополнително, на наизменична (AC) струја може да се полни со моќност до 22 kW, а на домашен полнач со моќност од 11 kW би се наполнил од 0 до 80% за околу 6 часа – сосем коректно за „overnight“ полнење во домашни услови.

Поврзано:  Renault R17 Electric Restomod e ретро-модерно електрично возило!

Низок, стегнат и бумбарест

Во ред, зборувавме за погонот и ги завршивме оние „најважните“ работи на кои сите се концентрираат кога зборуваат за електричен автомобил. Каков е инаку Megane E-Tech од сите други аспекти?

Дизајнерски – би рекле дека е полн погодок. Renault има успешни неколку години кога станува збор да дизајнот, а Megane E-Tech е своевидна кулминација на тоа. Да, дизајнерскиот јазик ни е познат, веќе го видовме минатата година кај Austral – но тука е сè некако позатегнато, подинамично и попропорционално.

На предниот дел ги забележуваме предните светла и дневните светла кои одат под нив, како и широкиот отвор за воздух во долниот дел од браникот. Ни се допаѓаат и „стрелите“ кои се интересен дизајнерски елемент во браникот, како и новото, поедноставно лого на Renault гордо поставено меѓу предните светла.

Профилот е едноставен и чист. Стаклените површини се ниски, што оддава чувство на затегнатост и динамичност, а црните елементи во долниот дел од каросеријата и околу тркалата го прават Megane да биде визуелно понизок. Ако треба да одбереме детал кој не ни се допаѓа баш, најверојатно би ја истакнале хромираната лајсна која се протега од предните до задните столбови.

Но затоа ни се допаѓаат огромните тркала, кои со нивната комплексност одлично одговараат на карактерот на Megane E-Tech. На задниот дел вниманието оди кон задните светла кои би биле споени во едноделен светлосен елемент, да не беше средишно-поставениот знак на Renault.

Сè на сè – Megane E-Tech навистина ни се допаѓа. Дизајнот ги лаже очите и тој изгледа помал и понизок од она кое навистина е, но тоа пак оди рака под рака со динамичноста на електричниот француски хечбек.

Поврзано:  Renault Estafette се враќа како концептуално карго возило

Супер-модерна кабина, инфозабавен систем развиен со Google

Одиме внатре, каде нè пречекува супер-модерна кабина во која веднаш се чувствуваме прилично комфорно. Пред нас се огромните дигитални инструменти, како и вертикално-поставениот централен мултимедијален систем развиен во соработка со Google – и ако се прашуваме, вака треба да биде и кај другите автомобили. Системот функционира брзо и респонзивно и ужива во сите благодети на инфраструктурата на технолошкиот гигант.

Скоро сите материјали кои се на допир се квалитетни, а нивото на завршна обработка е навистина на едно скалило погоре од она кое досега сме го очекувале кај Renault. Седиштата се обвиени во фина и мека кожа, а комбинацијата на текстури и материјали во кабината е навистина интересна.

Имаме ситна забелешка на седиштата – би сакале долниот, седечки дел да е нијанса подолг, но по малку играње со нагодувањето на седиштата успеавме да најдеме комфорна возачка позиција. Прегледноста не е идеална – особено кон задниот дел – но тоа е цената која треба да се плати за дизајнот на Megane E-Tech.

Ергономијата е прилично добра. Откако ќе ја најдете возачката позиција која ќе ви одговара, сите команди се близу на дофат и лесни за користење. Ќе ја поздравиме и одлуката рачката за менувачот да биде поставена на управувачкиот столб – ова ослободува повеќе простор на централната конзола и на гребенот меѓу возачот и совозачот. Да, потребно е малку навикнување и сигурно ќе ви се случи да вклучите бришачи за ветробранското стакло наместо да смените насока на движење – но брзо ќе се навикнете и ќе се уверите во практичноста на ваквата одлука.

На задните седишта има онолку простор колку што очекуваме во еден ваков автомобил. На задната клупа ќе сместите двајца патници, а „во тесно“ можеби и тројца – но тоа не би го препорачале кон подалечни дестинации. Би рекле дека Megane се носи рамо до рамо со своите директни конкуренти.

Онаму каде Megane дефинитивно води е просторната понуда во багажникот – бидејќи батериите се сместени под патничката кабина, багажникот е голем и длабок. На располагање ќе имате одлични 440 литри багажен простор.

Комфорен, но сепак динамичен

Океј, зборувавме за сето тоа – и каков е Megane E-Tech зад управувачот? Би рекле навистина импресивен. Немојте да мислите дека е некаков хот хеч, бидејчи не е – но неговите перформанси и неговата агилност ќе успеат да изнудат насмевка. Неговиот вистински талент се препознава по нашите патишта – лесно поминува нерамнините и суспензијата е ориенирана кон комфор, но сепак успева да го одржи автомобилот рамен кога правиот пат ќе биде заменет со свиоци. Не очекувајте фидбек низ воланот, но управувањето е прецизно.

Поврзано:  Во салонот на Renault пристигна освежениот Captur

Силата се пренесува кон предните тркала и за волја на вистина системот успева прилично уверливо да ги испорача сите тие коњски сили и њутн-метри без посебен приговор, но кога ќе претерате со вашите барања, Megane E-Tech ќе сервира безбедно и предвидливо подуправување. Подуправување кое сигурни сме дека би можело го голем дел и да се надмине со летни пневматици и потопол асфалт.

Megane E-Tech е неконвенционално-конвенционален

Сето ова нè води до еден интересен заклучок. Renault одлучи да не го следи трендот и да прави компромис во однос на багажниот простор со ставање огромни батерии, но одлучи и да го задржи погонот на предните тркала. Сето тоа резултира со многу порационално „пакување“ на автомобилот – електромоторот е напред, погонот е на предните тркала, батериите се во подот, багажникот е голем и практичен – а сето тоа е во еден компактен и динамичен градски хечбек.

Убаво е да се гледа како алтернативното размислување придонесува кон можеби неконвенционално-конвенционални решенија – и новиот Megane е токму таков. Зрелиот пристап и одмереното размислување директно резултира со автомобил кој е динамичен и забавен, а истовремено практичен и ефикасен. Megane за новите времиња, навистина.

Спецификации

Модел: Renault Megane E-Tech EV60 Iconic
Погон: Електромотор, батерија 60 kWh, пренос кон предните тркала
Моќност: 220 коњски сили
Вртежен Момент: 300 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 7.4 секунди
Максимална Брзина: 160 километри на час
Должина: 4200 mm
Ширина: 2055 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1505 mm
Тежина: 1636 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2685 mm
Багажен Простор: 480 – 1332 литри
Автономија: 470 километри според WLTP
400 километри (измерени)
Цена на тестираниот модел: Renault Megane E-Tech EV60 Iconic – 59.450 Евра
Повеќе Информации: Renault.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.