ТЕСТ: Renault Austral 1.3 MHEV 160 Techno Esprit Alpine – Хај-тек SUV наменет за модерните купувачи – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Renault Austral 1.3 MHEV 160 Techno Esprit Alpine – Хај-тек SUV наменет за модерните купувачи

Austral го заменува Kadjar во понудата на Renault – а тоа не е баш толку лесно. Како се снаоѓа новиот SUV во улогата?

Кога го претставуваа Austral, од Renault изјавија дека токму со овој модел „одново ќе го освојат Ц-Сегментот“. Храбри зборови, со оглед на тоа дека конкуренцијата во овој сегмент е и моќна, и докажана, и многубројна. Но по неколку дена поминати со Austral подготвени сме да дискутираме.

Пред да разговараме за дизајнот, ајде малку за технологиите кои се основата на Austral. Новиот SUV на Renault е поставен на најновата интерпретација на CMF-C/D платформата на Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата, а тоа значи дека Austral ги дели гените со одличниот нов Qashqai, но и многу други модели во понудата. Сето ова пак значи дека благодарение на новата платформа, достапни се врвни нови технологии и моќни и чисти нови погонски опции.

Импресивен благ-хибриден 1.3-литарски турбо-бензинец со 160 коњски сили

Срцето на погонската понуда е новиот 1.3-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри кој соработува со лајт-хибриден систем. Турбо-бензинецот испорачува 160 коњски сили од 5250 до 5500 вртежи во минута, како и одлични 270 Nm вртежен момент од 1800 до 3750 вртежи во минута. Свој придонес секако има и лајт-хибридниот систем кој му асистира на турбо-бензинецот во оние ситуации кога треба – а сето тоа ја подобрува ефикасноста на системот. Силата ја пренесува кон предните тркала преку X-Tronic CVT менувач кој да бидеме искрени – не се ни забележува дека е CVT – го нема она карактеристичното „завивање“ на CVТ преносите.

Перформансите се прилично добри – 100 километри на час пристигнуваат за 9.7 секунди, додека максималната брзина е 175 километри на час. Во градскиот метеж погонот лесно го задвижува 1460 килограми тешкиот Austral, а немаме забелешки ниту на перформансите на отворено.

Еластичниот погон му овозможува на Austral одлично да се снајде на семафорското гран при, а притоа нема да бидете казнети со превисока потрошувачка – за време на неколкудневното тестирање измеривме просечна градска потрошувачка од околу 8 литри на 100 изминати километри во градски услови.

Интересна е одлуката на Renault да не понуди дизелска опција кај Austral, туку да се задржи исклучиво на хибридните изведби. Истиот лајт-хибриден погон може да се добие со мануелен менувач и со 140 коњски сили, а скалило погоре е фул-хибридната изведба која комбинира 1.2-литарски турбо-бензинец со три цилиндри со поголема батерија и електромотор за вкупно 160 или 200 коњски сили.

Поврзано:  Renault Rafale пристигна во Македонија!

Austral е еден од најпривлечните модели во сегментот

Океј, но како изгледа Austral? Во нашите очи – навистина привлечно. Дури би рекле дека ова е еден од најпривлечните модели кои во моментов се нудат. На предниот дел доминираат големите отвори за воздух во долниот дел од браникот и на решетката на ладилникот, околу која се поставени новите предни светлосни групи со активни елементи и интересен дизајн. Детал кој особено ни се допаѓа се „перцата од стрели“ во страниците на браникот – несекојдневен и навистина уникатен детал.

Профилот е динамичен, со дискретно-растечка карактерна линија и детали кои ја истакнуваат динамичноста. Заштитните пластики околу тркалата се во сјајна-црна боја, како и кровот, а визуелниот ефект го комплетираат големите, 20-инчни тркала кои се дел од Techno Esprit Apline пакетот. Овој пакет ги вклучува и динамичните, интересни браници, кровните носачи, Alpine праговите, задниот спојлер, итн.. Дефинитивно би го нарачале!

Кога сме кај задниот дел, веднаш ќе ги споменеме широките светлосни елементи. Едноставно – полно погодок. Всушност, целиот заден дел на Austral е интересен, со широки површини и детали кои ја нагласуваат Alpine филозофијата на моделот. Меѓу светлата се поставен знакот на Renault и ознаката Austral, а во длабокиот браник е интегриран „дифузер“ изработен од мат-црна пластика.

Хај-тек кабина развиена, технологии од Google

Одиме внатре. Ја отвораме возачката врата и нè пречекува целосно-нова кабина која дебитираше кај електричниот Megane E-Tech, но всушност е развиена првично токму за Austral. Комбинацијата од 12.3-инчен дисплеј наменет за возачот и вертикално-поставен 12-инчен дисплеј наменет за инфозабавниот уред и навигацијата е интересна и несекојдневна. Стартувањето е (нормално) на копче, а на управувачот е поставен селекторот за режими на возење.

Поврзано:  Volkswagen и Renault сепак нема заедно да прават мало електрично возило

Инфозабавниот систем е развиен во соработка со Google, па скоро беспрекорно ги користи сите технологии на дигиталниот гигант – од врвната навигација, преку гласовните команди, па сè до целосната интеграција со паметни телефони и поврзаните сервиси.

Има и интересни детали – на пример, на малиот Austral прикажан на дисплејот пред возачот му светат стоп-светлата и му трепкаат трепкачите кога ќе притиснете на педалата за сопирачките или кога ќе ги вклучите трепкачите. Мал, но интересен детаљ!

Инаку, во кабината доминираат интересни и квалитетни материјали – од алкантара и меки пластики, па сè до детали од алуминиум. Ако нешто не ни се допаѓа, тоа е (за наш вкус) прекумерното користење на сјајни-црни пластики околу централниот екран – ваквите пластики се вистински магнет за отпечатоци од прсти и прашина. Но затоа ни се допадна скоро сè друго – како на пример алкантарата на седиштата и меката гума на конзолата, материјалите на вратите, итн.

Ни се допадна и интересниот „потпирач“ на централната конзола. Таа рачката која ја гледате на фотографиите не е контролер за менувачот, едноставно е потпирач за раката на возачот или совозачот – интересно решение кое навистина ни се допадна. Каде е контролерот за менувачот? Кај управувачот, како кај многу поскапи автомобили.

Да, првите неколку пати наместо да ставиме во брзина ги вклучувавме бришачите на ветробранското стакло – но брзо се навикнавме и се согласуваме дека ваквото позиционирање навистина го олеснува маневрирањето, особено во потесен простор.

Просторната понуда на задната клупа е во рамките на класата, односно повеќе од дарежлива, а и патниците на задните седишта ќе уживаат во одличните материјали. Багажникот е споредлив со конкурентите – преку големиот отвор се пристапува кон 500 литри со исправени задни седишта, односно 1525 литри со преклопени.

Безбеден и неутрален SUV.

И конечно, ајде малку за искуството зад управувачот. Инженерите на Renault посветиле внимание за Austral да влева доверба во неговите способности. Во ред, ова не е најдинамичниот SUV во Ц-сегментот, но дефинитивно ги покажува своите таленти. Управувањето е прилично неутрално (без никакви повратни информации преку управувачот) без пренагласено подуправување, ниту пак пренагласено навалување во свиоци.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Renault Rafale E-Tech 4x4 300 HP е плаг-ин хибриден SUV со малку магија од Alpine

На пониски брзини и при остри нерамнини забележуваме нијанса повеќе вибрации во кабината, но тоа се должи на големите 20-инчни тркала и оние кои сакаат да го избегнат ова препорачуваме да изберат број-два помали фелни. Од друга страна, во кабината е тивко и на повисоки, автопатски брзини па патувањето и кон подалечни дестинации би требало да биде комфорно и пријатно.

Целото искуство на Renault е преточено во Austral – а тоа кажува многу.

Новиот Austral е вистински исчекор за францускиот бренд. Да, Austral треба да го наследи Kadjar – модел кој беше вистински бест-селер и беше избор на многу, многу купувачи. Не е лесно да се наследи таков модел, особено во денешната автомобилска клима, но дали Austral успева во тоа? Да, секако. Целото искуство на Renault е преточено во него, а многу зборува и фактот дека новиот Espace е всушност Austral со подолго меѓуоскино растојание и 7 седишта.

Новите мотори, новите технологии, врвниот дизајн и практичната кабина се одлични аргументи за Austral и сигурни сме дека новиот SUV успешно ќе го наследи Kadjar.

Спецификации

Модел: Renault Austral 1.3 MHEV 160 Techno Esprit Alpine
Мотор: 1.3-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, MHEV
Моќност: 160 коњски сили / 5250 вртежи во минута
Вртежен Момент: 270 Nm / 1800 вртежи во минута
Менувач: X-tronic CVT, 8 симулирани брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.7 секунди
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4510 mm
Ширина: 2083 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1644 mm
Тежина: 1464 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2667 mm
Багажен Простор: 500 – 1525 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Renault Austral 1.3 MHEV 140 Equilibre – 35.340 Евра
Цена на тестираниот модел: Renault Austral 1.3 MHEV 160 Techno Esprit Alpine – 49.340 Евра
Повеќе Информации: Renault.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.