ПРЕМИЕРА: Новиот Renault Espace е голем SUV со 7 седишта – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Renault Espace е голем SUV со 7 седишта

Новиот Espace е всушност продолжена и дискретно-изменета верзија на Austral, новиот SUV на Renault.

Со новиот Espace, Renault ги отфрла сите примеси на миниван кои гордо ги носеа досегашните генерации и цврсто се концентрира на тоа да понуди голем, просторен и практичен SUV. Интересно, новиот Espace е 14 сантиметри пократок и импресивни 215 килограми полесен од моделот кој го заменува, но затоа нуди попросторен трет ред седишта. Во зависност од конфигурацијата (можете да го нарачате Espace и само со пет седишта) багажниот простор варира меѓу 159 и 777 литри.

Сега за сега, од Renault пристигнаа информации само за една погонска опција – односно фул-хибриден погон кој комбинира 1.3-литарски турбо-бензинец со два електромотори. Бензинецот испорачува 132 коњски сили и 205 Nm вртежен момент, додека од примарниот електромотор добива дополнителни 70 коњски сили и 205 Nm вртежен момент. Вториот електромотор функционира како стартер-генератор и испорачува дополнителни 25 коњски сили и 50 Nm вртежен момент. Од Renault кажуваат дека комбинирано, на возачот му стојат на располагање 200 коњски сили.

Перформансите се повеќе од задоволителни – 100 километри на час пристигнуваат за 8.8 секунди а максималната брзина е 175 километри на час. Она што е импресивно е ниската потрошувачка – од Renault кажуваат дека хибридниот погон троши само 4.6 литри на 100 изминати километри.

Во однос на технологиите, новиот Espace навистина има што да понуди. Дури и основните модели добиваат 12.3-инчен дигитален инструмен панел и 12-инчен централен дигитален дисплеј, а дополнително може да се нарача и 9.3-инчен хед-ап дисплеј. Истовремено, Espace добива и управување на задните тркала што ја подобрува маневрабилноста во градски услови односно ја подобрува стабилноста на отворен пат. Ќе можете да го добиете со 19 или 20-инчни тркала, а ќе можете да нарачате и огромен стаклен кров и уште грст други додатоци.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Renault 5 E-Tech е електричен Ренолуционер!

Нарачките ќе започнат оваа пролет а првите примероци се очекуваат наскоро во салоните.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.